Поднесен обвинителен акт за лицето кое направи импровизирана лабораторија за марихуана во Козле

Скопје, 17 Април 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на најгорниот кат од својот дом во Козле неовластено произведувал, преработувал и заради продажба држел наркотична дрога – марихуана. Притоа тој направил импровизирана лабораторија со 52 растенија од типот Cannabis, импровизирана сушилница од картонски кутии каде го сушел растението, а потоа го дробел и пакувал за продажба и вршел екстракција на масло од марихуана.

При претрес на домот на осомничениот била  пронајдена наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 1.324,43 грама, спакувана во повеќе различни тегли и пакувања, хашиш масло со вкупен волумен од 27 милилитри во 54 капсули, хашиш смола со вкупен волумен од 30,7 милилитри во 11 пластични шприцеви, како и дигитална вага, вентилатори, термометри, инструменти за мерење влажност, екстрактор и други апарати кои ги користел во импровизираната лабораторија.

Со Решение на судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје на лицето му беше определена мерка куќен притвор, па ценејќи дека се уште постојат законските основи за обезбедување на негово присуство во текот на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на мерката куќен притвор.

96 total views, no views today

Oбвинителен акт за наркотична дрога пронајдена во автомобил

Скопје, 17 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое неовластено заради продажба држело наркотична дрога – марихуана и со тоа сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

На 23.03.2019 година обвинетиот управувал со автомобил Фоксваген Пасат кој не бил во негова сопственост и на крстосницата меѓу булеварите „Македонско-косовска бригада“ и „Босна и Херцеговина“ бил забележан од овластени службени лица на МВР дека поминал на запалено црвено светло. Притоа, му била дадена наредба да го запре возилото, но обвинетиот побегнал, по што по радио врска била објавена потрага по него.

Со поставена блокада на регионалниот пат Скопје-Велес кај Трубарево возилото било запрено, а полициските службеници извршиле легитимирање на обвинетото лице, личен преглед и преглед на возилото. На задното седиште од автомобилот била пронајдена марихуана со вкупна нето маса од 3.247,6 грама спакувана во три пакувања.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице, ценејќи дека и натаму постои опасност тој да се даде во бегство со цел да го избегне кривичниот прогон или да го повтори кривичното дело.

84 total views, no views today

Поднесено обвинение за обид за тешка кражба во спортската сала на средното училиште „Никола Карев“

Скопје, 17 Април 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице, кое се товари дека се обидело да изврши кривично дело – Тешка кражба, предвидено и казниво согласно член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 12.12.2018, во гардеробата на спортската сала при СУГС „Никола Карев“, на дрзок начин се обидел да одземе туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои. Имено, тој влегол во соблекувалната во која биле оставени облека, лични предмети и торби на посетителите и започнал да претура во внатрешноста на една од торбите. Во тој момент во соблекувалната дошла оштетената која го затекнала. Обвинетиот се упатил кон неа, ја оттурнал од вратата на соблекувалната кон скалите и избегал.

По неговото лишување од слобода, на обвинетиот со Решение на судија на претходна постапка од  11.04.2019 година му беше определена  мерка притвор во траење од осум дена. Ценејќи дека и натаму постои реална опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, надлежниот јавен обвинител до судот достави и Предлог за продолжување на притворот за обвинетото лице.

65 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага за недозволено пуштање во промет на марихуана

Скопје, 17 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во домот каде што живее осомничениот, на 15.04.2019 година, била пронајдена опојна дрога марихуана со нето маса од 296,79 грама, која ја држел неовластено заради продажба. Освен ова, биле откриени и дигитална вага со остатоци од непозната материја, пакувања со семки од непознато растение и една кесичка со непозната растителна материја. Во текот на истражната постапка ќе се изврши вештачење за да се утврди непознатата растителна материја.

Ценејќи дека се исполнети законските основи и дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

71 total views, no views today

Наредена истрага против скопјанец кој во домот чувал два пиштоли и муниција

Скопје, 15 Април 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

При претрес во домот во кој престојувало лицето, на улица „Лазар Трпков“ во Скопје, било пронајдено огнено оружје – два пиштоли со калибар од 7,62мм, како и една рамка со девет куршуми со ист калибар.

До судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје надлежниот јавен обвинител достави и Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои што очигледно укажуваат на опасноста лицето да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.

74 total views, no views today

Отворена истрага против српски државјанин кој се обидел да украде вреден автомобил во Скопје

Скопје, 15 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, државјанин на Република Србија, кое е осомничено дека се обидело да изврши кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 10.04.2019 година, на улицата „Орце Николов“ во Скопје, заедно со уште едно засега непознато лице, со провалување се обиделе да одземат туѓ подвижен предмет – автомобил.

Осомниченото лице со употреба на подесен предмет (штрафцигер) го скршил задното десно стакло на паркирано патничко моторно возило Ренџ Ровер, сопственост на правно лице. Потоа влегол во возилото и со електронски уред за декодирање и клуч за стартување се обидел да го стави возилото во погон. Во тој момент, од блискиот угостителски објект излегол сопственикот и го затекнал осомничениот во возилото, со што го спречил во намерата противправно да го присвои автомобилот вреден 6.241.800 денари.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство, да го повтори кривичното дело или да влијае врз сведоците, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Јавниот обвинител ценеше дека притворот е единствена соодветна мерка за да се обезбеди присуство на осомничениот во текот на истражната постапка, особено со оглед на тоа што се работи за српски државјанин за кого постои информација дека е предмет на национална потерница на српските државни органи.

72 total views, no views today

Нема место за јавнообвинителска интервенција во врска со наводната трговија со здрави новороденчиња

Скопје, 15 Април 2019

По спроведување сеопфатно проучување на добиената документација и известувањата од надлежните органи во врска со наводна трговија со здрави новороденчиња, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе одлука со која укажува дека нема место за јавнообвинителска интервенција.

Имено, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во декември 2018 година, следејќи ги информациите во медиумите, отвори предмет по допрен глас. Во медиумите беа изнесени сознанијата на Народниот правобранител дека постои сомнение за организирана криминална група која подолг временски период се занимава со трговија со здрави новороденчиња. Наводно, на биолошките родители веднаш или по краток временски период по раѓањето им се соопштувало дека новороденото е починато, а всушност тоа било здраво и заради понатамошно посвојување станувало жртва на трговија.

По дејствијата преземени од страна на надлежен обвинител и врз основа на прибраната документација и побараните известувања од Народниот правобранител, Министерството за труд и социјална политика и Првата детска амбасада „Меѓаши“, произлезе дека во конкретниот случај нема докази, ниту индиции за постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност.

65 total views, no views today

Двајца браќа под истрага за нанесување тешка телесна повреда

Скопје, 12 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца браќа, од кои за едниот постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик, додека другиот е осомничен за помагање при извршување на истото кривично дело.

Првоосомничениот, помогнат од второосомничениот, на 23.03.2019 година, во кафе бар во селото Марино, со умисла тешко телесно повредиле едно лице, при што му уништиле важни органи и му го загрозиле животот. Имено, кога оштетениот пристигнал во кафе барот со негов пријател, бил пресретнат најпрво од второосомничениот, кој се удрил со рамото во него, а потоа со бокс го удрил во пределот на лицето. Во тој момент дошло лице од обезбедувањето на локалот кое ги раздвоило. Но, нешто подоцна пред влезот на дискотеката оштетениот повторно бил пресретнат од двајцата осомничени. Второосомничениот го фатил за гуша, а од неговата лева страна дошол првоосомничениот и го забодел со нож во пределот на левиот долен дел од стомакот.  По ова, осомничените го напуштиле местото на настанот.

Бидејќи постојат околности што укажуваат дека постои опасност од бегство и постојат особени околности кои укажуваат дека осомничените би можеле да влијаат на сведоците и кои го оправдуваат стравот дека би можеле да го повторат кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор за двете осомничени лица.

76 total views, no views today

Едно лице под истрага за неовластено пуштање во промет марихуана во Гостивар

Скопје, 12 Април 2019

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во својот дом во селото Чегране, неовластено заради препродажба држел опојна дрога – марихуана со вкупна нето маса од 2.819,5 грама. Дрогата била пронајдена при претрес во една од помошните простории во дворот од куќата на осомничениот.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

60 total views, no views today

Поднесен обвинителен предлог за неовластено пуштање во промет наркотичнa дрогa од помало количество

Скопје, 12 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 10.04.2019 година, во својот дом на ул. „Лазар Трпковски“ во Скопје, обвинетиот 29-годишен скопјанец неовластено заради продажба држел наркотична дрога кокаин со вкупна маса од 1,77 грама, спакувана во шест полиетиленски пакувања. Дрогата неовластено ја набавил заради продажба од непознато лице.

При претресот на домот на обвинетиот од страна на овластени службени лица била пронајдена и една дигитална вага со остатоци од кокаин.

Надлежниот јавен обвинител до судот достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор, бидејќи се уште постои опасноста од бегство како законски основ заради кој оваа мерка првично била определена, а особено со оглед на тоа што се работи за лице кое и претходно е осудувано за ист вид кривично дело.

61 total views, no views today

Page 17 of 103« First...10...1516171819...304050...Last »