Поднесено обвинение за разбојништво во Скопје

Скопје, 11 Септември 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице на возраст од 36 години, за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 17 јули се приближил до сендвичарница на кејот на Вардар во центарот на Скопје, извадил пиштол, го репетирал и со него им се заканил на две оштетени, барајќи да му ги дадат парите од дневниот промет. Едната оштетена избегала, успеала да влезе во сендвичарницата и да се заклучи од внатре. Обвинетиот ја фатил за рака другата оштетена која останала надвор, и го вперил пиштолот во главата, ја турнал и и се заканувал дека ќе ја убие доколку не му даде пари. Потоа почнал да ја претресува по џебовите, од каде нашол и одзел само 10 денари. Се обидел да влезе во сендвичарницата, но не успеал да ја отвори вратата, па испукал еден проектил од пиштолот во земја и се дал во бегство во правец кон Бит Пазар. Спроти трговскиот центар „Мавровка“ тој бил совладан и лишен од слобода од страна на полициски службеници.

Кај обвинетото лице бил пронајден пиштолот GAP со калибар од 9мм, со кој им се заканувал на оштетените дека непосредно ќе нападне врз нивниот живот или тело.

Ценејќи дека и натаму се исполнети законските основи, односно дека постојат околности кои го оправдуваат стравот дека обвинетиот ќе се даде во бегство или ќе го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.

11 total views, 1 views today