Жител на Градско со престој во Скопје осомничен за неовластена продажба на дрога

Скопје, 05 Април 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, на 03.04.2019 година, при претрес на домот во Скопје во кој престојувал осомничениот, биле пронајдени 24 полиетиленски пакувања наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 166,81 грама, како и две ваги и други поситни предмети со траги од различни дроги и психотропни супстанции – амфетамин, кокаин и тетрахидроканабинол.

Со оглед на тоа што постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

97 total views, 1 views today

Поднесено обвинение за неовластено пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции

Скопје, 05 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 11.03.2019 година во својот дом во Скопје неовластено заради продажба држел наркотична дрога  – марихуана со вкупна нето маса од 293,71 грама како исушени врвни делови од растението Cannabis, хашиш смола со вкупно количество од 47,5 мл со кое биле исполнети пет шприца, како и психотропни супстанции – шест таблети 3,4 метилен диоксиметамфетамин (MDMA). Дрогата и психотропните супстанции биле пронајдени при претрес во домот на обвинетиот од страна на овластени полициски службеници.

Ценејќи дека и натаму постојат законските основи заради кои на сега обвинетиот претходно му беше определена мерка куќен притвор, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за продолжување на оваа мерка.

53 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Скопје работи на утврдување на причините за авионската несреќа

Скопје, 03 Април 2019

Двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со екипи на Министерството за внатрешни работи, судска медицина и други релевантни институции утрово извршија увид во реонот на планината Јакупица каде што вчера се урна авион од типот „Цесна“ со четворица патници.

Притоа, по наредба на јавен обвинител, врз телата на починатите патници ќе се врши обдукција од страна на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.

Местото на кое паднал авионот се наоѓа на исклучително непристапен терен и во моментот не постојат услови за извлекување на леталото. Локацијата е целосно обележана, а експерти од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР и од Комитетот за истражување воздухопловни несреќи и сериозни инциденти ќе ги вештачат остатоците од авионот, со цел да се утврдат причините за авионската несреќа.

58 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје врши увид на местото на авионската несреќа

Скопје, 03 Април 2019

Двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје од утрово се на увид во реонот на планината Јакупица каде што вчера се урна авион од типот „Цесна“ со четворица патници.

Обвинителите го вршат увидот заедно со екипи на Министерството за внатрешни работи, судска медицина и други релевантни институции за утврдување на причините за авионската несреќа.

86 total views, no views today

Јавното обвинителство ги следи евентуалните противправности при организирањето и спроведувањето на изборите

Скопје, 02 Април 2019

Јавниот обвинител на Република  Северна Македонија формираше привремена Комисија за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет  – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите на 21 април 2019 во прв круг и 5 мај 2019 година во втор круг. За претседател на Комисијата е определен Џелал Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Во привремената Комисија членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

Проактивното и превентивно делување на Јавното обвинителство поврзани со претстојните избори е во насока на приоритетно постапување  за извршени изборни нерегуларности. Комисијата на дневна основа ги следи сите настани поврзани со организирањето и спроведувањето на изборите и секаде каде ќе оцени дека има индиции за сторени кривични дела поврзани со изборите ќе ги известува пониските основните обвинителства со насока за итно постапување.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални противправности  ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на изборите, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса - izbori@jorm.gov.mk

84 total views, 1 views today

Поднесен Обвинителен акт за предметот „Пасоши“

Скопје, 02 Април 2019

По сеопфатна меѓународна истражна постапка, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, поднесе Обвинителен акт против три лица, македонски државјани. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ од член 418-в став 1 и продолжено кривично дело- “Криумчарење на мигранти“ од член 418-б став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Во период од месец јуни 2016 година до месец август 2018 година прво осомничениот, како организатор на криминалната група заедно со други македонски и странски државјани, обезбедувал фалсификувани документи на потенцијалните мигранти кои не можеле да добијат регуларни визи за САД и Канада. Тој од користољубие, правејќи им лажни патни исправи, илегално ги пренесувал мигрантите преку државната граница на Р.Северна Македонија и преку претходно договорена рута ги испраќал до Гватемала, Мексико, Костарика, за да можат од таму преку илегален премин – таканаречената зелена граница од Мексико да стасаат до земјите на крајната дестинација – САД и Канада.

Во текот на првата половина на 2017 година, прво осомничениот заедно со другите двајца осомничени како дел од меѓународна криминална група составена од лица од Албанија, Шпанија и од други држави, од користољубие создале и организирале група за криумчарење мигранти. Во текот на 2017 година и првата половина на 2018 година, групата откако првично ќе остварела непосредна средба со потенцијалните мигранти – државјани на Р.Македонија и Р.Албанија, вршела нивно врбување, по што им организирала целосно патување од матичните земји, преку земјите членки на Европската Унија и Доминиканската Република, до земјите на крајна дестинација САД и Канада. Групата обезбедувала фалсификувани документи за потенцијалните мигранти, резервирала и купувала билети за автобуски и авио превоз, резервирала и плаќала времено сместување на мигрантите во хотели/мотели и хостели во земјите од рутата. За преземените дејствија, организаторите на криминалната група добивале парични исплати од мигрантите во износ од 20.000 до 25.000 долари по мигрант.

Осомничените како организатори на криминалната група го планирале бројот на илегалните мигранти (обично од двајца до четворица) кои требало да бидат криумчарени, го договарале временскиот период и рутата по која ќе биде реализирано криумчарењето, како и локациите на кои во текот на криумчарењето мигрантите времено ќе престојуваат. Воедно, го договарале и начинот на обезбедување на гаранцијата и исплатата на договорениот паричен износ по пристигнување на мигрантите во земјите на крајна дестинација.

Имајќи ги предвид видот, тежината и висината на запретената казна за кривичните дела за кои се товарат обвинетите, надлежниот обвинител со Обвинителниот акт поднесе и Посебен предлог за продолжување на мерката Притвор за обвинетите со цел непречено спроведување на кривичната постапка.

94 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог за лицето кое изврши кражба во црква

Скопје, 28 Март 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело  – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот кражбата на 150.000,00 денари ја извршил ноќта меѓу 22 и 23 март годинава. Како што веќе извести обвинителството, обвинетиот насилно ја отворил влезната врата на црквата „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров и влегол внатре. Со намера противправно да присвои финансиски средства, тој со погоден предмет делувал на дрвената каса, ја отворил и од неа одзел 120.000 денари. Потоа се упатил кон внатрешната продавница во склоп на црквата, исто така насилно ја отворил и од фиоката одзел уште 30.000 денари.

Основното јавно обвинителство Скопје  имајќи го предвид фактот дека се работи за сторител кој досега е осудуван за истородни и други кривични дела, како и дека постои опасност да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон,  едновремено со обвинението до судот достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице.

 

71 total views, no views today

Осомничено едно лице за уништување на заштитениот појас на Охридското Eзеро

Скопје, 27 Март 2019

Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривични дела  – Узурпација на недвижност од член 225 и Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од член 264 од Кривичниот законик.

Осомничениот во повеќе наврати, започнувајќи од август минатата година, ангажирал лица да вршат ископ, тампонирање со земја и други материјали на крајбрежјето на Охридското Eзеро, со што извршил узурпација на природното езеро и уништување на добра и природна реткост. Осомничениот спротивно на Законот за заштита на природата преку спомнатите активности преземени во појасот на трски и крајбрежјето, ја зголемувал земјишната површина и го  уништувал заштитениот појас трски и Охридското Eзеро кои претставуваат живеалишта за ендемични видови. Имено, Охридското Eзеро е класифицирано како споменик на природата, а согласно законите, во нeговата непосредна близина не се дозволени активности кои ги загрозуваат неговите обележја и вредности.

По отворањето на предметот против осомничениот во август 2018 година, надлежниот јавен обвинител презеде дејствија во насока на утврдување на фактите. Констатирано е дека активностите кои ги презел осомничениот се вршени на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија и дека за истите тој не поседува соодветни дозволи.

Основното јавно обвинителство Струга во континуитет презема дејствија за целосно расчистување на кривично правниот настан.

62 total views, no views today

Жител на Јурумлери осомничен за кражба на 150.000 денари од црква

Скопје, 27 Март 2019

Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против едно 36-годишно лице осомничено дека сторило кривично дело – Тешка кражба, предвидено и казниво согласно член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, ноќта меѓу 22 и 23 март годинава, насилно ја отворил влезната врата на црквата „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров и влегол внатре. Потоа со погоден предмет делувал на дрвената каса, ја отворил и од неа одзел 120.000 денари. По ова, тој се упатил кон внатрешната продавница во склоп на црквата, исто така насилно ја отворил и од фиоката одзел уште 30.000 денари. Веднаш по кражбата, осомниченото лице го напуштило местото на настанот.

Особено имајќи го предвид фактот дека се работи за сторител кој досега е осудуван за истородни и други кривични дела, надлежниот јавен обвинител ценеше дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до судот достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

48 total views, no views today

За разбојништва и тешка кражба обвинето едно лице

Скопје, 26 Март 2019

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за извршени две кривични дела  – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик, како и за едно дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот првото дело го сторил на  04.12.2018 година, во аптека на „Зегин Фарм“ која се наоѓа на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје. Тој влегол во аптеката со црна маска на лицето и шприц со игла во раката, и се заканил на вработената и одзел 9.790 денари. Второто разбојништво го сторил на 12.12.2018 година во  ПЗУ „Моја Аптека Зегин“. Со качулка и шал преку лицето, држејќи скалпел во рацете, се заканил дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на вработените, по што одзел 1.500 денари.

На 28.12.2018 година, пак, во просториите на Центарот за ментално здравје Влае при ЈЗУ Психијатриска болница Скопје – Бардовци со провалување одзел туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои. Истиот ден тој во просториите на Центарот за ментално здравје влегол два пати. Првиот пат украл четири монитори и еден рутер со вкупна вредност од 21.000 денари. Истиот ден преку прозорецот од една повторно влегол во објектот и одзел други подвижни предмети – средства за хигиена, кафе, сијалици, звучници за компјутер, компјутерски и продолжни кабли за напојување, се во вкупна вредност од 23.864 денари. Кога излегол од просториите преку скршен прозорец бил затекнат и задржан од еден сведок.

Надлежниот јавен обвинител на Судот му предложи да ја продолжи претходно определената мерка притвор за обвинетиот со оглед на тоа што тој е повеќепати осудуван за ист вид кривични дела, па постои опасност тој да се даде во бегство и основан страв дека би можел да го повтори кривичното дело.

76 total views, no views today

Page 11 of 95« First...910111213...203040...Last »