Соопштенија

Финансиските истраги – тема на работна посета во Врховното државно обвинителство на Република Словенија

Делегација на Република Северна Македонија предводена од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески од 4 до 7 јуни престојуваше во работна посета на Република Словенија .

Целта на посетата беше да се добие увид во функционирањето на словенечкиот систем за финансиски истраги особено во однос на успешната конфискација на имот стекнат на нелегален начин.

Во рамки на посетата Јовески оствари средба со Драго Шкета, Генерален јавен обвинител на Република Словенија, со кого размени искуства во поглед на развојот на финансиските истраги  и одземањето на имотна корист од сторени кривични дела при борба со организираниот криминал.

Посетата се реализираше во рамките на програмата за меѓународна развојна соработка на Република Словенија, организирана од словенечкиот Центар за европска перспектива.

Освен Јовески, во делегацијата учествуваа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и претставници на Царинската управа на Република Северна Македонија, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи и Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Како дел од посетата, претставниците на сите овие институции потпишаа и Заеднички насоки за финансиски истраги во Република Северна Македонија.