Јавното обвинителство на Република Македонија од осамостојувањето до денес

Како резултат на референдумот и изразената волја и подготвеност на граѓаните на Социјалистичка Република Македонија да чекорат самостојно, со прогласување на новиот Устав  од 17 ноември 1991 година, Република Македонија се конституира како самостојна, суверена, демократска и граѓанска држава чиј темелни вредности се базираат на начелото на владеење на правото и заштита на човековите слободи и права.

Во Уставот, на  Јавното обвинителство на Република Македонија како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела се посветени две одредби (чл. 106 и 107) според кои прераснува во најзначаен државен орган во правец на остварување и заштита на темелните вредности на новиот уставен концепт. Согласно член 106 од Уставот на Република Македонија јавното обвинителство е дефинирано како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон. Истиот член го одредува и именувањето и разрешувањето на Јавниот обвинител од страна на  Собранието за време од шест години.

Другата одредба од Уставот (член 107) се однесува на уживањето на  имунитет на Јавниот обвинител за кој одлучува Собранието и неспоивоста на функцијата јавен обвинител со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Со Законот за јавното обвинителство од 1992 година беше уредено основањето на јавните обвинителства, нивната организација и надлежност, подрачјата во кои постапуваат и седиштата на јавните обвинителства, како и условите и постапката за именување и разрешување на јавните обвинители и нивните заменици. Јавното обвинителство е дефинирано согласно уставната дефиниција како единствен и самостоен државен орган што ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела и врши други работи утврдени со закон.

Согласно овој закон функцијата на јавното обвинителство ја врши јавниот обвинител на Република Македонија, јавниот обвинител на вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител на основното јавно обвинителство. Јавниот обвинител можел да има еден или повеќе заменици чиј број го определувало Собранието на Република Македонија. Сите јавни обвинители и нивните заменици ги именувало Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија по прибавено мислење од јавниот обвинител на Република Македонија за време од шест години, со можност за повторно именување. Согласно Законот функцијата јавен обвинител и заменик јавен обвинител била неспојлива со функција пратеник, односно одборник, како и со функциите во органите на Републиката, општините и градот Скопје и не можеле да вршат политичка функција и да членуваат во политичка партија или во друго политичко здружение.

Јавните обвинители за својата работа и за работата на соодветното јавно обвинителство му одговарале на Собранието на Република Македонија, а замениците јавни обвинители на јавниот обвинител и на Собранието на Република Македонија. Јавните обвинители и замениците уживале имунитет. Тие не можело да бидат повикани на одговорност или да бидат притворени за искажано мислење во вршењето на функцијата, а без одобрение на Собранието на Република Македонија не можеле да бидат притворени, освен ако биле затечени во вршење на кривично дело за кое била пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Согласно Законот, средствата за работа на јавните обвинителства се обезбедувале од Републичкиот буџет.

Со овој закон биле укинати воените обвинителства, кои пријавите и предметите требало да им предадат на понатамошно постапување на надлежните јавни обвинителства.

На ист начин и Законот за јавното обвинителство од 2004 година  ја пропишува функцијата на јавното обвинителство односно дека согласно овој закон, јавното обвинителство своите функции ги врши врз основа и во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Според овој закон јавното обвинителство е организирано според принципите на хиерархија и субординација како Јавно обвинителство на Република Македонија, Вишо јавно обвинителство и Основни јавни обвинителства.

Јавното обвинителство на Република Македонија е основано за целата територија на Република Македонија и постапува пред Врховниот суд. Трите виши јавни обвинителства во Битола, Скопје и Штип, постапуваат пред апелационите судови, додека 22 Основни јавни обвинителства постапуваат пред еден или повеќе основни судови.

Вишиот јавен обвинител за својата работа бил одговорен пред  Јавниот обвинител на Република Македонија и пред Собранието на Република Македонија, Основниот јавен обвинител пред вишиот јавен обвинител,  Јавниот обвинител на Република Македонија и пред Собранието на Република Македонија, а заменикот на јавниот обвинител за својата работа одговорал пред соодветниот јавен обвинител и пред Собранието на Република Македонија. Повисокото јавно обвинителство имало овластување да врши надзор над работата на пониските јавни обвинителства преку преглед на списите по предметите и на друг начин.

Законот за јавното обвинителство пропишува обврска Јавното обвинителство на Република Македонија да изготвува Годишен извештај за работата на сите јавни обвинителства и истиот да го  поднесува на разгледување до Собранието на Република Македонија, до Владата на Република Македонија како материјал за информирање и до Министерството за правда.

Согласно одредбите од Законот, во Јавното обвинителство на Република Македонија е основано Одделение за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата.

Со овој закон заради спроведување на постапката за именување, разрешување и утврдување на одговорноста во извршувањето на функцијата на јавните обвинители и замениците јавни обвинители, е предвидено и основање на Советот на јавните обвинители.

Начинот на извршување основната функција на јавниот обвинител – гонење на сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела, овластувањата и должностите освен со Законот за јавното обвинителство, се пропишани и со Законот за кривичната постапка според кој основно право и должност на јавниот обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела, тој е овластен тужител за дела за кои се гони по службена должност или по предлог на оштетениот и е должен да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, освен ако со овој закон не е определено поинаку. Во остварувањето на оваа функција јавниот обвинител ги има сите овластувања на Министерството за внатрешни работи и другите државни органи,  односно да ја насочува работата на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и во другите надлежни државни органи за преземање потребни мерки за откривање на кривични дела и нивните сторители, во предистражната постапка имаше овластувања да раководи со неа, да издава наредби за примена на посебните истражни мерки и да ги има на располагање овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа, во истражната постапка да презема дејствија и да одлучува за преземање или продолжување на кривичното гонење за сторителите на кривични дела,  да поднесува и застапува обвиненија пред судовите преземајќи ги сите процесни дејствија во рамките на таа негова основна функција.

Во рамките на меѓународните договори Јавното обвинителство на Република Македонија било овластено да остварува непосредна соработка со јавни обвинителства од другите држави, особено на планот на спречување и гонење на организираниот криминал и други тешки форми на криминал.

Во 2005 година е донесен Амандманот ХХХ со кој се пропишува квалитативно нов начин на регулирање на прашањето на вршителите на функцијата на јавното обвинителство изземајќи ги  заменици јавни обвинители во структурата на јавното обвинителство. Дефиницијата на јавното обвинителство и неговата функција остануваат исти.

Заради усогласување со Амандманите и имајќи ја предвид обврската за хармонизација на нашето законодавство, како и  определбата на Република Македонија за интегрирање во евроатланските структури, се наметна потреба од донесување на нов Закон за јавното обвинителство (2007)во кој ќе се вградат одредбите од уставните и меѓународните стандарди од оваа област.

Новиот Закон за јавното обвинителство, обезбеди унапредување и зајакнување на позицијата на јавниот обвинител во системот на кривичната правда; зајакнување на самостојноста на носителите на функцијата и надградување на самостојната позиција согласно со Уставот на Република Македонија; вградување на Препораките на Комитетот на министри во однос на улогата на јавниот обвинител во кривично-правниот систем; унапредување на статусот на обвинителите и позицијата во правосудниот систем и, како особено битно, зголемување на капацитетите на јавното обвинителство во справувањето со организираниот криминал и корупцијата.

Во однос на организацијата на јавното обвинителство  се задржува постојната организациона поставеност. Новина е што следејќи ја организацијата на судството, односно формирањето на Апелационен суд во Гостивар,покрај трите виши јавни обвинителства (Битола, Скопје и Штип), се основа и Вишо јавно обвинителство во Гостивар, како и формирање на посебно јавно обвинителство за постапување по предмети сврзани со организираниот криминал и корупцијата што предходно беа во надлежност на Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата при Јавното обвинителство на Република Македонија.

Значајна одредба од законот која го гарантира високото ниво на стручност на јавните обвинители е обврската Вишиот јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, јавните обвинители во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основните јавни обвинители на основно јавно обвинителство да се избираат од редот на јавните обвинители во Република Македонија, во постапка и на начин како што се врши избор на јавен обвинител во соодветното јавно обвинителство.

Со новиот Закон за кривичната постапка од 2010 година,  се зацврстува улогата на јавниот обвинител во борба против сторителите на кривични дела кои се гонат по службена должност – јавниот обвинител добива раководна улога во предистражната постапка, а истражната постапка ја спроведува сам, при што се  грижи за правата на жртвите на кривичните дела,  особено за правата на ранливи категории жртви.

709 total views, 2 views today