ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Јавен обвинител на Република Македонија е функционер именуван од Собранието на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Македонија.

Условите што треба да бидат исполнети за едно лице да стане Јавен обвинител на Република Македонија се: да биде работоспособен државјанин на Република Македонија со општа здравствена способност, кој активно го владее македонскиот јазик, има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник со положен правосуден испит во Република Македонија, како и работно искуство од најмалку осум години по положениот правосуден испит, со потврдени резултати на правни работи, односно е редовен / вонреден универзитетски професор кој предава повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Јавниот обвинител на Република Македонија го претставува Јавното обвинителство, раководи со неговата работа, ги врши правата и обврските определени со закон. Одговорен е за општите состојби што се однесуваат на организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство, дава задолжителни општи писмени упатства на вишите јавни обвинители, на основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и на основните јавни обвинители за преземање на мерки и активности за заштита на основните права и слободи на човекот и граѓанинот, заштита на интересите на државата и на другите правни субјекти, за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, вложување на правни средства и примена на законите. Согласно закон, Јавниот обвинител на Република Македонија може да преземе кривично гонење и вршење на одделни работи за кои е надлежен виш,основен или основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, односно да ги овласти да водат постапка по одделни предмети или да вршат определени работи од надлежност на друг јавен обвинител.

На почетокот на секоја календарска година, Јавниот обвинител на Република Македонија, донесува Годишен распоред за работа и поднесува Годишен извештај за работата на јавните обвинителства и за состојбата со криминалитетот во Република Македонија.

Јавниот обвинител на Република Македонија пред Уставниот суд на Република Македонија поднесува иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на закон со Уставот и за согласноста на други прописи со Уставот и законите, ако прашањето за уставноста и законитоста се постави во работата на јавното обвинителство.

Доколку на јавниот обвинител на Република Македонија му престане функцијата или е разрешен од истата, Советот на јавни обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Македонија.

Од 1944 година до денес функцијата на Јавен обвинител на Република Македонија ја извршувале 15 јавни обвинители.

10,240 total views, 8 views today