Соопштение

Скопје, 26 Септември 2019

Во поглед на поднесениот Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик со кој обвинетиот се товари дека на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна, Основното јавно обвинителство Скопје ги дава следните појаснувања заради правилно информирање на јавноста:

Кривичното дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик го сторува тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците кои претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице.

Според став 4 од истиот член на Кривичниот законик, како службена тајна се сметаат податоците или документите што со закон, со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се прогласени за службена тајна и чие откривање има или може да има штетни последици за службата.

Според член 289 од Законот за кривична постапка, сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител се сметаат за тајна.

Во конкретниот случај обвинението беше поднесено бидејќи со објавувањето на првата страница од Записникот за прием на кривична пријава изготвен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на интернет порталот www.infomax.mk на јавноста и беа сторени достапни податоците што претставуваат службена тајна. Со Записникот за прием на кривична пријава се поведува предистражната постапка и тој записник претставува составен дел од предметот и од обвинителските списи кои што се службени по својата природа. Затоа со објавувањето на записникот е постапено спротивно на член 289 од Законот за кривична постапка.

Јавното обвинителство, како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела, согласно својата уставна и законска положба, е обврзано да ги гони сите сторители на кривични дела за кои се обезбедени докази на законит начин, како што тоа е направено во конкретниот случај.

Јавното обвинителство, тргнувајќи од уставната и законската поставеност, во целост го почитува начелото на транспарентност за сите предмети кои се од интерес на јавноста и редовно известува за тековното постапување во тие предмети. Но, притоа Обвинителството во целост ги почитува уставно и законски загарантираните права и на осомничените, и на оштетените, како и на сите други учесници во кривичната постапка. Со информирањето за обвинителското постапување не е дозволено да се прекршуваат законските прописи и да се нарушуваат правата на странките во постапката.

39 total views, 1 views today