СООПШТЕНИЈА

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет за загинувањето на планинарите на Кајмакчалан

Скопје, 21 Февруари 2018

Основното јавно обвинителство Скопје постапува за расветлување на настанот на планинскиот врв Кајмакчалан, во кој животот го загубија двајца македонски планинари.

Надлежен јавен обвинител издаде Наредба до Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за насилен криминал за да се извршат проверки во Федерацијата на планинарските спортови на Македонија по однос на тоа кој, кога и како ја организирал планинарската експедиција, кои се потребните услови за таква организација и дали тие биле исполнети, како и други околности.

Во исто време, издадена е Наредба да се направат проверки и во планинарското друштво „Трансверзалец“ – Скопје, нивните акти и одлуки врз основа на кои се организираат планинарските експедиции, потребните услови што треба да се исполнат, како и околностите под кои се спроведувало искачувањето на Кајмакчалан.

По Наредба на надлежниот обвинител треба да бидат обезбедени и листинзите на појдовни и дојдовни повици од мобилните телефони на починатите планинари.

31 total views, 4 views today

Соопштение

Скопје, 20 Февруари 2018

Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство Велес  ја известуваат јавноста дека активно преземаат дејствија за утврдување на фактите во врска со случајот на штитеничката од ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје.  Имајќи предвид дека  постои јавен интерес за настаните поврзани со девојчето, а по кои постапуваат овие обвинителства, Јавното обвинителство истакнува дека информациите кои можат да се споделат во моментов се само оние кои нема да ја повредат тајноста на постапката согласно член 289 од Законот за кривичната постапка и одредбите од Глава 16 од Законот за правда за децата, која се однесува на заштита на детето како оштетено или сведок во кривичната постапка.

Во Основното јавно обвинителство Скопје се оформени предмети  по писмени известувања поднесени од Министерството за внатрешни работи по кои обвинителството постапува. Доставена е Наредба за проверка на наводите  од пријавите и за организацијата и работењето во установата. Повикани се и се врши сослушување на повеќе лица кои можат да придонесат кон утврдување на фактите  и за кривичната одговорност. Во врска со последните информации кои се однесуваат на поголем број штитеници од установата, Обвинителството достави  писмено барање до Министерството за труд и социјална политика со цел прибирање на потребни податоци.

Во Основното јавно обвинителство Скопје е отворен и предмет по поднесена кривична пријава од страна на родителите на девојчето, преку адвокат, против лица вработени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје,  а за сторени кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Велес постапува по предмет за кој веќе во јавноста беа објавени детали. По применото известување, обвинителството веднаш издаде Наредба за телесен преглед до Институтот за судска медицина. Во текот на вчерашниот ден до Обвинителството од страна на Министерството за внатрешни работи е пристигната кривична пријава против конкретен сторител. Постапката интензивно ќе продолжи со расветлување на настанот се до донесување на јавнообвинителска одлука.

Ве известуваме дека сериозно и со големо внимание се следат случувањата поврзани со штитениците од воспитно-поправните установи и целосно се придржуваме во напорите за институционално решавање на проблемот во насока за идно превентивно делување и спречување на девијантните појави, особено оние во кои се децата како жртви. Јавното обвинителство од аспект на своите законски надлежности ги презема потребните дејствија сите инволвирани кои евентуално сториле кривично дело да бидат доведени пред лицето на правдата.

21 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Охрид изврши увид на местото на пожарот во с. Песочан

Скопје, 19 Февруари 2018

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид го заврши увидот на местото каде синоќа избувна пожар во кој животот го загуби едно лице. По наредба на јавниот обвинител, на увидот присуствуваше и вешто лице од областа на електротехника кој ќе треба да изврши вештачење на околностите за настанатиот пожар.

Идентитетот на починaтиот ќе се утврдува преку анализа на ДНК, како и преку наредена обдукција. Според првичните сознанија станува збор за 82-годишен жител на с. Песочан, општина Дебарца, кој живеел сам во станбениот објект.

24 total views, 1 views today

Page 1 of 17512345...102030...Last »

ИНТЕРВЈУА

ИНТЕРВЈУ НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДАДЕНО ЗА „УТРИНСКИ ВЕСНИК“

Скопје, 07 Мај 2014

ИНТЕРВЈУ – ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ ПРОВЕРУВА СИТЕ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНСКА БАНКА

Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски одговара за последните афери отворени пред изборите, за партиското финансирање на изборните кампањи, за ревизијата на проектот „Скопје 2014“ Прочитај повеќе…

676 total views, no views today

КОНКУРСИ