Поднесено обвинение за обид за тешка кражба во спортската сала на средното училиште „Никола Карев“

Скопје, 17 Април 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице, кое се товари дека се обидело да изврши кривично дело – Тешка кражба, предвидено и казниво согласно член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 12.12.2018, во гардеробата на спортската сала при СУГС „Никола Карев“, на дрзок начин се обидел да одземе туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои. Имено, тој влегол во соблекувалната во која биле оставени облека, лични предмети и торби на посетителите и започнал да претура во внатрешноста на една од торбите. Во тој момент во соблекувалната дошла оштетената која го затекнала. Обвинетиот се упатил кон неа, ја оттурнал од вратата на соблекувалната кон скалите и избегал.

По неговото лишување од слобода, на обвинетиот со Решение на судија на претходна постапка од  11.04.2019 година му беше определена  мерка притвор во траење од осум дена. Ценејќи дека и натаму постои реална опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, надлежниот јавен обвинител до судот достави и Предлог за продолжување на притворот за обвинетото лице.

15 total views, 1 views today