Изјава за медиумите во 20.00 часот од јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот

Скопје, 30 Септември 2018

Во Комисијата за следење на противправностите поврзани со остварување на правото на глас, во периодот од 14.00  до 19.00 часот денеска пристигнати се неколку пријави и информации за евентуални незаконитости.

Во Вишото јавно обвинителство Гостивар пријавени се два настани по кои постапуваше Основното јавно обвинителство Гостивар. Пријавено е фотографирање на гласачи од возило во кое биле неколку лица. Возилото е идентификувано и две лица се приведени. Во вториот случај пријавено е дека гласач го искинал и изгужвал своето гласачко ливче, а потоа вознемирен барал да му биде дадено ново гласачко ливче, кое не било дозволено од страна на избирачкиот одбор.  Гласањето продолжило на тоа избирачко место. Во двата настани дежурниот јавен обвинител издаде насоки за натамошно постапување во насока на утврдување на фактите.

На подрачје на Вишото јавно обвинителство Скопје има две пријави за сторени противправности. Во ОУ “Кочо Рацин” имало обид за фотографирање од страна на едно лице кое за таа цел употребило електронски уред – пенкало со камера.  Во Средното угостителско училиште ” Лазар Таневски ” набљудувач фотографирал лице кое стоело во редот за гласање. Наводите во известувањата ќе бидат проверени од Основното јавно обвинителство Скопје, ќе се обезбедат докази и ќе се одлучи дали во пријавените настани има елементи на кривични дела кои се гонат по службена должност.

Основното јавно обвинителство Скопје постапува и по поднесени кривични пријави од страна на политичка партија кои се однесуваат на евентуални противправности при гласање во општина Шуто Оризари. Втората кривична пријава од политичка партија се однесува на испратени СМС пораки  преку повеќе телефонски броеви поврзани со остварување на правото на гласање. Обвинителството веднаш издаде наредби за прибирање на потребните податоци и за расчистување на настаните.

На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип пријавено е дека околу 15.00 часот во ОУ “Димитар Влахов“ имало обид за гласање на маж во име на неговата сопруга. По интервенција на еден од акредитираните набљудувачи, лицето го искинало гласачкото ливче. По настанот лицето е приведено од страна СВР Штип. Дежурен јавен обвинител даде насоки за постапување.

Пријавен е и настан во с. Мислешево, струшко каде во гласачко место е забележано едно лице како при гласање имало уште две ливчиња кај себе. По реагирање на членовите на избирачкиот одбор, лицето се дало во бегство. При тоа му паднале дополнителните ливчиња за кои е утврдено дека се празни. Гласачкото ливче останало кај лицето кое до овој момент е недостапен на органите на прогонот.

На електронската адреса која ја отворивме има неколку пријави за сторени незаконитости поврзани со правото на гласање. Истите се веднаш доставени до надлежните основни јавни обвинителства и се предмет на натамошно постапување.

Комисијата за следење евентуални противправности поврзани со референдумот ќе продолжи да ја координира работата на јавните обвинителства и во следниот период. Очекуваме наскоро да пристигнат повеќе поднесоци и кривични пријави по кои итно ќе постапуваме.

 

170 total views, no views today

Изјава за медиумите од јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот

Скопје, 30 Септември 2018

Комисијата за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет  – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот во континуитет ги следи случувањата поврзани со референдумот.

Комисијата има за задача да ги следи сите настани поврзани со процесот на спроведувањето на референдумот. Таму каде што има индиции за извршени нерегуларности, веднаш известувањата се проследуваат до соодветното Основно јавно обвинителство. Дадени се задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите  дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Комуникацијата и координацијата со обвинителствата и со Министерството за внатрешни работи се одвива перманентно. Целта е прибирање на сите докази за гонење на сторители на кривични дела поврзани со референдумот.

До 14.30 минути има само едно известување за сторена противправност кое е поднесено во Основното јавно обвинителство Скопје.

Имено, Секторот за внатрешни работи Скопје го извести обвинителството за извршено кривично дело, денеска во 9,20 часот во дворот на ОУ ” Лазо Ангеловски” во Скопје на гласачко место број 2708. Делото е извршено од едно лице кое нападнало тројца униформирани полициски службеници. Осомничениот  е задржан во полициска станица. Во координација на Основното јавно обвинителство Скопје, СВР Скопје постапува за целосно документирање на настанот по што ќе ја достави целата документација со кривична пријава против осомничениот за сторено кривично дело Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 од Кривичниот законик. Со овој настан не е нарушен процесот на гласање, ниту пак имало некакво влијание кон гласачите во остварување во гласачкото право. Други пријавени незаконитости на територијата на надлежност на Вишото јавно обвинителство Скопје нема.

Сериозни неправилности нема на гласачките места на територија на Вишото јавно обвинителство Штип.  Имаме сознанија за мал инцидент во Радовиш каде едно лице фрлало летоци. Надлежното обвинителство информира дека со ова дејствие е сторен прекршок.  Во Кочани, во 11.30 минути, надвор од избирачко место по завршено гласање биле упатени закани од едно на друго лице, но истите немале влијание врз процесот на гласање. Во Штип има случај на неовластено фотографирање. Фотографирано било лице кое носело храна на избирачко место. Лицето кое неовластено фотографирало е задржано во полиција на разговор.

На територија на надлежност на Вишото јавно обвинителство Гостивар до 14.30 минути не се пријавени неправилности поврзани со процесот на гласање, ниту посериозен инцидент кој би го попречил референдумскиот процес.

Мирно се одвива и процесот на гласање на територијата на Вишото јавно обвинителство Битола.

Јавното обвинителство преку формираната Комисија ја известува јавноста дека јавните обвинители работат на терен. Целосно се посветени на борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето преку придонес кон нивно сузбивање и превенирање.

Може да се констатира дека до овој момент има релативно мирно спроведување на референдумот, односно нема индиции за поголем број  противправности опфатени со Глава 16 од Кривичниот законик. Иако обвинителството е подготвено да постапува, сепак се надеваме дека во оваа атмосфера ќе се спроведе референдумот.

 

150 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 30 Септември 2018

Дежурни јавни обвинители во сите Основни и Виши јавни обвинителства го следат процесот на гласање и се подготвени да ги преземат сите потребни дејствија за откривање и гонење на сторители на кривични дела кои се поврзани со процесот на гласање за референдумот. Јавното обвинителство е во постојана комуникација и координација со Министерството за внатрешни работи и  дадени се насоки за итно преземање мерки за прибирање  докази за евентуално сторени противправности и попречување на правото на глас на граѓаните.

Комисијата за  следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот ја известува јавноста дека до 10.00 часот утринава не е пријавен кривично правен настан или посериозен инцидент кој би значел повреда  на правото на гласање и противзаконито дејствување предвидено во Глава 16  – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот.

Јавното обвинителство во континуитет ќе продолжи будно да ги следи случувањата во текот на денешниот ден. За сите незаконитости веднаш ќе бидат преземени  со закон определените мерки согласно надлежноста на јавното обвинителство.

120 total views, 1 views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 29 Септември 2018

Комисија за следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот ја известува јавноста дека континуирано ги следи сите случувања поврзани со гласањето. Oбјавување на фотографии на гласачи  е противправно дејствие кое го нарушува процесот на гласање и претставува попречување на правото на гласање.

Оттука, ја известуваме јавноста дека секое сликање, снимање на гласачи при остварување на нивното право, како и било какво попречување на гласањето и процесот на спроведување на референдумот не се дозволиви согласно на закон. Вакви дејствија преземени во текот на процесот на гласање,  ќе бидат предмет на приоритетно постапување на јавното обвинителство.

Комисијата продолжува перманентно да го следи процесот на гласање, за што се воспоставени и дополнителни дежурства во јавните обвинителства. За евентуално извршени кривични дела и поведени постапки против сторителите јавноста ќе биде информирана .

271 total views, 1 views today

Наредена обдукција на двете починати лица во престрелката на „Рузвелтова”

Скопје, 29 Септември 2018

По насоки од дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, екипи на СВР Скопје, крим-техника и на Одделот за крвни деликти при МВР извршија увид на лице место на улица „Рузвелтова” во Скопје каде што доцна синоќа две лица го загубија животот во престрелка, додека едно е тешко повредено.

Трите лица се превезувале со возило Сеат алтеа кога врз нив бил отворен оган од возило во движење, кое веднаш го напуштило местото. Возачот на автомобилот Сеат, 44-годишниот Н.А., како и неговиот сопатник 49-годишниот А.П. им подлегнале на повредите во болница, додека 19-годишниот Ф.Е. и натаму е во критична состојба.

По наредба на јавен обвинител, телата на двете починати лица се предадени на обдукција на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија. Возилото во кое се превезувале е подигнато за вештачење.

На лице место биле подигнати 25 чаури, траги од крв, облека од убиените и од повреденото лице и други докази кои со наредба на јавен обвинител ќе бидат предадени на вештачење.

170 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против едно лице за обид за убиство

Скопје, 26 Септември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Убиство од чл.123 во врска со чл.19 од Кривичниот законик.

Настанот за кој се гони лицето се случил на 24.09.2018 година, околу 00:05 часот, на крстосницата меѓу ул. „Дурмиторска” и ул. „Алија Авдовиќ” во Скопје, кога осомничениот со употреба на огнено оружје – автоматска пушка испукал повеќе пати кон оштетениот Ј.Б., кој во тој момент управувал со патничко моторно возило Мерцедес, при што му нанел тешки телесни повреди.

По настанот, оштетениот најпрвин бил однесен на Универзитетската клиника за хируршки болести „Наум Охридски”, а подоцна, поради сериозноста на повредите, со возило на итна медицинска помош е префрлен на КАРИЛ при Клиничкиот центар „Мајка Тереза” во Скопје.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка притвор. Од страна на судот, на лицето му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

167 total views, no views today

Поднесен Обвинителен акт за две лица за Злоупотреба на службена положба и овластување при вршење на јавни набавки ​

Скопје, 24 Септември 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица. На осомничените им се става на товар дека како соизвршители сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Имено, во периодот од јуни до август 2015 година, првоосомничениот како директор на владина служба потпомогнат од второосомничениот – како сопственик на правно лице, свесно и со умисла, ги пречекориле границите на своето службено овластување со намера да прибават значителна имотна корист за сопственикот на правното лице и за правното лице. Осомничените договориле спроведување на постапка за јавна набавка во која предмет на јавната набавка било одржување на хигиена, тековно одржување, дактилографски услуги, противпожарна заштита и оперирање со телефонски централи.

Постапувајќи спротивно на член 36-а од Законот за јавни набавки, осомничените имале за цел да ја избегнат должноста за претходна согласност од Советот за јавни набавки. Во текот на постапката постапиле спротивно и на член 43 став 1 од Законот за јавни набавки кој предвидува дека учесниците во подготвување на тендерската документација не смеат да бидат понудувачи или членови на група на понудувачи во постапката за доделување на договор за јавна набавка. Првоосомничениот и покрај направените пропусти не постапил согласно член 169 од Законот за јавни набавки и не ја поништил постапката. Тој злоупотребувајќи ја службената должност со преземенетите дејствија го фаворизирал правното лице на второосомничениот, овозможувајќи само една понуда во тендерската постапка, со што била оневозможена аукција за постигнување негативно наддавање за пониска цена, а на штета на Буџетот на РМ во износ од 660.834.855 денари.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за продолжување на мерката куќен притвор за првоосомничениот. За второосомничениот, кој моментално е недостапен за органите на прогонот и по кого е распишана меѓународна потерница, со Решение е определена мерка притвор сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

180 total views, no views today

Поведена постапка за двајца стружани кои организирале пренос на дрога

Скопје, 21 Септември 2018

Основното јавно обвинителство Струга започна истражна постапка против две лица за сторено кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Двајцата осомничени на 19 септември, околу 19,40 часот, на локалниот пат од с. Корошишта кон с. Волино  организирале пренос на наркотична дрога марихуана во количина од 9925 грама.  По спроведена акција на Основното јавно обвинителство Струга, во координација со Министерството за внатрешни работи, осомничените стружани на возраст од 30 и 32 години се лишени од слобода.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга донесе Наредба за спроведување на истражна постапка, а поради постоење на законските основи доставен е и предлог за определување на мерката притвор до Основниот суд  Струга. Предлогот на обвинителството е прифатен од страна на судијата на претходна постапка кој со Решение на осомничените им определи притвор во траење до 30 дена.

120 total views, 1 views today

Соопштение

Скопје, 21 Септември 2018

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас во врска со настанот што се случи на 19.09.2018 година, кога по дојава на жители од зграда во скопската населба Аеродром, во стан во истата зграда беше откриено дека семејство со едно малолетно дете живее во исклучително лоши хигиенски услови.

Предметот е оформен во насока на проверка дали детето кое што живее во станот со неговата баба  е запоставено од неговите родители.

Во таа насока, Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба до СВР-Скопје да ги направи сите неопходни проверки со родителите на детето. Воедно, од Центарот за социјални работи на Град Скопје беше побарано да формира стручен тим, кој ќе изготви детален извештај за семејството во кое живее детето. Тимот ќе треба да провери дали семејството до сега било пријавувано во Центарот, дали било интервенирано од нивна страна и дали има пропусти во грижата на родителите за развојот на детето.

По направените проверки и обезбедените докази ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

159 total views, no views today

Јавното обвинителство ќе ги следи евентуалните противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот

Скопје, 21 Септември 2018

Согласно своите надлежности Јавниот обвинител на Република Македонија формираше Комисија за следење евентуални противправности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет  – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот на 30 септември 2018 година. За претседател на Комисијата е определен Џељаљ Бајрами, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Македонија. Во привремената Комисија членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства.

Проактивното и превентивно делување на Јавното обвинителство со формирањето на привремената Комисија  е одговор на  ставот дека настаните поврзани со претстојниот референдум се од поширок општ интерес во јавноста, каде има потреба од поголема организираност  во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија.

Комисијата има за задача на дневна основа да ги следи сите настани поврзани со процесот на организирањето и спроведувањето на референдумот. За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за извршени нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да ги преземат сите  дејствија за утврдување на сите релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Целта на Јавното обвинителство на Република Македонија е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето и да се даде поголем придонес кон нивно сузбивање и превенирање.

Во таа насока, Јавното обвинителство на Република Македонија, преку Привремената комисија за следење на евентуални противправности  ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса - referendum@jorm.gov.mk

159 total views, no views today

Page 42 of 103« First...102030...4041424344...506070...Last »