Основното јавно обвинителство – Тетово презема мерки за пронаоѓање на напаѓачите кои повредија четворица полицајци

Скопје, 10 Јуни 2016

Основното јавно обвинителство – Тетово, во координација со СВР-Тетово презеде дејствија за расветлување на вчерашниот кривично-правен настан во кој при обид за лишување од слобода на осуденик беа нападнати и повредени четворица полициски службеници. При вршење на  увидот на лице место се пронајдени, фотодокументирани и подигнати за вештачење повеќе траги, а се преземаат и мерки за пронаоѓање на напаѓачите.

Во текот на ноќта, во полициска станица во Тетово е приведен и задржан еден 36-годишен тетовец Е.Ј., за кој постои сомнение дека учествувал во кривично-правниот настан и спречил службено лице во извршување на службена должност.

Имено, настанот се случи вчера попладне кога четворицата полициски службеници се обиделе да го лишат од слобода 40-годишниот И.И., кој се барал за издржување на едногодишна затворска казна. Тој се спротивставил и им дал отпор, а потоа со неговиот татко 69-годишниот А.И. и уште две лица физички ги нападнале полицајците. Таткото во нападот користел и метална шипка, со која на двајца полициски службеници им нанел тешки, а на другите двајца полесни телесни повреди.

Потешко повредените полицајци биле префрлени на скопските клиники, каде врз еден е извршен и хируршки зафат и тој се наоѓа во животно-загрозувачка здравствена состојба.

218 total views, no views today

Одобрено обвинение поднесено од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против девет лица

Скопје, 09 Јуни 2016

Во организирана акција координирана од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, навлезено е во трагите на криминална група што извршувала различни дејствија за продажба на наркотична дрога – марихуана. Девет члената група кривичните дела ги сторила во текот на 2015 и 2016 година.

По прибирање на доказите и завршување на истражната постапка, надлежниот јавен обвинител поднесе Обвинителен акт против шест лица за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а за останатите три лица – инспектор вработен во СВР Битола, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Битола и лекар – хирург од ЈЗУ Клиничка болница Др. Трифун Пановски, поднесен е Обвинителен предлог за сторено кривично дело – Примање награда за против законито влијание од член 359 став 2 од Кривичниот законик.

Првите шест обвинети по претходен договор на конкретен ден, како организирана група вршеле продажба на 2.878 грама дрога – марихуана. Притоа првообвинетиот стапил во контакт со обвинетиот – инспектор со цел да обезбеди алиби – доказ за евентуално кривично гонење при што во постапка би се тврдело дека конкретното лице не е сторител на кривичното дело. Инспекторот интервенирал кај обвинетото лице – лекар за издавање на потврда дека лицето е хоспитализирано. Во исто време на првообвинетиот – гонет за продажба на дрога, кој требало во конкретниот временски период да издржува казната затвор во КПУ Затвор – Битола по претходно изречена осуда, обвинетото лице – јавен обвинител му дал ветување дека ќе интервенира кај судиите од Основниот суд – Битола лицето да не биде повикано на издржување на казна затвор.

Поднесените обвиненија од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се одобрени од Основниот суд Битола, со што продолжува кривичната постапка.

369 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Охрид поведе постапка против едно лице за полов напад врз дете

Скопје, 07 Јуни 2016

Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, на возраст од 73 години, жител на Скопје, со престојувалиште во Охрид, за сторено кривично дело од член 188 став 1 од Кривичниот законик – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години.

Осомничениот го сторил делото на 6 јуни во центарот на градот, каде извршил други полови дејствија врз оштетеното дете.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежен обвинител до Основниот суд – Охрид поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице.

213 total views, no views today

Осум осомничени за кривични дела од коруптивна природа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Скопје, 07 Јуни 2016

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по повеќемесечна оперативна обработка на податоци, прибра докази до степен на основано сомнение за сторени кривични дела со коруптивна природа каде оштетени се студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Осомничени се осум лица од кои шест се универзитетски професори, еден демонстратор и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс. Лицата се сомничат за сторени повеќе кривични дела за кои ќе се одлучува по спроведената истрага. Освен примање пари, постои степен на основано сомнение дека дел од професорите барале и извршување на сексуални услуги заради полагање на испит.

Во текот на вчерашниот ден при преземените дејствија за прибирање на докази по издадената Наредба за претрес, еден од професорите е затечен инфлагранти во извршување на кривично дело – Примање на поткуп од 1000 евра, додека за останатите се обезбедени докази во изминатиот период.

Во моментот предметот е во предкривична постапка. Надлежниот јавен обвинител ја прима кривичната пријава и врши оценка за потребата за примена на мерки за обезбедување на присуство на лица и предмети во текот на постапката, по што ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за која јавноста навремено ќе биде информирана.

234 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 02 Јуни 2016

Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека од досегашниот тек на предистражната постапка во предметот за починатото лице К.К. е утврдено дека станува збор за самоубиство.

И покрај тајноста на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство – Скопје за утврденото ја известува јавноста, со цел отстранување на шпекулациите.

Постапката по предметот во Обвинителството и натаму тече за утврдување на причините и околностите под кои настапила смртта на лицето К.К.

202 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Струга поднесе обвинение за убиството кај Долна Белица, струшко

Скопје, 02 Јуни 2016

Кривично правниот настан се случи вечерта на 13 декември минатата година на локалниот пат Струга – Долна Белица, кога при меѓусебна престрелка на две групи едно лице го загуби животот, а две беа повредени. По спроведена сеопфатна истражна постапка, Основното јавно обвинителство – Струга поднесе обвинение против две лица.

Обвинетите Б.Б и Е.Б се товарат за сторени кривични дела – Убиство од чл.123 и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од Кривичниот законик.

188 total views, no views today

Покренато обвинение против српски државјанин за убиство во Охрид

Скопје, 01 Јуни 2016

Основното јавно обвинителство – Охрид до Основниот суд во Охрид поднесе Обвинителен акт против едно лице, државјанин на Република Србија, за сторено кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик.
Со поднесеното обвинение тој се товари дека на 01.01.2016 година, пред кафе-бар во Охрид, со употреба на физичка сила, лишил од живот едно лице. Обвинетиот со силни удари му нанел тешки телесни повреди на 27-годишно момче од Охрид, по што тоа починало. Потоа српскиот државјанин се вратил во кафе-барот и продолжил да се забавува.
По барање на надлежниот јавен обвинител, судот на обвинетиот му ја продолжи мерката Притвор за нови 30 дена.

214 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Прилеп ги истражува причините за сообраќајната несреќа во која животот го загуби едно лице

Скопје, 30 Мај 2016

На ден 30.05.2016 година околу 01,00 часот случена е сообраќајна незгода на мостот на Градската река во близина на магацините на Центропромет во Прилеп во која учесник е ПМВ марка „Опел Астра“ управувано од лицето Р.У.

Возилото се движело во правец од ул.„Леце Котески“ кон ул.„Александар Македонски“ и кога стигнало до мостот удрило во десната метална ограда која поради налетот од возилото се оштетила и возилото паднало во реката.

Во незгодата тешко е повреден возачот кој е префрлен на интензивна нега во болницата во Прилеп, додека неговата сопруга, родена 1981 година од с.Боротино, која седела на совозачкото седиште починала.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп изврши увид на местото на настанот, при што издаде наредба за обдукција, како и наредба за вонреден технички преглед врз возилото.

211 total views, no views today

Петмина обвинети за неовластено производство на дрога соочени со доказите ја признаа вината

Скопје, 25 Мај 2016

Соочувајќи се со предочените докази од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, петмина обвинети за сторено кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, на првото рочиште ја признаа вината, по што судот донесе  Пресуда по признание на вина.

Обвинителството ги товареше обвинетите дека во периодот од ноември 2014 до јули 2015 година со умисла се здружиле за вршење на кривични дела. Тие преземале меѓусебно поврзани дејствија, со искористување исти прилики и други слични околности што претставуваат повеќекратно остварување на кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со координирано преземање на истражни дејствија, како и употреба на Посебни истражни мерки и други истражни дејствија  прибра релевантни докази кои ја докажуваат вината на обвинетите. Обвинителниот акт беше поднесен во јануари годинава и тоа против лицата Р.М. за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 во врска со член 45 и кривично дело Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик, а останатите четворица А.А., З.Б., М.Т. и М.А. за сторено кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Судот на осудените им изрече казни затвор во времетраење од 3 до 5 години.

 

214 total views, no views today

Потпишан Меморандум за соработка меѓу Јавното обвинителство на Република Македонија и Главното јавно обвинителство при Врховниот суд на Република Турција

Скопје, 12 Мај 2016

Јавниот обвинител на Република Македонија, г. Марко Зврлевски оствари посета на Република Турција при што беа реализирани повеќе билатерални средби.

Посетата на Јавниот обвинител на Република Македонија беше во рамките на билатералната соработка што ја има македонското обвинителство со турското јавно обвинителство. При тоа, беше потпишан Меморандум за соработка со кој се потенцира важноста за јакнење и развивање на соработката и размената на информации меѓу турските и македонските органи за водење на истраги и борба против криминалот.

turcija 1

Со потпишување на меморандумот, г. Марко Зврлевски, Јавен обвинител на Република Македонија и г. Мехмет Акарџа, Републичкиот главен јавен обвинител на Врховниот апелационен суд на Република Турција договорија форми и начини на соработка во областа на борба против тероризмот, кривичните дела поврзани со корупција, меѓународниот организиран криминал, трговијата со луѓе и нелегалната миграција, неовластеното производство, трговија и шверц на оружје, муниција и експлозиви, нуклеарни и радиоактивни материјали, стоки и технологии со потенцијална двојна употреба, неовластеното производство и недозволена трговија со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, економскиот криминал и компјутерскиот криминал.

Во рамките на посетата, што е прва официјална посета на Јавен обвинител на Република Македонија на Турското јавно обвинителство беа остварени средби со првите луѓе на Врховниот суд на Република Турција, Академијата за судии и јавни обвинители на Република Турција, Основниот западен суд на Анкара и Националниот информативен систем за правосудството.

turcija 2

Јавниот обвинител на Република Македонија, г. Марко Зврлевски имаше состанок и со г.Бекир Боздаг, Министер за правда на Република Турција. На средбата беше разговарано за прашања од сферата на взаемната соработка во судството помеѓу двете земји.

244 total views, no views today

Page 21 of 49« First...10...1920212223...3040...Last »