Скопјанец осомничен за две разбојништва

Скопје, 09 Август 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно 26-годишно лице осомничено дека сторило две кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 5 август влегол во просториите на финансиското друштво „М КЕШ“ ДООЕЛ во трговскиот центар „Палома Бјанка“ и со звучно-сигнален пиштол марка „Екол“ и се заканил на вработената. Потоа се упатил зад работното биро и од фиока го одзел дневниот промет од 21.400 денари, па го напуштил местото.

На 8 август, на сличен начин влегол во просториите на финансиското друштво „Тиго Фајнанс“ на улица „Ѓорче Петров“, го извадил сигналниот пиштол, го репетирал и се заканил на две вработени кои во моментот биле во објектот. Притоа одзел 242.600 денари со намера противправно да ги присвои.

Бидејќи ценеше дека постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи да определи мерка притвор за осомниченото лице.

16 total views, 1 views today