Јавниот обвинител на Република Македонија на отворањето на конференција за борба против тероризмот во Скопје

Скопје, 22 Март 2016

12895258_1114543065242622_1388971486_n

Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски денеска ги поздрави присутните учесници на тридневната регионална конференција „Взаемна правна помош, екстрадиција и истраги за комјутерски криминал во контекст на борбата против тероризмот и учеството во странски терористички војски“, што започна денеска во Скопје.

Во своето обраќање, г-динот Зврлевски истакна дека борбата против тероризмот и учеството во странски војски е предизвик за градење на цврста интернационална релација која ќе застане на патот на овој вид на кривични дела.

12476577_1114544035242525_1736020805_n

Република Македонија има сериозен пристап во справувањето со овој вид криминал и освен постоење на правна рамка, гради и институционална рамка која значајно ќе придонесе кон соочувањето со овој предизвик, додаде г-динот Зврлевски.

На конференцијата, која е дел од серијата обуки за борба против тероризмот на Балканот во организација на Амбасадата на САД, присуствуваат делегации на Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија и Хрватска. На отворањето на регионалната конференција, покрај Зврлевски, зборуваа и Мајкл Вакаро од Одделот за правда на САД – ОПДАТ, директорот на Бирото за јавна безбедност Горанче Савовски и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Љубчо Андоновски.

466 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 21 Март 2016

Ја известуваме јавноста дека во насока на заштита од криминални или други против законски дејствија, а во смисла на превентивно делување, Јавниот обвинител на Република Македонија донесе Одлука за формирање на привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборниот процес на 5 јуни 2016 година.

Членови на Комисијата се јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Македонија, од четирите Виши јавни обвинителства и од Основното јавно обвинителство -Скопје. Членовите на Комисијата се задолжени да го следат изборниот процес и притоа за сите настани за кои ќе оценат дека даваат индиции за евентуално сторени изборни нерегуларности да даваат задолженија за итно постапување од страна на надлежните обвинителства.

Во насока на сеопфатност во постапувањето, Комисијата ќе отвори нова службена електронска адреса за пријавување на изборни нерегуларности на која сите граѓани или претставници на граѓански организации ќе можат писмено да пријават незаконско постапување во врска со изборниот процес.

Наскоро службената адреса ќе биде објавена на веб страницата на Јавното обвинителство на Република Македонија.

332 total views, no views today

Јавниот обвинител на Република Македонија г. Марко Зврлевски ја пречека романската обвинителка Лаура Кодрута Ковеси

Скопје, 21 Март 2016

Јавниот обвинител на Република Македонија г. Марко Зврлевски денеска беше домаќин на Лаура Кодрута Ковеси – главна обвинителка во Националниот директорат за антикорупција во Република Романија.

20150103_161311
Целта на посетата беше запознавање на обвинителите и размена на искуства.

На средбата стана збор за организациска поставеност на обвинителствата при што беа утврдени сличности во истата. Имено, местоположбата што ја има Националниот директорат за антикорупција во системот на Република Романија соодветствува со организациската поставеност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во нашата земја.

20150103_161348

На посетата романската обвинителка беше придружувана од директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски.

421 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Струмица истражува даночно затајување, поднесен предлог за определување на мерка – Притвор за две лица

Скопје, 17 Март 2016

Основното јавно обвинителство – Струмица по поднесената Кривична пријава од Управата за финансиска полиција – Скопје против едно правно лице и две лица од Струмица поради основано сомневање дека сториле кривично дело – Даночно затајување од чл. 279 ст.2 вв со ст.1, вв со чл. 22 вв со чл.45 од Кривичниот законик, донесе Наредба за спроведување истрага. Во исто време надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка – Притвор за двете лица.

Имено, прво осомниченото лице како сопственик и управител на кривично одговорното правно лице со намера, во име и за сметка на даночниот обврзник правното лице, согласно чл.9 од Законот за данокот на додадена вредност, чл.4 од Законот за данок од добивка и чл.14-а од Законот за персонален данок, да одбегне делумно плаќање даноци на кои е обврзано, во периодот 2010-2014 година, договорно и заеднички со второ осомниченото лице, спротивно на чл.34 од Законот за ДДВ, во книговодствената евиденција на правното лице дало лажни податоци за своите приходи при што не пресметало и не платило данок.

Во периодот од 2010 – 2014 година првоосомниченото лице на ист начин книжело фалсификувани фискални сметки и сметкопотврди изготвени од второосомниченото лице за наводно купено гориво за износ за кој во ДДВ 04 пријавата извршило неоснован поврат на средства од вкупно 14.495.137 денари. Во исто време секоја година првосомниченото лице подигнувало поголема сума на парични средства од жиро сметката на правното лице за кои нема материјални докази за која намена се користени, а во сметководството ги употребило фалсификуваните 1254 фискални сметки за што согласно чл.14 од Законот за персонален данок се смета за лично примање за кое не пресметало и не уплатило персонален данок од 11,11%. Употребувајќи ги фалсификуваните сметки и со неоснованиот поврат на ДДВ со пребивање, осомниченото лице секоја година прикажувало повисок износ на расходи со што ја намалило обврската за пресметување на данок од добивка и не пресметало и не платило даноци во износ од 32.964.622,оо денари.

379 total views, no views today

Тешка сообраќајна незгода на патот Прилеп-Градско

Скопје, 12 Март 2016

Попладнево околу 15 часот, на магистралниот пат Прилеп-Градско се случи тешка сообраќајна незгода, во која животот го загуби петгодишно девојче.

Несреќата се случила кога автомобил Форд Фиеста со велешки регистарски таблички излетал од коловозот и се превртел. Во автомобилот, освен девојчето, патувале и нејзиниот татко, баба и дедо. Останатите патници не се повредени.

Се работи на утврдување на причините за сообраќајната несреќа. Надлежен јавен обвинител изврши увид на лице место, издаде Наредба за обдукција на телото на починатото девојче, како и Наредба за прибирање на траги од лице место врз кои ќе се врши дополнително вештачење.

366 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Скопје апелира да не се изнесуваат шпекулации за смртта на девојката во Аеродром

Скопје, 11 Март 2016

Основното јавно обвинителство – Скопје ги прибира информациите за расветлување на смртта на девојката во Аеродром, која почина откако падна од висококатница.  Се очекува доставување на комплетните податоци од страна на МВР на РМ – СВР Скопје  од делот на спроведените полициски истраги и прибраните известувања од сите граѓани кои имале сознанија за овој настан, а со кои претходниот ден беше извршен информативен разговор, како и од оние разговори кои дополнително ќе бидат спроведени во МВР на РМ во делот на предистражната постапка.

Во текот на вчерашниот ден беа обезбедени материјални траги и од такси возилото во кое била покојната ноќта пред нејзината смрт, кои по дадена наредба на ОЈО Скопје ќе бидат предмет на обработка од Одделот за криминалистичка техника при МВР на РМ со цел утврдување на траги со идентификационо значење – ДНК. Овој чекор е преземен во насока на откривање и обезбедување на материјални докази за постоење на евентуално кривичното дело и обезбедување траги кои потекнуваат од предметниот настан, а кои ќе може да се користат како материјални докази во текот на постапката.

Исто така се очекуваат комплетните резултати од Институтот на судска медицина и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет кои постапуваат по дадени наредби од страна на ОЈО Скопје.

По прибирање на сите потребни известувања доколку за настанот се утврди постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело, ОЈО Скопје ќе ги преземе сите други потребни истражни дејствија заради разјаснување на целиот настан,  со цел утврдување на сите околности и обезбедување на докази во кривичната постапка.

Во интерес на водење на предистражната постапка во овој предмет, потребно е во јавноста да не се изнесуваат непроверени наводи и шпекулации од која било страна, а ОЈО Скопје по утврдувањето на нови релеванти околности, ќе ја информира дополнително јавноста до оној степен до кој тоа го дозволува принципот на тајност на предистражната постапка согласно член 289 од ЗКП.

307 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје ги расветлува причините за смртта на девојката од скопски Аеродром

Скопје, 10 Март 2016

Основното јавно обвинителство Скопје започна со спроведување дејствија веднаш по смртта на девојката во Аеродром, која почина откако падна од висококатница. Донесена е Наредба согласно член 247 од Законот за кривична постапка, со која телото на покојната е предадено на Институтот за судска медицина и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје за да се направи преглед и обдукција на сега починатата и при тоа да се утврди конкретната причина за смртта на девојката, како и да се изврши дополнително медицинско вештачење на телото на девојката. Наредбата е дадена со цел да се обезбедат траги и докази од кои евентуално би се утврдило постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело Силување од член 186 од Кривичниот законик.

Според првичните резултати добиени од Институтот произлезе дека кај сега покојната девојка не се констатирани траги на насилен сексуален однос.

Истовремено во текот на полициските извиди од страна на МВР  беа извршени разговори со повеќе лица, меѓу кои и мајката на девојката која во своето известување пред надлежни полициски службеници навела дека настанот не бил пријавен во полиција, затоа што во ниту еден момент предходно од страна на нејзината ќерка , сега покојната, не и било кажано дека таа била жртва на насилен сексуален акт.

Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со преземање на дејствија во насока на расветлување на настанот.

291 total views, no views today

Македонски државјанин под истрага за криумчарење 13 мигранти, меѓу кои и две деца

Скопје, 07 Март 2016

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, постапувајќи по Кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи од 04.03.2016 година донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 26 – годишен македонски државјанин.  Истражната постапка е поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Криумчарење мигранти од чл.418-б ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик.

Имено, на 03.03.2016 година околу 13:00 часот во близина на казиното „Принцес” кај Гевгелија, осомничениот прифатил и во насока кон Скопје и Куманово, со патничко моторно возило марка БМВ превезувал 13 мигранти, меѓу кои и две малолетни лица.

Надлежниот обвинител, согледувајќи ги околностите што укажуваат дека постојат услови за определување на мерката Притвор – опасност од бегство, особени околности што укажуваат дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците и особени околности што го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување на мерка – Притвор против осомниченото лице. Судијата на претходна постапка по спроведено испитување на странките се согласи дека предлогот за определување на мерката – Притвор е неопходен за непречено водење на кривичната постапка и донесе Решение со кое на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

Деветмина од мигрантите кои илегално биле влезени на територијата на Република Македонија се вратени во Република Грција, додека останатите се задржани во својство на  сведоци и сместени едно лице во Прифатниот центар за странци лоциран во Гази Баба, а мајка со две деца во Прифатниот центар за баратели на право на азил во Скопје. 

Дополнителни информации:           

Предметите за сторено кривично дело Криумчарење со мигранти се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во изминатиот период зачестен е бројот на сторители на ова кривично дело поради актуелната бегалска криза. Во Република Македонија, според статистиката за сторителите на ова кривично дело, видно е дека најчесто истото се врши од страна на поединци, поретко од сtрана на организирана група.

Според податоците во обвинителството, само годинава, во периодот од 01.01.2016 година до 07.03.2016 година, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје за сторено  кривично дело – „Криумчарење мигранти” по член 418-б Кривичниот законик,  во работа примило кривични пријави против 30 полнолетни  сторители,  од кои шест се странски  државјани.

За кривичното дело – „Криумчарење мигранти” по член 418-б ст.2 од Кривичниот законик, односно во случаите во кои жртвите се полнолетни лица, во работа биле кривични пријави против 21 лице, сите полнолетни сторители. Против 10 лица се поднесени обвинителни предлози, за седум лица донесени се пресуди врз основа на предлог спогодби и за четири лица кривичната постапка е во фаза на истрага. За осум лица за кои беше поднесен обвинителен предлог постапката е завршена со донесена пресуда врз основа на признание на вина.

За кривичното дело – „Криумчарење мигранти” по член 418-б ст.4 вв ст.2 од Кривичниот законик, односно во случаите во кои меѓу жртвите има и малолетници, се пријавени девет лица  и донесени се наредби за спроведување истражна постапка против сите девет, кои истражни постапки се во тек.

Во пријавените кривично правни настани беа откриени вкупно околу 210 илегални мигранти од кои 16 лица беа малолетни.

Во текот на 2015 година, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција како надлежно обвинителство за постапување по кривичното дело – Криумчарење мигранти, поднесени  се кривични пријави против 166 лица.

За кривично дело – Криумчарење мигранти од чл. 418-б ст.2 од Кривичниот законик пријавени се 92 лица. Со оглед на запретената казна применливи се одредбите за скратена постапка од Законот за кривична постапка, што значи дека за ваквите предмети надлежното обвинителство не носи формално Наредба за спроведување на истражна постапка. Имајќи ја во предвид оваа околност за седум пријавени лица кривичните пријави се отфрлени, за едно лице предметот е отстапен на надлежно постапување на друго обвинителство, за 16 лица се уште се превземаат потребни дејствија, за 28 лица е донесена пресуда врз основа на предлог спогодба (со што за овие лица кривично – правниот предмет е правосилно завршен), а за 40 лица е поднесен обвинителен предлог.

За кривичното дело – Криумчарење мигранти од чл. 418-б ст.4 в.в. ст.2 пријавени се 74 лица од кои за едно лице се уште се превземаат предистражни дејствија, а за останатите 73 лица се донесени Наредби за спроведување на истражна постапка. За осум лица истрагата е во тек, за две лица се донесени Наредби за прекин на истрагата, за четири лица се донесени Наредби за запирање на истрага, за 35 лица донесени се Пресуди врз основа на предлог – спогодба, а за 24 лица се подигнати обвинителни акти.

Во 2015 година за кривичното дело Криумчарење мигранти, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има подигнато вкупно 53 обвиненија, од кои што 22 се обвинителни акти  против 24 обвинети лица, а 31 се обвинителни предлози против 40 лица.

426 total views, no views today

Се води постапка против едно лице кое нападна јавен обвинител во Тетово

Скопје, 04 Март 2016

Вчера во Основниот суд – Тетово додека во постапка по предмет се објавувала пресудата, едно од присутните лица во судницата извршило напад над надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово. Имено, осомничената која е роднина на осуденото лице, вербално се заканувала на јавниот обвинител и физички го нападнала. По интервенција на судската полиција осомничената е отстранета од судницата.

Основното јавно обвинителство – Тетово издаде наредби до полициските служби за земање на изјава од осомничената, како и за обезбедување на видео записот од судницата во тетовскиот суд. Осомниченото лице се товари за сторено кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

305 total views, no views today

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција презема дејствија во Струмица

Скопје, 03 Март 2016

Во рамки на предистражна постапка поврзана со кривични дела против изборите и гласањето, денеска во Општина Струмица Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со Министерството за внатрешни работи спроведе акција.

Се прибираат материјални докази неопходни за утврдување на фактичката состојба при спроведување на Претседателските и Парламентарните избори во 2014 година. Во денешната акција одземени се два општински компјутери и на разговор се повикани повеќе лица претежно граѓани гласачи.

305 total views, no views today

Page 43 of 68« First...102030...4142434445...5060...Last »