Поднесено обвинение за кражба во маркет

Скопје, 11 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.

Обвинетиот на 23.03.2019 година од маркет во населбата Хиподром на дрзок начин одзел парични средства во вкупен износ од 18.000 денари со намера противправно да ги присвои. Тој најпрвин влегол во маркетот, од фрижидерот зел шише сок и се упатил кон касата за наводно да плати. Притоа видел дека касата е подотворена, го искористил моментот на невнимание на сопственичката на маркетот и од касата ги одзел парите. Кога оштетената го забележала, тој ја оттурнал и веднаш го напуштил местото.

Ценејќи дека и натаму постојат законските основи заради кои на лицето првично му беше определена мерка притвор, а кои се однесуваат пред се на опасноста тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на притворот.

79 total views, no views today

Отворена постапка против тројца малолетници и едно полнолетно лице за извршено насилство

Скопје, 11 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против едно 19-годишно лице, како и против тројца малолетници на возраст од 17 години, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

На 11.02.2019 година, по завршување на ракометен натпревар во спортската сала „Антон Димитров“,  пријавените во група извршиле грубо насилство врз четворица играчи на еден ракометен клуб, родени 2001 година. Тие ги следеле ракометарите до автобуската станица кај Трговскиот центар Бутел. Притоа, без причина се нафрлиле најпрво врз еден, а потоа и врз останатите оштетени, удирајќи ги по главата и телото со метални шипки, тупаници и клоци и нанесувајќи им повреди по главата и телото.

На 02.04.2019 година, полнолетниот пријавен со уште двајца од малолетните пријавени, во близина на СМУГС „Панче Караѓозов“ извршил уште едно кривично дело  – Насилство. Имено, пријавените почнале грубо да малтретираат и физички нападнале две лица, на возраст од 17 и 18 години, удирајќи ги со тупаници и клоци, како и со тврди предмети. На овој начин на оштетените им нанеле повреди во пределот на главата и телото, а кај останатите присутни предизвикале чувство на страв и несигурност.

Во кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи е наведено дека постојат индиции дека осомничените го сториле кривичното дело од омраза, што ќе биде предмет на утврдување во текот на кривичната постапка.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерки на претпазливост против полнолетниот осомничен, кои вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска да се јавува повремено кај надлежен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетените во двата настани.

Постапката за пријавените малолетници е издвоена и за нив до Судот ќе биде поднесено Барање за поведување на подготвителна постапка.

69 total views, no views today

Поднесено обвинение за неовластено пуштање во промет на марихуана

Скопје, 10 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице од Драчево за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот се товари дека во својот дом неовластено заради продажба држел опојна дрога – марихуана со вкупна нето маса од 66,7 грама, спакувана во една полиетиленска ќеса. Дрогата била пронајдена и одземена при претрес во неговиот дом на 06.03.2019 година.

Ценејќи дека и натаму постојат законските основи заради кои на сега обвинетиот претходно му беше определена мерка куќен притвор, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и предлог за продолжување на определената мерка

63 total views, no views today

Поднесен обвинителен акт против мајка за запуштање на своето дете

Скопје, 10 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје пред Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – Запуштање и малтретирање дете од член 201 став 3 во врска со став 1 и во врска со член 12 став 2 од Кривичниот законик.

Обвинетата, во состојба на битно намалена пресметливост, како родител на 13-месечно дете, во периодот од 15.06.2018 до 07.07.2018 година, со грубо запоставување на својата должност за родителска грижа, го запуштила детето и со тоа го довела во опасност неговиот живот. Во временскиот период додека таткото на детето се наоѓал на издржување казна затвор, таа детето повремено го оставала само, без родителска грижа и без да внимава на неговата сигурност и потреби. Како резултат на тоа, на 07.07.2018 година кај детето биле констатирани тешки телесни повреди изразени како скршеница на коските на черепот, крварење на тврдата мозочна обвивка, нагмечување на мозокот, скршеници на коските на двете нозе и на двете раце.

Од резултатите на наредените психијатриски вештачења врз сега обвинетото лице произлезе дека таа делото го сторила во состојба на битно намалена пресметливост, при која имала намалена способност да го разбере делото и намалена состојба да управува со своите постапки заради намалена моќ на расудување, сфаќање и одлучување, односно намалена способност за анализирање на своите постапки и за разбирање на суштината на своето дејствување.

Со оглед на тоа што постојат законски услови за изрекување мерка на безбедност во случај на битно намалена пресметливост, надлежниот јавен обвинител на Судот му предложи, со изрекување на казната, на лицето да му изрече и мерка на безбедност – задолжително психијатриско лекување на слобода.

98 total views, no views today

Извршен увид на местото на сообраќајна несреќа со смртни последици во Ново Лисиче

Скопје, 09 Април 2019

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи и претставници на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, вечерва изврши увид на булеварот „Видое Смилевски – Бато“ во скопската населба Ново Лисиче, каде во сообраќајна несреќа еден пешак го загуби животот.

Според првичните сознанија, несреќата се случила кога 57-годишниот пешак излегол на булеварот надвор од обележан пешачки премин. Притоа, на него налетало возило Шкода октавиа со германски регистарски таблички, управувано со полномошно од македонска државјанка. Од ударот, пешакот починал на лице место.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатото лице е предадено на обдукција, а ќе се испитува и присуство на алкохол во крвта и урината на возачот на автомобилот. Од Министерството за внатрешни работи е побарано да изврши проверка на снимките од видео надзорот на околните објекти и на системот „Безбеден град“ со цел да се утврди дали камерите го регистрирале настанот. Во насока на утврдување на фактичката состојба ќе биде издадена и наредба за сообраќајно-техничко вештачење.

77 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе истрага за разбојништво во кичевска обложувалница

Скопје, 09 Април 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Кичево за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 08.04.2019 година, со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на друг, употребувајќи опасно орудие, одзел туѓ подвижен предмет со намера противправно да го присвои. Имено, тој влегол во спортска обложувалница во Кичево, со црна маска на лицето и со нож во раката, па се упатил кон шалтерот за уплата и исплата. Притоа со ножот му се заканил на оштетениот вработен во обложувалницата и од фиоката на работната маса одзел парични средства во вкупна вредност од 8.990 денари во различни апоени. Веднаш потоа се оддалечил во непознат правец. Осомниченото лице подоцна е пронајдено и лишено од слобода.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

83 total views, no views today

Едно лице осомничено за неовластено држење оружје во својот автомобил

Скопје, 09 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот жител на селото Грчец на 07.04.2019 година, на булеварот „Партизански одреди“ спроти трговскиот центар „Лептокарија“, во својот автомобил, неовластено држел полуавтоматско огнено оружје – пиштол марка „Црвена застава 99“ со калибар 9 мм, како и пет куршуми муниција за тој пиштол. При преглед на возилото од страна на овластени полициски службеници, оружјето било пронајдено и одземено.

Против истото лице, во Основното јавно обвинителство Скопје во тек е уште една кривична постапка за исто кривично дело, по кривична пријава поднесена во октомври 2018 година. Имајќи го предвид овој факт, надлежниот јавен обвинител ценеше дека е оправдан стравот дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело или да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до судијата на претходна постапка достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

85 total views, no views today

Извршен увид во стан во Скопје каде беше пронајдено починато женско лице

Скопје, 07 Април 2019

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи и со лекари по судска медицина синоќа изврши увид на лице место во стан во Скопје, каде беше пронајдено починато едно женско лице. Безживотното тело на починатата го пронашол нејзиниот сопруг, кој ја известил полицијата.

Телото на починатата е предадено за обдукција, а јавниот обвинител издаде и наредба за вештачење на трагите подигнати и обезбедени на лице место.

79 total views, no views today

Скопјанец под истрага за неовластена продажба на хероин

Скопје, 05 Април 2019

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот неовластено заради продажба држел опојна дрога – хероин со вкупна нето маса од 84,01 грама спакувана во седум полиетиленски пакувања. При претрес во домот во кој престојувал осомничениот, освен дрогата, била пронајдена и една дигитална вага со остатоци од хероин.

Имајќи го предвид фактот дека лицето претходно е осудувано за истото, но и за друго кривично дело, надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат околности кои укажуваат на опасност тој да го повтори кривичното дело или да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон. Од тие причини, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

78 total views, no views today

Жител на Градско со престој во Скопје осомничен за неовластена продажба на дрога

Скопје, 05 Април 2019

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, на 03.04.2019 година, при претрес на домот во Скопје во кој престојувал осомничениот, биле пронајдени 24 полиетиленски пакувања наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 166,81 грама, како и две ваги и други поситни предмети со траги од различни дроги и психотропни супстанции – амфетамин, кокаин и тетрахидроканабинол.

Со оглед на тоа што постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

114 total views, no views today

Page 18 of 103« First...10...1617181920...304050...Last »