Јавното обвинителство во Република Македонија во состав на СФРЈ Југославија

Зародишот на јавното обвинителство се идентификува уште во текот на народноослободителната борба во иследничката служба. Врз основа на Уредбата за воени судови на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ донесена на 24 мај 1944 година,  како на целата територија на Југославија, така и при Главниот штаб на НОВ и ПОМ, за територијата на Македонија, биле организирани воени судови кои суделе во Совет од три члена, од кои едниот бил воен иследник. Воениот иследник во текот на истрагата работел како истражен орган, а по завршувањето на истрагата како обвинител. Тој ги поднесувал и застапувал обвиненијата на главниот претрес, а имал и овластување да бара од пониските иследници да преземаат одредени истражни дејствија и да го известуваат за резултатот од истите.

Една од најзначајните одлуки на Првото заседание на АСНОМ (2.08.1944) е Решението за негово основање во врховно законодавно и извршно претставничко (народно) тело на Македонскиот народ и на Македонската држава како федерална држава во рамките на федеративна Југославија. Председателството на АСНОМ вршело функција на привремена Влада во рамките на која имало Одделенија, кои непосредно потоа станале Поверенства.  Поверенството за судството, како управен орган,  имало задача да изврши нормативно-правни и организационо-кадровски подготовки за основање на народните судови. До крајот на 1944 година биле организирани судски оддели во обласните и општинските Народно-ослободителни Одбори, а било во тек и изготвување на Закон за устројство на редовните судови, според кој требало да има повеќе околиски судови, три обласни, еден Апелационен суд и еден Касационен суд.

Јавното обвинителство на Федеративна Република Македонија формално било формирано на 31 март 1944 година кога е именуван Главниот прокурор – обвинител на Македонија – Петар Коробар кој набргу ќе биде избран за помошник на Јавниот обвинител на ФНРЈ и на негово место ќе биде избран Кирил Миљовски.

Организацијата на Јавното обвинителство на Македонија, како строго централизирана институција, била идентична на организацијата на судовите во Македонија. Околиските обвинителства постапувале пред околиски судови, а обласни обвинителства биле со седиште во обласните судови во Битола, Скопје и Штип. Во својата организација обвинителствата имале Одделенија – кривично, граѓанско и за општ надзор, како и реферат за државна безбедност со кои раководеле Заменици јавни обвинители. Во тоа време дипломирани правници имало во Јавното обвинителство на Македонија и во обласните јавни обвинителства, додека во околиските јавни обвинителства биле именувани лица со завршено друго високо или со средно образование.

Јавното обвинителство како уставна категорија – специфичен контролен орган на Народното Собрание на ФНРЈ, е утврдено на 31 јануари 1946 година, со донесувањето на Првиот Устав на Федеративна Народна Република Југославија. Со донесувањето на федералниот Закон за Јавното обвинителство (2.07.1946) поконкретно се дефинира јавното обвинителство како орган на Народното Собрание на ФНРЈ, чија задача е да го штити државниот и општествено – економскиот систем на ФНРЈ и да ја зацврсти законитоста. Јавниот обвинител раководел со иследувањето односно со увидот и истрагата, подигнувал обвинение и истото го застапувал пред надлежниот суд за сите кривични дела кои се гонеле по службена должност, но имал право и да учествува во кривичната постапка за кривични дела што се гонеле по приватна тужба, доколку оценел дека со тоа ќе го заштити јавниот интерес или одредена личност.

Јавниот обвинител на ФНРЈ бил на чело на Јавното обвинителство, него и неговите заменици ги избирало и разрешувало Народното Собрание на ФНРЈ. За својата работа Јавниот обвинител на ФНРЈ одговарал пред Президиумот на Народното Собрание на ФНРЈ. Сите органи на државната управа му биле подредени на Јавниот обвинител на ФНРЈ.

Јавните обвинители на федералните единици (Народни Републики) вклучително и Македонија, ги именувал и разрешувал Јавниот обвинител на ФНРЈ. Пониските јавни обвинители и нивните заменици (обласните, окружните, градските и околиските) ги именувал и разрешувал Јавниот обвинител на Народната Република, по претходна согласност од Јавниот обвинител на ФНРЈ.

Првиот Устав на Народна Република Македонија од 1947 година[1] содржи посебна глава – XI Јавно обвинителство. Во оваа глава, предвидено дека јавните обвинители се независни во својата работа и се потчинети само на Јавниот обвинител на ФНРЈ и на повисоките јавни обвинители; Јавниот обвинител на Народна Република Македонија и неговите заменици ги именува и разрешува Јавниот обвинител на ФНРЈ, а окружните и околиските јавни обвинители ги именува и разрешува Јавниот обвинител на Народна Република Македонија со потврда на Јавниот обвинител на ФНРЈ; надзорот на правилното исполнување на законите од страна на сите министерства на Народна Република Македонија и на нив потчинетите управни органи и установи, како и одделни службени лица и сите граѓани на територијата на Народна Република Македонија го врши Јавниот обвинител на ФНРЈ непосредно или преку Јавниот обвинител на НРМ; јавните обвинители, со одредбите на Законот, имаат право да подигаат тужба и жалба, право на законска интервенција во текот на судската и управната постапка, право на кривично гонење, како и право да подигаат барање за заштита на законитоста против правосилни решенија на судовите и на управните органи.

Уставниот Закон на Федеративна Народна Република Југославија од 1953 година, Јавното обвинителство го дефинира како државен орган што врши функцијата на кривично гонење и други права и должности определени со Закон, самостојно, но и по насоките на Сојузниот извршен совет. Покрај претходно утврдените надлежности, со овој Закон обвинителството било овластено да учествува во откривање на кривични дела и пронаоѓање на нивните сторители и прв пат било предвидено гонењето на извршителите на стопанските престапи како нови казниви дела. Од надлежност на Јавното обвинителство била изземена истрагата, така што дел ја водел органот за внатрешни работи, а дел – судот. Новина било и воведувањето на супсидијарната тужба како контролен механизам на кривичното гонење на јавниот обвинител.

Законикот за кривичната постапка од 1953 година повторно ја воспоставува институцијата истражен судија и ги ограничува функционалните овластувања на јавниот обвинител. Со цел да се зајакнење гаранциската процесна улога на судијата, кривична постапка била доверена исклучиво на судовите, односно иницијативата за покренување на кривичната постапка била препуштена на јавниот обвинител, а одлуката за започнување на постапката е доверена на истражниот судија. Некои елементи од поранешниот систем биле задржани, така, судската истрага била предвидена само за тешки кривични дела за кои била пропишана казна затвор над 15 години, а за останатите предмети, само врз основа на резултатите на полициските истраги, јавниот обвинител можел дазаснова обвинителниот акт. Органите за внатрешни работи имале обврска да го известат јавниот обвинител за мерките и информациите за одреден кривичниот предмет кој е од интересот за јавниот обвинител како орган на кривичното гонење.

Законот за Јавното обвинителство[2] го дефинира Јавното обвинителство како државен орган кој ја извршува функцијата на кривично гонење и дека основни права и должности на Јавното обвинителство се гонењето на сторителите на кривични дела и сторителите на стопански престапи. Јавното обвинителство работело врз принципите на официјалност, легалитет, објективност и непристрасност. Јавниот обвинител бил должен по службена должност, независно од волјата на некој друг, да покренува извиди, подигнува и застапува обвиненија пред судовите и да презема дејствија на кривично гонење, но и да се откаже од кривичното гонење веднаш штом му стане јасно дека со правилната примена на законот, не може да очекува осудителна пресуда. Јавното обвинителство имало овластување на друг државен орган, да предложи поништување или укинување на решенија и други акти донесени вон управната постапка, за кои смета дека се незаконити односно е повреден општиот интерес.

Државните органи биле должни да му укажуваат правна помош на јавното обвинителство.

Јавните обвинители имале обврска да примаат предлози, изјави и известувања од граѓаните и да преземаат сооддветни дејствија, при што јавното обвинителство преку суд или друг овластен државен орган , ја утврдувало фактичката состојба, но можело и непосредно да бара изјави и известувања од граѓаните заради обезбедување и остварување на нивните права и интереси.

Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од 1963 година, Јавното обвинителство го дефинира како самостоен орган кој го врши кривичното гонење и презема мерки и правни средства определени со закон заради единствена примена и заштита на законитоста.[3] Со Законот за јавното обвинителство од 5 февруари 1965 година Јавното обвинителство, од орган на Сојузниот извршен совет станало самостоен орган на Сојузното Народно Собрание.

Со Законот за кривична постапка од 1967 година истрагата била во исклучива надлежност на судовите, со целосно изземање на органот за внатрешни работи. Резултатите од полициските истраги можеле да послужат само како основа за одлуките на јавниот обвинител и начелно не можеле да се користат како доказ во судската постапка. Организационите принципи, како и надлежностите на  Јавното обвинителство во овој период останале исти, но добило и ново овластување – да ги следи и проучува општествените односи и појави што се од значење за остварување на неговата функција. Со ваквото овластување Јавното обвинителство станало не само репресивен, туку и превентивен орган.

За прв пат бил воведен мандат за носителите на функцијата со траење од 8 години со можност за повторно именување.Сојузниот јавен обвинител бил именуван и разрешуван од Сојузното Собрание на предлог од Сојузниот извршен совет. Сојузниот јавен обвинител ги назначувал и разрешувал Републичките јавни обвинители во согласност со Републичките извршни совети. Со Уставните амандмани од 1967 година Републичкиот јавен обвинител го именувало и разрешувало Републичкото Собрание. Пониските јавни обвинители и нивните заменици ги назначувал и разрешувал Републичкиот јавен обвинител во согласност со Собранието на соодветната општествено – политичка заедница.

Новата концепција за поделба на надлежности меѓу федерацијата и републиките со нагласен акцент на државноста на републиките е воведена со Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од 1974 година. Во рамките на концептот истиот бил применет и на функцијата на јавното обвинителство на кое Уставот му посветил само две одредби со кои ја дефинира функцијата и надлежностите, а сите други прашања ги препуштил во законодавна надлежност на републиките.

Според Уставот, Јавното обвинителство ја вршело својата функција врз основа на Уставот и законите, а во согласност со политиката утврдена со општите акти на собранијата на општествено – политичките заедници. Јавните обвинители, за својата работа давале извештај пред собранијата на општествено – политичките заедници, ги следеле и проучувале појавите и односите и давале предлози за спречување на општествено опасните и штетни појави, се во насока на зацврстување на законитоста, општествената одговорност и социјалистичкиот морал.

Јавното обвинителство на Социјалистичка Република Македонија со Законот за јавното обвинителство на СРМ[4]., било дефинирано како самостоен државен орган што ги гони сторителите на кривичните и други со закон определени казниви дела, презема со закон определени мерки за заштита на интересите на општествената заедница и вложува правни средства заради заштита на уставноста и законитоста. Својата функција ја вршело врз основа на Уставот и законите, а во согласност со политиката утврдена со општите акти на Собранието. Во рамките на својот делокруг имало право и должност да го известува Собранието за примената на законите и за својата работа,  обврска да ги следи и проучува општествените односи и појави од интерес за остварувањето на неговите функции и на собранието на општината односно на Собранието на Социјалистичка Република Македонија и на другите државни органи и на самоуправните организации и заедници да им дава предлози за спречување на општествено – опасните и штетните појави и за зацврстување на законитоста, општествената одговорност и социјалистичкиот морал; вон функцијата на кривично гонење имало право и должност да презема дејствија во процесната, вонпроцесната, извршната, управната и во други постапки. Покрај оваа обврска, Јавното обвинителство имало можност преку средствата за јавно информирање да ја известува јавноста за состојбата на криминалитетот и за другите проблеми и појави од општо значење забележани во текот на работата, а исто така можело да ја информира јавноста и заинтересираните лица и за одделни случаи по кои постапувало.

Функцијата на јавното обвинителство во рамките на правата и должностите на Републиката, ја вршел јавниот обвинител на Македонија – вложувал правни средства за кои бил овластен со закон во работите за кои бил надлежен Врховниот суд на Македонија, поведувал постапка пред Уставниот суд на Македонија и Уставниот суд на Југославија за оценување на уставноста и законитоста на прописи, општи акти и самоуправни општи акти кога ќе се поставело прашање за нивната уставност и законитост; до Сојузното јавно обвинителство и другите републички односно покраински јавни обвинителства иницирал форми на договарање заради заземање на заеднички став по прашања од интерес за примена на закон и слични прашања. Функцијата на Јавното обвинителство во Република Македонија ја извршувале 22 општински јавни обвинителства, 3 окружни јавни обвинителства во Битола, Скопје и Штип и Јавното обвинителство на Македонија.

 Јавниот обвинител на Републиката го именувало Собранието на Социјалистичка Република Македонија. Замениците на Јавниот обвинител на Републиката, како и Окружните јавни обвинители и нивните заменици ги именувало и разрешувало Собранието на Социјалистичка Република Македонија, по претходно прибавено мислење од Јавниот обвинител на Македонија. Општинските јавни обвинители и нивните заменици ги именувале и разрешувале од должност Собранијата на општините, по претходно прибавено мислење од Јавниот обвинител на Македонија.

Јавниот обвинител го претставувал јавното обвинителство, раководел со неговата работа и вршел други права и должности во согласност со Законот за јавното обвинителство или друг закон или општ акт на јавното обвинителство. Тој имал еден или повеќе заменици. Заменикот на јавниот обвинител можел да ги врши сите дејствија во постапката пред судот и пред другите државни органи за кои според законот бил овластен јавниот обвинител. Бројот на замениците на јавниот обвинител го одредувало надлежното собрание на општината односно Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Мандатот на носителите на функциите бил определен на осум години со можност да бидат реименувани. Подоцна одредбите за траењето на мандатот на јавните обвинители претрпеле измени со кои мандатот на јавните обвинители бил определен на четири години со можност уште еднаш да бидат реименувани, а на замениците на јавните обвинители во сите степени – на Македонија, Окружните и Општинските, мандатот останал ист во траење од осум години без ограничување за нивно реименување.


[1] „Службен весник на НРМ“ бр.1/47

[2] Закон за јавното обвинителство, Сл. лист на ФНРЈ бр.51/1954, чл.1

[3] чл.142 од Уставот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од 1963 година

[4] Законот за јавното обвинителство на СР Македонија е објавен во „Службен весник на СРМ“, бр.10/76

520 total views, 1 views today