Продолжува постапката против 15 инволвирани во нередите во Собранието на Република Македонија

Скопје, 30 Април 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје, по прибирање на релевантен доказен материјал, за петнаесеттемина инволвирани во нередите кај Собранието на Република Македонија првично започна постапка поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 од Кривичниот законик.

Во моментов, седум од лицата се лишени од слобода. Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, за четиринаесет од осомничените предложи до судија на претходна постапка да им биде определена мерка притвор. За едно лице е предложено определување на мерки на претпазливост.

Истрагата на обвинителството продолжува во насока на целосно расветлување на кривично – правниот настан.

523 total views, no views today

Се расветлуваат нередите во Собранието на Република Македонија

Скопје, 30 Април 2017

Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека до овој момент се идентификувани петнаесет лица инволвирани во нередите кои се случија во Собранието на РМ.

До Обвинителството во врска со овој настан е поднесена кривична пријава од страна на МВР и по неа интензивно се постапува.

Во Основното јавно обвинителство Скопје досега се сослушани поголем број лица, припадници на полицијата. Сослушувањата кои се во тек ќе продолжат во функција на целосно документирање на кривично-правните настани во Собранието на РМ.

За натамошните постапувања на надлежен јавен обвинител по пријавата и донесените јавнообвинителски одлуки, дополнително во текот на денешниот ден јавноста ќе биде информирана.

272 total views, no views today

Соопштение

Скопје, 29 Април 2017

Основното јавно обвинителство Скопје е во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи во врска со идентификација на учесниците во нередите кои се случија во Собранието на Република Македонија. Дежурните јавни обвинители редовно се известувани за текот на настаните и даваат насоки за натамошното постапување на полицијата.

При прием на информации, согласно на поединечните настани, се преземаат конкретни мерки и дејствија. Поради обемноста во постапувањето на обвинителството до овој момент се вклучени шест јавни обвинители, но согласно потребите бројката на вклучени јавни обвинители се очекува да се зголеми, а се во насока на брзо и ефикасно расветлување на овие кривично правни настани.

До овој момент не е поставена правна квалификација на извршените кривични дела. Поставувањето на конкретната правна квалификација за секое лице  за кое ќе се утврди дека сторило кривично дело ќе биде сторено откако ќе се собере потребниот доказен материјал одделно за секое лице инволвирано во кривично правните настани и по утврдување на фактите. Оттука ја известуваме јавноста дека Основното јавно обвинителство Скопје нема направено никаква преквалификација на било кое кривично дело и дека досега објавените информации во дел од медиумите се шпекулација.

Бројот на лицата лишени од слобода, конкретните дејствија на истражните органи, како и натамошните дејствија кои ќе бидат преземени, јавното обвионителство ќе и ги соопшти на јавноста кога ќе се создадат услови за тоа и откако надлежните јавни обвинители ќе завршат со првично утврдување на фактите.

2,060 total views, 1 views today

Соопштение

Скопје, 28 Април 2017

Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека будно ги следи настаните. Во текот на вчерашниот ден беа воспоставени и вонредни дежурства. Надлежните јавни обвинители  во континуитет  се  во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи.

Се преземаат дејствија за расветлување на настаните и утврдување на фактите. Согласно своите надлежности, Јавното обвинителство ќе постапува во сите случаи каде ќе биде утврдено постоење на  елементи на сторено кривично дело и за секој од настаните по документирањето ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука.

207 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Гостивар работи на расветлување на оружениот инцидент во кој татко повреди син

Скопје, 25 Април 2017

Основното јавно обвинителство – Гостивар донесе Наредби за спроведување на истражна постапка против татко и син, инволвирани во меѓусебен оружен инцидент.

Според првичните сознанија, инцидентот се случил кога синот Б.С., по вербална расправија во семејната куќа, физички го нападнал својот татко А.С. со тупаници, нанесувајќи му телесни повреди во пределот на главата и слабината и упатувајќи сериозни закани дека ќе нападне врз неговиот живот и тело. По ова, Б.С. излегол во дворот на куќата, од каде земал секира и се обидел повторно да го нападне својот татко и тешко да го повреди, но во тоа бил спречен од неговиот брат Р.С., кој успеал да го изведе надвор за да го смири. Сепак, Б.С. не се смирил и продолжил да удира со секирата по влезната врата со намера да влезе во куќата. Во тој момент А.С. испукал еден куршум од огнено оружје – пиштол со калибар 7,65 мм, кој го поседувал без дозвола, во правец кон неговиот син Б.С. и го погодил во мускулното ткиво од левата рака, нанесувајќи му влезно-излезна рана. По настанот се приведени и двајцата, а Б.С. и во полициска станица продолжил да упатува закани кои се регистрирани на службен записник.

Надлежен јавен обвинител издаде наредби за подигање и вештачење на материјалните траги и докази пронајдени на лице место, за анализа на крв и урина од таткото и синот, како и за анализа на траги од барутни честички кај двајцата.

248 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Скопје на увид на местото на сообраќајната несреќа во која учествуваа три возила на АРМ

Скопје, 24 Април 2017

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, заедно со увидни екипи од  Министерството за внатрешни работи и од воената полиција, изврши увид на лице место на сообраќајната несреќа на автопатот Скопје-Велес, во која учествуваа три возила на Армијата на Република Македонија.

Според првичните сознанија, несреќата се случила кај наплатната рампа кај езерото „Младост“, кога на едно од возилата во колоната  - оклопен транспортер му откажале кочниците. Тоа удрило во возилото пред него, исто така оклопен транспортер кое во моментот било застанато. Од ударот второто возило се придвижило и удрило во трето моторно возило -дефендер.

Во верижниот судар еден офицер и четворица војници на АРМ се здобиле со лесни телесни повреди, кои им биле санирани болницата во Велес, по што тие дале исказ пред јавниот обвинител.

Во инцидентот причинета е незначителна материјална штета.

Дежурниот јавен обвинител издаде Наредба за вонреден технички преглед на моторните возила кои учествувале во несреќата, со специјални насоки да се проверат уредите за управување и сопирање.

245 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Скопје работи на расветлување на убиството на малолетник на Матка

Скопје, 16 Април 2017

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредби за спроведување на истражна постапка против две 19-годишни лица, осомничени за вчерашниот кривично-правен настан на скопска Матка, во кој при тепачка беше убиено едно малолетно лице.

Едното лице е осомничено за сторено кривично дело – Убиство, од член 123 од Кривичниот законик, додека второто е осомничено за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 од Кривичниот законик. Двете лица се лишени од слобода и против првото до судија на претходна постапка ќе биде поднесен Предлог за определување на мерка притвор, додека за второто лице ќе бидат предложени мерки за претпазливост.

Во исто време, надлежниот јавен обвинител работи на целосно расветлување на мотивите за кривично правниот настан, во кој освен убиеното момче, било повредено уште едно лице во блиско крвно сродство со убиениот. За таа цел издадена е Наредба за обдукција на телото на починатиот, наредби за ДНК анализа, како и наредби за вештачење на сите траги и предмети пронајдени на лице место, а кои се во врска со кривично-правниот настан.

Освен двете осомничени лица, обвинителот сослуша и други три лица испитувајќи ги околностите во кои се случил настанот.

247 total views, no views today

Јавен обвинител ноќеска вршеше увид во домот на убиената старица во Прилеп

Скопје, 14 Април 2017

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп во текот на ноќта изврши увид во семејна куќа во Прилеп во која се случи убиство.

Вчера вечер околу 23,00 часот, при вршење семејно насилство, 30 годишен маж со умисла ја лишил од живот неговата баба со која живеел. Додека сега починатата спиела во нејзиниот кревет, осомничениот се обидел со перница да ја загуши, но настанало меѓусебно борење, тогаш тој земал метален боксирач и удирајќи ја повеќе пати во пределот на главата и нанел тешки телесни повреди. Како последица на повредите настапил смртен исход. Жртвата била на возраст од 78 години.

По наредба на јавен обвинител во моментот се врши обдукција на почината старица, во исто време издадени се и наредби за прибирање на траги и доказен материјал од местото на настанот.

По предлог на обвинителот, судијата на претходна постапка на осомничениот со Решение му одреди мерка – Притвор во траење од 30 дена.

240 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Скопје работи на расветлување на грабежот во банкарски трезор

Скопје, 12 Април 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје издаде Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело Затајување по член 239 став 5, а во врска со ставовите 3 и 1 и со член 45 од Кривичниот законик.

Лицето е осомничено дека затаилo два милиони швајцарски франци и 270.000 евра од главниот трезор на една деловна банка.

Со цел расветлување на случајот, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје издаде Наредби за обезбедување на снимките од видео надзорот и комплетната документација од банката, како и за обезбедување на листинзите од телефонската комуникација на осомниченото лице.

По предлог од надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка на осомниченото лице му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Истрагата за целосно расветлување на овој случај продолжува.

287 total views, 1 views today

Обвинителен предлог за лицето што го симна знамето на Република Македонија во Куманово

Скопје, 11 Април 2017

Основното јавно обвинителство – Куманово до Основниот суд – Куманово поднесе Обвинителен предлог против Л.К. за сторени кривични дела – Напад на службено лице при вршење на јавна безбедност од чл.383 ст.2 вв со ст.1 и Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост од чл.319 ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, на 31 минатиот месец на улицата „Гоце Делчев” во центарот на Куманово, околу 16:00 часот, обвинетиот заедно со неколку непознати лица и малолетниот Л.С. го симнале и го оштетиле знамето на Република Македонија и на јарболот закачиле знаме на Република Албанија. При обид да бидат спречени во намерата од страна на службени лица од Министерството за внатрешни работи, обвинетиот нападнал еден од полицајците и му нанел телесна повреда – набиеница на главата и десната шака. Настанот предизвика чувство на раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност кај јавноста.

Со оглед на тоа што станува збор за кривично дело од јавниот ред и постојат околности што го оправдуваат стравот дека доколку обвинетиот се брани од слобода ќе го повтори кривичното дело, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово со обвинителниот предлог достави и посебен предлог за продолжување на определените мерки – куќен притвор и мерки на претпазливост.

Малолетниот Л.С денеска е сослушан пред судија за малолетници при Основниот суд во Куманово и за него ќе продолжи постапката со изведување на докази.

284 total views, no views today

Page 10 of 51« First...89101112...203040...Last »