Јавното обвинителство во Македонија од Османлиско царство до Втората светска војна

За време на Османлиското царство судски органи што ги решавале споровите помеѓу населението врз основа на шеријатското право биле кадиите. Македонскиот народ немал доверба во кадијата и го гледал како наметната фигура,  но заради побрзо и поефтино решавање на спорот, честопати своите проблеми ги доверувал на некој од угледните граѓани, односно селските кметови.

Зачетоците на самоорганизирање на државните институции во Македонија започнуваат кон крајот на XIX век и почетокот на XX век, со засилување на идејата за автономија. Така, на Смилевскиот конгрес одржан од 2-7 мај 1903 година бил донесен „Востанички дисциплински устав“, со кој биле определени правата и должностите на Главниот штаб, реонските штабови, војводите и востаниците. По одржувањето на Смилевскиот конгрес, Главниот штаб пристапил кон реорганизирање на дотогашните неподвижни тела и префрлање на власта врз градските и горските тела, на секоја група од 20 до 50 луѓе се назначувал војвода кој бил овластен да ги решава споровите.

За време на Крушевската Република која била поставена на демократски и републикански принципи, првата задача на револуционерната власт била избор на револуционерни органи. Штабот ја претставувал воената власт во градот, а за избор на други органи било свикано собрание на истакнати граѓани, кое всушност го претставувало Советот на Републиката како највисок орган. Во формираната Влада, секој член вршел определена функција, Претседателот бил одговорен за судството, а останатите членови за различни ресори. Како помошни тела биле формирани комисии. Судските функции ги извршувал специјално избран Воен (Револуционерен) суд.

По балканските војни и првата Светска војна, територијата на Република Македонија припаднала на кралството Србија. Во тој период уредување на судството во Македонија било врз основа на законите на кралството Србија, односно „Уредбата за уредување на судовите и судските постапки“ со која во секој округ бил формиран по еден окружен суд и врз основа на Видовденскиот устав од 1921 година и октроисаниот устав од 1931 година судиите биле назначувани од кралот по предлог на министерот за правда.

Пред Втората светска војна за целата територија Југославија имала единствен кривично – процесен систем уреден со Законот за кривичната постапка од 1929 година, кој по сите главни особини и принципи наликувал на современите буржоаски правосудства. Покрај овој општ процесен закон постоел и посебен Закон за заштита на јавната безбедност и државниот поредок што го изразувал посебно материјално – кривичното право, а за неговото извршување била пропишана специјална кривична постапка. Во поглед на кривичните дела од Законот за заштита на јавната безбедност и државниот поредок истрагата била одземена од надлежност на редовните судови и доверена на Управата на градот Белград како истражен орган за целата земја. Оваа Управа во практика вовела систем на сурово мачење заради изнудување на искази. За судење на овие кривични дела постоел специјален суд – Суд за заштита на државата пред кој одбраната на обвинетите им била ограничена, обвинетите немале право на жалба и пресудите веднаш се извршувале.

290 total views, 1 views today