Поднесено обвинение за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Скопје, 01 Ноември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 во врска со чл.45 од Кривичниот законик.

Осомничената се товари дека во текот на 2017 и 2018 година, со умисла извршила временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Притоа, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и околности, неовластено кај себе држела, преработувала и продавала наркотична дрога марихуана и хашиш смола. Прочитај повеќе…

232 total views, no views today

Се истражува вооружената престрелка во која почина едно лице

Скопје, 01 Ноември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово, заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи, извршија увид на лице место во Куманово каде вчера попладнето се случи вооружена престрелка меѓу две семејства.

Престрелката била ескалација на меѓусебните недоразбирања  и  повеќемесечно нетрпение меѓу две семејства. Нивните меѓусебни расправии, како и претходна тепачка со телесни повреди била веќе предмет на постапување на органите на прогонот. Синоќа околу 18.30 часот, припадници на едно од семејствата се движеле по улицата Тоде Мендол во близина на маркетот „Арди“ во Куманово. Во тој момент биле пресретнати од припадници на второто семејство по што започнала физичка пресметка меѓу нив. Во инцидентот било употребено огнено и ладно оружје, а како последица на тоа едно лице се здобило со животно-загрозувачки повреди и починало, а на друго лице му била нанесена убодна рана од нож.

Во тек на увидот, по наредба на  јавен обвинител обезбедени се трагите од лице место и пронајденото ладно оружје и испуканите чаури. Претстои нивно вештачење кое ќе даде потребни податоци и докази за натамошниот тек на кривичната постапка. Издадена е и Наредба за вршење обдукција на починатото лице.

Во моментов деветмина учесници во вооружената престрелка се лишени од слобода. Постои сомнение дека во кривично правниот настан учествувале уште неколку лица.  Во насока на утврдување на фактите во предметот, јавниот обвинител во континуитет презема дејствија.

144 total views, no views today

Извршен претрес во дом и други простории во Тетово по барање на јавен обвинител

Скопје, 31 Октомври 2018

Во текот на вчерашниот ден по издадена судска наредба, а во присуство на надлежниот јавен обвинител е извршен претрес на објекти сопственост на осомничениот. При претресот на домот и помошните простории во една од собите на кат пронајдено е еден килограм наркотична дрога марихуана, 13 литри засега непозната течност, дигитална вага, дрвена дробилка, шприцеви и други предмети, а при претресот на другиот објект пронајдено е поголемо количество (околу 45 килограми) на наркотична дрога-марихуана спакувана во полиетиленски вреќи која била набавена од НН лице од Република Албанија. По Наредба на јавен обвинител извршена е фото и видео документација на пронајдените предмети при претресот, предметите се подигнати и испратени на вештачење.

Осомниченото лице е лишено од слобода и задржано во Полициска станица- Тетово и во текот на денешниот ден ќе биде изведено пред Судија на претходна постапка при Основниот суд – Тетово.

134 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Прилеп гони едно лице за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

Скопје, 31 Октомври 2018

Основното јавно обвинителство – Прилеп по поднесена кривична пријава започна постапка против едно лице од Прилеп. На осомничениот му се става на товар дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 од Кривичниот законик.

Осомничениот неовластено заради продажба во својот дом држел 43,85 грама наркотична дрога марихуана и 4,29 грама семки од наркотична дрога марихуана, кои при извршен претрес од страна на полициските службеници биле пронајдени и одземени.

Надлежниот јавен обвинител до Судијата на претходна постапка при Основниот суд – Прилеп поднесе предлог за определување на мерка притвор за осомничениот.

127 total views, no views today

Притвор од 30 дена за осомничените за Полов напад врз дете

Скопје, 30 Октомври 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе предлог до судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар, за определување мерка притвор за  осомничените за кои постои сомнение дека во повеќе наврати извршиле кривично дело Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член  188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Притворот на осомничените е побаран согласно член 165 од Законот за кривична постапка,  а поради постоење опасност од бегство, дека ќе влијаат на сведоци, како и дека постојат можности да го повторат кривичното дело. Судот со Решение го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените им определи притвор во времетраење од 30 дена.

Како што известивме, во предметот се преземаат дејствија за утврдување на фактите и прибирање на доказен материјал против лица кои злоупотребувале дете на возраст од 13 години. Постојат сомненија дека во вршењето на кривичното дело учествувале повеќе лица, од кои за двајца осомничени  веќе постои централен распис за нивно пронаоѓање. Во меѓувреме обвинителството во соработка со Министерството за внатрешни работи го утврдува идентитетот и на други лица кои биле инволвирани во настанот.

136 total views, no views today

Соопштение

Скопје, 29 Октомври 2018

Во врска со објавите во дел од медиумите за денешното рочиште во судскиот процес против 12 лица за Несовесно работење во службата во случајот со лекувањето на Тамара Димовска, а во кои се наведува ставот на одбраната дека рочиштето се одлага по вина на обвинителството, јавното обвинителство ја информира јавноста дека единствена причина за одлагањето е ненамерен технички пропуст од страна на овластениот преведувач на дел од документите.

Имено, преведувачот на дел од документите ставил печат на овластен преведувач од српски, наместо од хрватски јазик. Треба да се нагласи дека се работи за лице кое е овластено за превод од двата јазици.

Во интерес на ефикасност на постапката, надлежниот јавен обвинител понуди уште на самото рочиште да достави решение за овластувањето на преведувачот да преведува и од хрватски јазик, но сепак расправата беше одложена.

Јавното обвинителство нагласува дека се залага за ефикасно и ефективно спроведување на оваа постапка без одложување.

123 total views, no views today

Отворен предмет по допрен глас во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа

Скопје, 29 Октомври 2018

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно член 272 од Законот за кривична постапка, отвори предмет по допрен глас во врска со доделувањето на концесијата за центрите за дијализа во Република Македонија.

Следејќи ги реакциите на „Нефрон“ – Здружение за бубрежно болни граѓани и написите на одредени медиуми кои укажуваат на низа недоследности при спроведување на постапката по Огласот за доделување концесии на центрите за вршење дијализа, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оцени дека постои основ на сомнение што треба да се провери. Сомненијата укажуваат дека постапката е спроведена на нетранспарентен начин со индиректно фаворизирање на правни и физички лица при што познати меѓународни провајдери со големо искуство се ставени во подредена положба.

Воедно, постои основ на сомнение и во врска со Одлуката за утврдување на референтна цена за хемодијализен третман согласно Упатството за начинот на вршење на здравствената дејност која се однесува на лекувањето со дијализа, со која што референтната цена на чинење на пакетот – хемодијализен третман кај хронична бубрежна инсуфициенција е зголемена од 4855 денари на 5400 денари.

229 total views, no views today

Отворена истрага против еден осомничен за разбојништво во Аеродром

Скопје, 28 Октомври 2018

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка за едно лице за сторено кривично дело Разбојништво од чл. 237 ст.1 од Кривичниот законик.

Лицето е осомничено дека на 16.10.2018 година, заканувајќи се со пластичен пиштол, извршил разбојништво во канцеларија на Брза пошта во Аеродром, при што одзел значителна сума пари, а вработената ја заклучил во тоалетот и избегал. При извршување на грабежот лицето не било маскирано. По неговото идентификување и лишување од слобода, извршено е и препознавање на осомничениот.

Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, но судијата донесе Решение со кое на лицето му определи мерка куќен притвор.

150 total views, no views today

Извршен увид на местото на тешка сообраќајна несреќа во резерватот „Јасен“

Скопје, 28 Октомври 2018

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа во резерватот „Јасен“. Според првичните информации, несреќата се случила кога на службено возило – комбе, во кое се превезувале четворица вработени во јавното претпријатие „Јасен“, му откажале сопирачките и се превртело.

Притоа, еден од патниците починал, возачот е потешко повреден, додека останатите патници се здобиле со полесни повреди.

По извршениот увид, дежурниот јавен обвинител нареди обдукција на телото на починатиот работник, како и вештачење на возилото во кое се превезувале работниците. Меѓудругото, ќе се проверува и сервисната историја и претходното одржување на возилото.

153 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Гостивар гони повеќе лица за Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години

Скопје, 27 Октомври 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против три лица за кои постои сомнение дека во повеќе наврати извршиле кривично дело Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член  188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Во вршењето на ова кривично дело учествувале осомничените, но и други лица за кои во моментов се преземаат дејствија за нивно пронаоѓање и идентификација. Детето  на возраст од 13 години било во повеќе наврати злоупотребувано од страна на возрасни лица. До овој момент е утврден идентитетот на петмина сторители, од кои тројца се лишени од слобода, за двајца е распишан распис за нивно пронаоѓање.  Надлежниот јавен обвинител издаде наредби и насоки за натамошно утврдување на меѓусебната поврзаност помеѓу инволвираните осомничени. Според првичните информации  постои веројатност во предметот да бидат опфатени и други лица.

Во моментов согласно на издадена наредба на надлежниот јавен обвинител се вршат бројни вештачења,  преку кои ќе бидат обезбедени докази и ќе се добијат насоки за утврдување на фактите во кривично правниот настан.

Детето по Наредба на обвинителството е згрижено од страна на Центарот за социјални работи.

Ценејќи дека се исполнети условите  предвидени во член 170 од Законот за кривична постапка, а особено земајќи ја во предвид видот и висината на запретената кривична санкција – казна затвор од најмалку 12 години за ова кривично дело, надлежниот јавен обвинител достави предлог до Основниот суд Гостивар  за определување на краткотраен притвор за трите лица.

Основното јавно обвинителство Гостивар во континуитет продолжува да презема интензивни активности за целосно расчистување на кривично правниот предмет.

153 total views, no views today

Page 38 of 103« First...102030...3637383940...506070...Last »