Основното јавно обвинителство Скопје води постапка против едно лице кое при вршење семејно насилство се обидел од живот да ја лиши сопругата

Скопје, 04 Јануари 2016

Јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за  четириесет и четири годишен скопјанец за сторено кривично дело Убиство (во обид). Осомничениот во неделата ја нападнал својата сопруга, по што со употреба на нож и сатар и нанел тешки телесни повреди. На семејното насилство кое завршило со крвав деликт сведок било и едно од трите деца на брачните партнери. По извршеното кривично дело, осомничениот беше лишен од слобода.

Јавен обвинител по увидот на лице место донесе Наредби за вршење на потребни вештачења, собирање на траги од лице место како и сослушување на повеќе лица со цел расветлување на настанот.

Ценеjќи дека се исполнети законските основи, обвинителството достави предлог до судија на предходна постапка за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот беше прифатен од судот, па со Решение на осомничениот му е определен притвор во времетраење од триесет дена.

296 total views, no views today

Отворена постапка против три лица за убиството на 26-годишен охриѓанец

Скопје, 02 Јануари 2016

Основното јавно обвинителство – Охрид отвори постапка против три лица, осомничени за вчерашниот настан во кој животот го загуби 26-годишен жител на Охрид.

За трите лица, државјани на Р. Србија, од страна на надлежен обвинител е побарано одредување мерка притвор. Судија на претходна постапка за трите лица определи притвор во времетраење од 30 дена.

Еден од осомничените се гони за кривично дело Убиство од чл.123 ст.2 од Кривичниот законик – убиство извршено на свиреп начин. Останатите двајца се товарат за кривично дело Помагање од чл. 365 од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство – Охрид ја продолжува истрагата за овој случај.

307 total views, no views today

Истрага за даночно затајување од околу 44 милиони денари

Скопје, 29 Декември 2015

Основното јавно обвинителство – Скопје по добиеното известување од Министерството за финансии – Управа за финансиска полиција оформи предмет ​за извршено кривично дело – Даночно затајување од член 279 ст.2 вв со ст.1 вв со член 45 од Кривичниот законик. Според добиеното известување во периодот од 2010-2015 година лицето Ф.С. од Скопје, како сопственик и управител на Друштво за градежништво и трговија на големо и мало „Фарком Инжењеринг“ ДООЕЛ Скопје, подигнал лично за себе парични средства во износ од 80 милиони денари без притоа да пресмета и плати персонален данок од доход.

Надлежниот јавен обвинител до Бирото за судски вештачења издаде Наредба за изготвување на финансово вештачење на финансиската и сметководствена документација на друштвото. Наодите од вештачењето укажуваат дека лицето со намера во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и околности одбегнал плаќање на данок.Според искажаните податоци во деловните книги лицето во својство на сопственик, управител со неограничени овластувања, овластен потписник и одговорен за севкупното работење, давал лажни податоци за своите остварени приходи и приходите на правното лице, не водел уредна сметководствена евиденција, не пресметал и одбегнал да плати данок на додадена вредност, персонален данок од доход и данок од добивка согласно законските прописи, со што нанел штета на Буџетот на Република Македонија од околу 44 милиони денари.

Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување на мерка – Притвор што беше прифатен од страна на судијата на претходна постапка ​со донесување на Решение за определување на притвор во траење од 30 дена.

334 total views, no views today

Побаран притвор за негувателката осомничена за малтретирање старица

Скопје, 28 Декември 2015

Основното јавно обвинителство – Скопје до наделжен суд поднесе Предлог за определување мерка притвор за негувателката родена 1951 година, за која постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Телесна повреда од чл.130 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

Осомничената се товари за повредите нанесени на изнемоштена 84-годишна старица која и била доверена на чување.

Од страна на судот, на осомничената и е одреден притвор во траење од осум дена.

278 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Скопје започна постапка против 19 лица за кривични дела поврзани со незаконски активности во Агенцијата за катастар на недвижности – Центар за катастар на недвижности – Скопје

Скопје, 22 Декември 2015

Во текот на вчерашниот и денешниот ден во координирана акција на Основното јавно обвинителство – Скопје и Управата за финансиска полиција од слобода се лишени 19 лица кои денес се изведени пред судија на претходна постапка.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка поднесе:

- Предлог за определување на мерка – Притвор за две лица за кривично дело – Примање поткуп;

- Предлог за определување на мерки за претпазливост – Забрана за напуштање на престојувалиште, односно живеалиште, привремено одземање на патна исправа и забрана за преземање на работни активности поврзани со кривичното дело, за девет лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување;

- Предлог за определување на мерки за претпазливост – Забрана за напуштање на престојувалиште, односно живеалиште и привремено одземање на патна исправа за еден осомничен за кривично дело – Поткуп, за еден осомничен за Злоупотреба на службена положба и овластување и за шест лица за кривично дело – Поднесување на лажни докази.

Во исто време надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка поднесе и Барање за издавање на привремена мерка забрана за отуѓување и располагање со недвижен имот за две правни и 32 физички лица.

Акцијата е како резултат на повеќемесечната координирана активност на Основното јавно обвинителство – Скопје и Управата за финансиска полиција за откривање и утврдување на кривични дела и нивни сторители поврзани со незаконски активности во Агенцијата за катастар на недвижности – Центар за катастар на недвижности – Скопје.

248 total views, 1 views today

Откриена е тајната работилница за фалсификување лични карти

Скопје, 19 Декември 2015

Основното јавно обвинителство Скопје постапувајќи во предметот за фалсификуваните лични карти, кои беа предадени од страна на новинарот на Фокус, Љубиша Арсиќ на Министерот за внатрешни работи, презеде низа мерки и активности за расветлување на настанот.

Во вршење на истражни дејствија, во тек на вчерашниот ден, успешно е спроведена акција по наредба на јавен обвинител, во која е пронајдена тајната работилница каде е вршено фалсификувањето на документите. Станува збор за обемен материјал, опрема и апаратура која се користела за изработка на фалсификуваните лични карти и други документи. Пронајдениот материјал е одземен и е предмет на натамошна анализа и истражување.

За овој настан приведени се три лица, но постојат индиции и за инволвирани други лица и за сторени други  кривични дела.

Со повеќе информации ќе се произнесеме во следните денови.

315 total views, 1 views today

Истрагата ги расветли причините за пожарот во фабриката за пиротехника во Сопиште

Скопје, 18 Декември 2015

Директна изложеност на пламен од запалка е утврдената причина за пожарот во фабриката за пиротехника „ИЦЕ-МАК“ ДОО од Сопиште на 24.07.2014 година, во кој животот го загубија три лица. Ова го покажа истрагата спроведена од Основното јавно обвинителство – Скопје.

По наредба на обвинител, извршена е реконструкција на дел од производниот процес и експериментална потврда било утврдено дека само отворен пламен можел да го предизвика пожарот во фабриката, а со тој став се согласил и техничкиот советник на одбраната. Имено, за утврдување на точната причина за пожарот, вешти лица од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје анализираа неколку можни причини за запалувањето на припалните гази за производство на ЦС куршуми и солзавец во фабриката: статички електрицитет, слободна лебдечка прашина која се ослободува во процесот на кроење на газите, искра и отворен пламен.

Во текот на истрагата, надлежниот јавен обвинител сослуша 10-тина сведоци, меѓу кои клучен бил исказот на еден од работниците во фабриката, кој како очевидец сведочеше дека слушнал звук од запалка непосредно пред пожарот. Запалката била употребена од едно од настраданите лица во пожарот. Воедно, при увидот на лице место пред просторијата е пронајдена запалка и мобилен телефон, кои му припаѓале на еден од загинатите работници, од чија почетна работна позиција беше утврдено дека започнал пожарот.

Меѓу другото, увидот извршен од надлежното обвинителство покажа дека работодавачот има изготвено Збирно работилничко упатство во кое се дадени лични мерки за заштита на работниците, како што е забрана за внесување цигари, запалки, алкохол, дрога, мобилни телефони, клучеви и други остри метални предмети во фабриката. Но, ваквите дадени забрани не се почитувале од страна на вработените. Дополнително, надлежниот јавен обвинител, врз основа на извршениот увид на Државниот инспекторат за труд и преземените истражни дејствија, оценил дека во фабриката постоеле низа пропусти во поглед на непридржување кон прописите за заштита при работа.

Како резултат на ова, надлежниот јавен обвинител поднесе Обвинение против одговорното лице – управител во фирмата „ИЦЕ-МАК“ ДОО за сторено кривично дело – Непреземање мерки за заштита при работа од чл. 170 ст.1 од Кривичниот законик, како и против правното лице „ИЦЕ -МАК“ ДОО за сторено кривично дело Непреземање мерки за заштита при работа од чл. 170 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

282 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Скопје достави Предлог за задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа на мајката од Хиподром

Скопје, 16 Декември 2015

Основното јавно обвинителство – Скопје оформи предмет по поднесената кривична пријава од Министерството за внатрешни работи – СВР Скопје,  во врска со кривично  - правниот настан кога мајката го фрли својот шестгодишен син од четврти кат од зграда во населбата Хиподром.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, согледувајќи ги наодите од психијатриското вештачење на состојбата во која се наоѓала и се наоѓа осомничената, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување на мерка – Задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа од чл.63 од Кривичниот законик.

271 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Струга поведе постапка за престрелката на локалниот пат Струга – Долна Белица

Скопје, 16 Декември 2015

По поднесената кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи- СВР Струга во врска со престрелката на две групи, Основното јавно обвинителство – Струга донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица.

Лицата се товарат за сторени кривични дела – Убиство од чл.123  и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Струга достави Предлог за определување на мерка – Притвор за осомничените, од кои едно лице е на болничко лекување, едно е недостапно за органите на прогонот и три лица се непознати сторители. 

Кривично правниот настан се случи вечерта на 13 декември на локалниот пат Струга – Долна Белица кога при меѓусебна престрелка на две групи едно лице го загуби животот, а две беа повредени.

268 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство Струга ја истражува престрелката во која животот го загуби едно лице, а две се повредени

Скопје, 14 Декември 2015

Основното јавно обвинителство Струга изврши увид на лице место за настанот кој се случи вчера околу 22.00 часот, на локалниот пат Струга – Долна Белица.  Во меѓусебна престрелка меѓу две групи, едно лице го загуби животот, а двајца се повредени. Еден од повредените се наоѓа на лекување во струшката болница, додека пак другото поради тежината на повредите е пренесено на лекување во Скопје.

Престрелката се случила кога на група лица било пукано од возило во кое се наоѓале неколкумина. Првичните сознанија за причината за настанот се меѓусебните нарушени односи. По настанот, сторителите го напуштиле местото и во моментов се недостапни на органите на прогонот.

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга  во насока на расветлување на настанот и сторителите, издаде наредба за обдукција на починатото лице, за прибирање и вештачење на траги од лице место. Возилото од кое се пукало е испратено на вештачење и обработка.

245 total views, no views today

Page 30 of 51« First...1020...2829303132...4050...Last »