Основното јавно обвинителство – Куманово донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и Предлог за одредување на мерка – Притвор против двајца државјани на Република Полска

Скопје, 17 Ноември 2014

На ден 11.11.2014 година, на граничниот премин Табановце, при контрола на патничко возило со полски регистарски ознаки, на излез од Република Македонија, од страна на овластени службени лица од Царинската управа на Република Македонија, во посебно направено дупло дно, во задниот браник од возилото, пронајдени се 45 пакетчиња наркотична дрога со вкупна нето маса од 13.830 грама наменета за продажба. Дрогата и возилото се одземени од страна на овластени службени лица од Царинската управа.

Постапувајќи по поднесената кривична пријава од Царинската управа на Република Македонија, дека двајцата полски државјани сториле кривичнo делo – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 в.в.со чл.22 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител од Основното jавно обвинителство – Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка. Со оглед на тоа дека се исполнети условите од чл. 165 ст.1 т. 1 од Законот за кривична постапка, односно дека за непречено водење на кривичната постапка е неопходен притвор и дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основен суд – Куманово, поднесе Предлог за определување на мерка – Притвор.

Постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител, на осомничените им определена мерка притвор во траење од 30 дена.

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

494 total views, 1 views today