Основното јавно обвинителство Струга гони три лица за трговија со дрога

Скопје, 23 Декември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица, државјани на Република Албанија, за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените на ден 22.12.2018 година околу 1.40 часот како соизвршители неовластено заради продажба пренесувале шеесет и девет килограми и триста и десет грама дрога – марихуана. Дрогата претходно ја спакувале во црни најлонски ќеси и ја пренесувале на магистралниот пат Струга – Ќафасан во близина на с. Франгово. При што биле откриени и приведени од страна на овластени службени лица на Министерството за внатрешни работи.

Надлежниот обвинител ценеше дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, поради што до судија на претходна постапка од Основниот суд Струга достави предлог за определување на мерката притвор за тројцата осомничени.

106 total views, 1 views today

Три лица под истрага, едно во бегство за пукањето во Чаир

Скопје, 22 Декември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Насилство од чл.386  ст.6  во врска со ст.3 и во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

Тројцата се осомничени дека на 20.12.2018 година, на паркингот позади маркет во Чаир, извршиле грубо насилство со кое предизвикале тешка телесна повреда кај едно оштетено лице, а во јавноста предизвикале чувство на несигурност и страв.

Осомничените му се приближиле на оштетениот и го нападнале удирајќи го со тупаници по лицето и телото. Непознато машко лице, кое било заедно со нив, извадило огнено оружје и со него испукало два куршуми. Притоа го погодил оштетениот во десната потколеница и му нанел тешка телесна повреда.

Тројцата осомничени се лишени од слобода и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, а непознатото лице инволвирано во настанот е во бегство.

Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на претходна постапка достави и Предлог за определување мерки на претпазливост за осомничените – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патните исправи, како и забрана да му се приближуваат на оштетениот.

135 total views, no views today

Обвинителството на Кнежевството Монако постапи по барањето за меѓународна правна помош од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција

Скопје, 21 Декември 2018

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доби официјално известување од Обвинителството на Кнежевството Монако дека постапило по барањето за меѓународна правна помош во предметот за доделување на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија.

На надлежниот јавен обвинител, кој од оформувањето на овој предмет е во постојана комуникација со Обвинителството на Кнежевството Монако, ќе му биде испратена целокупната документација која е поврзана со предметот што се истражува во Македонија.

Во исто време, обвинителството од Монако потврди дека судија претседавач на Судот во прва инстанца на Кнежевството Монако постапил по барањето за привремено замрзнување на банкарска сметка.

Имено, во рамките на постапката во предметот за доделување на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија, беше утврдено дека правното лице – концесионер на центрите за дијализа е отуѓено.

Финансиските средства од продажбата во износ од 8.281.000 евра беа префрлени на сметка во Монако и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се обрати до властите во оваа земја со барање за нивно замрзнување, додека 3.275.000 евра се замрзнати на сметки во банки во Република Македонија.

177 total views, 1 views today

Отворен е предмет по допрен глас за исплатата на надоместоци за членовите на Судскиот совет

Скопје, 21 Декември 2018

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас по објавите на медиумите за донесените одлуки на Судскиот буџетски совет за обезбедување средства за исплата на додатоци на плата. Со донесените одлуки за членовите на Судскиот совет на Република Македонија се определува да се исплатат додатоци на плата во висина од 35 % од основната плата.

Обвинителството ќе ја испитува основаноста на донесените одлуки за исплата на додатоци на плата за членовите на Судскиот совет и извршената исплата. Надлежниот јавен обвинител истражува евентуална кривична одговорност за злоупотреба на службената положба и овластување и нанесена штета на Буџетот на Република Македонија со исплата на додатоците кои не се пропишани со Законот за плати на членовите на Судскиот совет.

 

127 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Гостивар врши увид на местото каде денеска во сообраќајна несреќа животот го загуби едно лице

Скопје, 20 Декември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи врши увид на лице место каде денес околу 13.30 часот се случи сообраќајна несреќа. Според првичните сознанија товарно моторно возило удрило во жена на возраст од 65 години, која поминувала на пешачки премин. При тоа на сега починатата и се причинети повреди кои имале смртна последица.

Јавниот обвинител нареди обезбедување и прибирање на траги од лице место. Наредено е и вршење на сообраќајно техничко вештачење и обдукција на починатото лице. Воедно побарани и обезбедени се видео записи од околните камери. Возачот се наоѓа во полициска станица и се преземаат дејствија за утврдување на фактите во предметот.

97 total views, 1 views today

Две лица под сомнение дека извршиле повеќе разбојништва из Скопје

Скопје, 20 Декември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле три кривични дела – Разбојништво од чл.237 ст.1 од Кривичен законик, две кривични дела  – Разбојништво од чл.237 ст.1 во врска со чл.19 (во обид) од Кривичниот законик, како и едно кривично дело – Разбојништво од чл.237 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, на 28.11.2018 година осомничените, со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот и телото на една оштетена, одзеле 23.000 денари од киоск во Скопје. Притоа, едниот осомничен чувал стража, а другиот употребил метален пиштол – запалка за да и се закани на вработената. По извршеното разбојништво и двајцата избегале во непознат правец.

На 30.11.2018 година на истиот начин се обиделе да извршат разбојништво во аптека, но оштетената вработена во аптеката одбила да им ги даде парите, по што тие се откажале од намерата и избегале.

На 07.12.2018 година, осомничените, маскирани и употребувајќи сила и закана дека непосредно ќе нападнат врз животот и телото на една оштетена одзеле 13.000 денари од киоск и повторно избегале.

На 10.12.2018 година двајцата осомничени извршиле разбојништво во аптека и одзеле 8.665 денари во различни апоени.

На 12.12.2018 година двете осомничени лица се обиделе да ограбат колонијал, повторно заканувајќи се со металниот пиштол – запалка. Вработената на која и ги побарале парите одбила да ги даде, а од под каса извадила дрвена палка, по што тие се откажале од намерата и избегале.

На 17.12.2018 година извршиле разбојништво во аптека, од каде одзеле 14.200 денари со намера противправно да ги присвојат.

Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и опасност да ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците и дека ќе го повторат кривичното дело, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основен суд Скопје 1 Скопје за едниот осомничен достави Предлог за определување мерка притвор, додека за другиот – Предлог за определување мерка куќен притвор.

104 total views, no views today

Поднесено обвинение за црногорскиот државјанин осомничен за нанесување тешка телесна повреда

Скопје, 20 Декември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Обвинителен предлог против едно лице, државјанин на Република Црна Гора, кој се товари дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од чл.131 ст.1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 13.11.2018 година без повод и причина, го нападнал оштетениот пред гостилница во Скопје и тешко телесно го повредил, удирајќи го со тупаници во пределот на главата. Од ударите оштетениот се здобил со повеќе набијни повреди и скршеници и паднал во бессознание, а осомничениот го напуштил местото на настанот.

Надлежниот јавен обвинител до судот достави и предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетиот, бидејќи се уште постојат околности што укажуваат на опасност од бегство со оглед на тоа што тој нема пријавено живеалиште во Република Македонија и не би можело на друг начин да се обезбеди неговото присуство во текот на кривичната постапка.

98 total views, no views today

Побаран притвор за државјанка на Турција заради криумчарење

Скопје, 20 Декември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување на истрага против 27-годишна државјанка на Република Турција поради сторено кривично дело – Криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничената на 18 декември, околу 20 часот на аеродромот во Скопје, избегнувајќи ја царинската контрола пренела непријавена стока-накит од бело злато и тоа дваесет и едно парче накит со вкупна тежина од 380.50 грама кои имаат вредност од 11.106.000,00 денари. Таа откако пристигнала со лет од Истанбул, се упатила кон излезот на преминот каде поминуваат патници кои немаат стока за пријавување. По што, при селекција од страна на царинскиот службеник и преглед на личниот багаж била пронајдена непријавената стока.

Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека се исполнети законските основи, па достави Предлог за определување на мерката притвор за осомничената. Предлогот беше прифатен од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје и со Решение е определен притвор против осомничената во времетрење од триесет дена.​

113 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага за нанесување тешка телесна повреда

Скопје, 19 Декември 2018

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Тешка телесна повреда од чл.131 ст.3 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 16.12.2018 година го довел во опасност животот на едно оштетено лице, така што по претходна вербална расправија, со нож му нанел тешки телесни повреди во вид на убодна рана во градниот кош, убодна рана во десната надлактица и посекотина на левата дланка.

Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, страв дека осомничениот ќе ги прикрива трагите на кривичното дело и ќе ја попречува кривичната постапка, како и дека ќе го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судија претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

131 total views, 1 views today

Поднесено обвинение за неовластено производство и пуштање во промет на дрога

Скопје, 19 Декември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик

Обвинетиот во својот дом неовластено заради продажба држел поголема количина наркотична дрога и тоа: 19 пакувања наркотична дрога марихуана со вкупна нето маса од околу 35 грама, четири пакувања со наркотична дрога хероин со вкупна нето маса од 1,17 грама, како и синтетички опијат – метадон во  шест шприца со вкупен волумен од 6,5 милилитри, како и 307 пластични шишенца метадон исполнети со поединечно количество 1мл –   70мл синтетички опијат.

Ценејќи дека се уште постојат законските основи поради кои на лицето му беше определена мерка притвор, надлежен јавен обвинител заедно со Обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на притворот за обвинетиот.

100 total views, no views today

Page 32 of 103« First...1020...3031323334...405060...Last »