Соопштенија

Поведена постапка за едно лице за тешки дела против општата сигурност

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело  – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 3 септември, во кругот на еден деловен субјект, на булеварот „Србија“ во Скопје, со пожар предизвикал значителна опасност по животот и телото на две лица и поголема имотна штета.

Имено, тој наточил бензин во пластично шише од блиската бензинска пумпа и се упатил до правното лице. Притоа се доближил до паркираниот автомобил БМВ X6 во сопственост на управителот на правното лице, го полеал со бензин и со запалка го запалил. Оштетените  се обиделе со противпожарни апарати да го локализираат пожарот, но не успеале во тоа.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави Предлог за определување мерки на претпазливост за осомниченото лице – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува повремено кај определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетениот управител на правното лице.