Основното јавно обвинителство Прилеп гони лице за полов напад врз дете

Скопје, 11 Јули 2018

Кривичниот настан се случил вчера во претпладневните часови.  Осомничениот  бил забележан од вработени во ЈЗУ Здравствен дом  Прилеп како во дворот на установата врши полови дејствија врз детето. По пријавата е веднаш постапено и сторителот е лишен од слобода.

Основното јавно обвинителство Прилеп постапувајќи во предметот донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомниченото  лице кое е на возраст од 69 години, за сторено кривично дело Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 од Кривичниот законик, за кое дело е запретена затворска казна во времетраење од најмалку 12 години.

Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи, па до Основниот суд Прилеп достави Предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.

 

113 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Струмица сомничи пет лица за криумчарење цигари

Скопје, 11 Јули 2018

Основното јавно обвинителство Струмица поведе постапка против пет лица за сторено кривично дело Криумчарење од чл.278 ст. 2 во врска со ст. 1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

Лицата се осомничени дека на 10.07.2018 година се обиделе да пренесат непријавена стока – цигари преку див премин на македонско-бугарската граница. Од страна на овластени полициски службеници биле откриени и сопрени на два километри од граничниот камен, при што во двете возилата со кои се превезувале им биле пронајдени 66 картонски кутии со околу 3.300 штеки цигари, во вредност од 3.245.589 денари.

Станува збор за криумчарење поголемо количество непријавена стока, за кое кривично дело согласно Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.

Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Струмица предложи определување мерка притвор за четири лица, додека за едно, од здравствени причини, се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во суд.

162 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје ги расветлува причините за смртта на пронајдено починато машко лице

Скопје, 07 Јули 2018

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје работи на расветлување на причините за смртта на машко лице, чие безживотно тело беше пронајдено доцна синоќа во автомобил на улица „Трета македонска бригада“ во Скопје. Според првичните информации, кај починатото лице не биле видливи траги на насилство.

Јавниот обвинител издаде Наредба за обдукција на починатиот, како и насоки за прибирање на траги пронајдени на лице место на кои ќе претстои вештачење. Возилото е запечатено и исто така е предадено на вештачење. Се преземаат сите дејствија за да се утврдат причините за смртта.

2,669 total views, no views today

Предлог за издавање казнен налог против двајца обвинети за неовластено снимање

Скопје, 04 Јули 2018

По спроведените истражни дејствија, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против две службени лица од КПУ Затвор „Скопје“во Скопје. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело Неовластено снимање од чл.152 ст.2 вв ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, на 30 ноември минатата година првообвинетиот како службено лице што било на стражарска кула го забележал оштетениот – поранешен функционер во МВР, искористил поволен момент и преку прозорското стакло без негова согласност го фотографирал, притоа повредувајќи му ја приватноста. Фотографиите во приватна порака, преку социјалните мрежи ги проследил на тројца колеги, меѓу кои и на второобвинетиот кој понатаму фотографијата ја проследил на уште двајца униформирани полициски службеници.

Во предлогот за издавање на казнениот налог предложено е судот на обвинетите да им изрече условна осуда и да им утврди казна затвор во траење од три месеци, што нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело во траење од две години.​

112 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје утврдува евентуална кривична одговорност за вчерашниот трагичен настан во општина Илинден

Скопје, 04 Јули 2018

Основното јавно обвинителство Скопје постапува во насока на расветлување на причините за трагичниот настан во општина Илинден, во кој вчера животот го загуби 13-годишно девојче, и на утврдување на евентуална кривична одговорност.

Надлежен јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатото лице, како и насоки за прибирање дополнителни податоци. Побарани се информации за фирмата која ги изведувала градежните работи и за текот на градбата. Во исто време, се прибираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност.

109 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје ги отфрли кривичните пријави поднесени против судии од Уставниот суд

Скопје, 02 Јули 2018

Постапувајќи по поднесени кривични пријави против петмина судии од Уставниот суд на Република Македонија, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје утврди дека нема основано сомнение дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои беа пријавени, по што донесе Решение за отфрлање на кривичните пријави.

Имено, во кривичните пријави  поднесени од страна на Тодор Петров, претседател на Светскиот Македонски Конгрес, беше наведено дека петмина судии од Уставниот суд на Република Македонија сториле кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Самовластие од Кривичниот законик. Според подносителот, судиите ја злоупотребиле својата службена положба со неизвршување на својата службена должност, како и самовласно си прибавиле право што сметале дека им припаѓа, а со што нанеле значителна штета на граѓаните на Република Македонија.  Имено, подносителот навел дека судиите не постапиле по трите иницијативи кои тој ги доставил во Уставниот суд на Република Македонија, и тоа првата за поништување на Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите поднесена на 21.10.2015 година, втората за поништување на Одлуката за избор на претседател на Собранието на Република Македонија поднесена на 9.05.2017 и третата иницијатива за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги презеде сите дејствија за проверка на наводите од поднесените кривични пријави. При тоа, е утврдено дека во Уставниот суд на Република Македонија веднаш по приемот на иницијативите, а согласно на Деловникот за работа на Уставниот суд, се оформени предмети по кои во континуитет се преземани дејствија од судско-аналитички карактер, барани се податоци потребни за одлучување по предметот и вршено е споредбено истражување на нормативните решенија и  уставно судски одлуки. Проверена е и уставно-судската практика како елемент кој се зема предвид при одлучувањето на Уставниот суд.

Постапката по две иницијативи е во тек во Уставниот суд, додека за иницијативата за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО е одлучувано на седница на уставниот суд, при што е донесено Решение за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста.

По преземање на потребните дејствија, јавниот обвинител утврди дека не се точни наводите во кривичните пријави, односно дека пријавените ги преземале во континуитет сите службени дејствија како службени лица – судии во Уставниот суд на Република Македонија. Од тука, нема основи на сомнение дека судиите со нечинење – неизвршување на службената должност ја злоупотребиле својата службена положба. Исто така, јавниот обвинител утврди дека во преземените службени дејствија на судиите нема материјални факти кои би укажале на самовластено постапување на осомничените, односно дека нема елементи дека истите извршиле кривично дело самовластие.

Од тука, јавниот обвинител донесе Решение со кое се отфрлаат поднесените кривични пријави.

110 total views, 1 views today

Основно јавно обвинителство Радовиш​ изврши увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа двајца мигранти

Скопје, 26 Јуни 2018

Основен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Радовиш вчера во текот на доцните попладневни часови изврши увид на местото каде се случи сообраќајна несреќа со смртни последици.

До несреќата дошло кога ТМВ „Ивеко“ со скопски регистарски таблички со кое илегално се превезувале 23 мигранти од Бангладеш и Шри Ланка, движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, излетало од коловозната лента и со предниот дел удрило во метална ограда од надвозник. Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото навлегувајќи и во товарниот простор од истото каде биле сместени мигрантите, при тоа две лица починале, шест се здобиле со тешки телесни повреди, а 15 лица со телесни повреди. По несреќата, возачот на возилото се упатил во непознат правец.

Надлежниот јавен обвинител при увидот издаде повеќе наредби во насока на расветлување на кривично правниот настан. Издадена е наредба за преземање на дејствија за пронаоѓање на лицето што управувало со возилото, наредба за сообраќајно – техничко вештачење на возилото, наредба за обдукција на двете починати лица, како и наредба за идентификација на останатите лица – мигранти.

При увидот фиксирани се пронајдените траги, местото на настанот е скицирано и фотографирано, извршен е преглед на оштетувањата на возилото со кое се пренесувале миграните и подигнати се траги од биолошко потекло.

По пружената медицинска помош дел од лицата се сослушани и сместени во прифатниот центар во Гази Баба, а дел задржани на болничко лекување во ЈЗУ Клиничка болница Штип.

113 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Велес ги истражува причините за пожарот во кој животот го загубија три деца

Скопје, 20 Јуни 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес го заврши увидот на лице место каде попладнево избувна пожар. Во пожарот три деца на возраст од четири, две и една година го загубија животот. Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.

При вршење на увидот, јавниот обвинител издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес презема дејствија за расчистување на околностите на настанот и за утврдување евентуална кривична одговорност.

102 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија за расветлување на вчерашните настани кои се случија во вечерните часови пред Собранието на Република Македонија

Скопје, 18 Јуни 2018

Утринава, претставници од Основното јавно обвинителство Скопје одржаа работен состанок со претставници од Министерството за внатрешни работи на кој Основното јавно обвинителство беше известено за вчерашните настани.

Во тек на протестите пред Собранието на Република Македонија од страна на Министерството за внатрешни работи вчера биле лишени од слобода 26 лица, од кои пет малолетници. По утврдување на идентитетот и возраста на лицата, малолетниците согласно Законот за правда на децата се пуштени на слобода.

Основното јавно обвинителство Скопје беше известено дека на вчерашниот настан повредени се десет полициски службеници од кои деветмина со телесни повреди, а еден полицаец со тешки телесни повреди. За времетраење на вчерашниот протест биле повредени и седум граѓани.

Основното јавно обвинителство Скопје на Министерството за внатрешни работи даде насока за обезбедување и доставување релевантен доказен материјал за сите лица лишени од слобода во врска со дејствијата што ги презеле пред Собранието на Република Македонија, како и за малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Пред сѐ за обезбедување на снимки од видео записи од поставените безбедносни камери со цел документирање на евентуално незаконито дејствување.

Од содржината на видео записите, како и од други обезбедени докази ќе се утврдува евентуалното незаконито дејствување на лицата лишени од слобода и на малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Воедно ќе се утврдува и идентитетот и на други лица инволвирани во настанот, за кои ќе постои сомнение дека со своето однесување се сторители на кривични дела. Согласно на содржината на видео записите и другите докази ќе следи поднесување на кривични пријави или известувања до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на Министерството за внатрешни работи.

Основното јавно обвинителство Скопје исто така беше известено и за заканувачки пораки и слики кои преку профили на социјалните мрежи биле објавувани за носители на јавни функции и други службени лица. Министерството за внатрешни работи доби задолжение да се пристапи кон утврдување на идентитетот на лицата од чии профили се упатуваат заканите и да се обезбедат релевантни докази за евентуално сторено кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

128 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Велес спроведува истрага против 11 лица за фалсификување пари

Скопје, 11 Јуни 2018

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес донесе Наредба за спроведување на истрага против 11 лица. На седуммина од осомничените им се става на товар дека сториле кривично дело Фалсификување пари од чл.268, а четворица се товарат за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик.

Имено, во период од месец април до мај годинава, едно од пријавените лица набавило 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари кои видно се разликувале по повеќе обележја од оригиналните банкноти. Вкупно 137 лажни банкноти, осомничениот ги разменил во денари во експозитура на банка во Кавадарци, а потоа искористувајќи ги своите роднински и пријателски врски сукцесивно во повеќе наврати дал уште вкупно 559 лажни банкноти на лица кои во неколку наврати ги продале во банката. За дел од банкнотите на „продавачите“ не им биле исплатувани пари во денарска противвредност , туку биле извршени трансакции со кои „продавачите“ ги префрлувале парите од нивно име како позајмица на сметките на фирмите во сопственост на прво осомничениот и неговото семејство.

Во исто време, шалтерските работници во банката извршиле прием на лажните банкноти и притоа не направиле рачна и машинска проверка на бројната точност и автентичност на банкнотите согласно банкарските правила и по одобрение од раководителот и заменик раководителот во банката исплатиле денари во соодветна противвредност. Со неизвршување на своите службени овластувања, банкарските службеници ја оштетиле банката исплатувајќи вкупен паричен износ од 1.727.545,00 денари.

Во текот на вчерашниот ден, осомничените лица се сослушани од страна на јавен обвинител. Имајќи предвид дека постојат особени околности што укажуваат на опасност од бегство и страв од повторување на кривичното дело, како и влијание врз сведоците кои ќе бидат сослушувани во наредниот период, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес поднесе Предлог за определување на мерка притвор за прво осомничениот, а за останатите осомничени достави предлог за определување на други мерки за обезбедување.

Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со Решение на прво осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

97 total views, no views today

Page 12 of 69« First...1011121314...203040...Last »