Соопштение

Скопје, 20 Јуни 2017

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека во постапувањето по предистражниот предмет оформен во врска со настаните во Собранието на Република  Македонија од 27-ми април 2017 година, започна со повикување на граѓани заради прибирање на потребни известувања.

Во наредните денови тимот на јавни обвинители кој постапува по овој предмет во континуитет ќе повикува лица заради прибирање на потребни известувања, а ќе презема и други дејствија на прибавување на писмени известувања, докази и нивно проучување.

Обвинителството појаснува дека постапката по овој предмет е предистражна, што значи дека се прибираат докази заради оцена дали во настанот кој се истражува има дејствија и обележја на кривични дела и кои се нивните извршители, по што ќе се донесе јавнообвинителска одлука дали има основано сомневање за отворање на истрага.

Во секоја фаза од кривичната постапка, па така и во предистражната каде спецификата е посебно во тоа што се уште не се издиференцирани својствата на лицата кои се учесници во одреден настан, јавното обвинителство води сметка за почитување на личноста и пресумцијата на невиност на секое лице.

Лицата кои се повикани и кои ќе бидат повикувани во оваа фаза од постапката, се повикуваат според законските правила за повикување и испитување на сведоци за да како граѓани на барање на јавниот обвинител дадат известувања коишто им се познати за одреден настан.

Обвинителството го разбира зголемениот медиумски интерес, но почитувајќи ги напред кажаните законски и етички норми, не може да даде податоци за повиканите лица во смисла на тоа дали истите се носители на јавни или други функции, работни места и слично.

Ќе бидат повикани сите лица без оглед на нивниот личен, општествен статус или положба,единствено само врз основа на еден критериум – дали за лицата има докази од кои произлегува дека истите би можеле во оваа оваа фаза од постапката да дадат известувања за утврдување на околностите поврзани со конкретниот настан.

За натамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана.

251 total views, 1 views today

Поднесено обвинение против лице кое фалсификувало исправи

Скопје, 19 Јуни 2017

Основното јавно обвинителство - Скопје поднесе обвинение против едно лице за сторени кривични дека  – Фалсификување исправа од член 378 и – Изработување и набавување на оружја и средства наменети за извршување на кривично дело од член 395 од Кривичниот законик.

Лицето се товари дека со умисла извршило повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело – Фалсификување на исправа. Имено, во периодот од 2012 до 2017 година осомничениот изработувал разни јавни исправи со невистинита содржина и тоа, лични карти, возачки дозволи, свидетелства за завршено средно образование, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, медицинска документација и слично. Исправите ги изработувал на лажни обрасци, како да се издадени и заверени со печат и потпис од  државни и јавни  институции од државата.  Целта била фалсификуваните јавни исправи натаму да се користат од страна на наши државјани и  странци, како вистинити во правниот промет во Република Македонија и во странство.

По предлог од надлежен јавен обвинител, судечки судија од Основниот суд Скопје 1 - Скопје донесе Решение со кое на обвинетиот му ја продолжи мерката притвор.

 

164 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Скопје побара притвор за лице кое фалсификувало исправи

Скопје, 12 Јуни 2017

По примена кривична пријава , Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за сторени кривични дека  – Фалсификување исправа од член 378 и – Изработување и набавување на оружја и средства наменети за извршување на кривично дело од член 395 од Кривичниот законик.

Осомничениот откако набавил предмети – соодветна опрема за кои знаел дека се наменети за извршување на кривично дело со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело – Фалсификување на исправа. Имено, во периодот од 2012 до 2017 година осомничениот изработувал разни јавни исправи со невистинита содржина и тоа, лични карти, возачки дозволи, свидетелства за завршено средно образование, судски решенија, пресуди, договори за купопродажба на моторно возило, медицинска документација и слично. Исправите ги изработувал на лажни обрасци, како да се издадени и заверени со печат и потпис од  државни и јавни  институции од државата.  Целта била фалсификуваните јавни исправи натаму да се користат од страна на наши државјани и  странци , како вистинити во правниот промет во Република Македонија и во странство.

Надлежен јавен обвинител од Основното  јавно обвинителство Скопје  до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Судот со Решение го потврди предлогот и на осомничениот му изрече мерка притвор во времетраење од осум дена.

187 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Прилеп ја истражува сообраќајната несреќа во која животот го загуби едно лице

Скопје, 08 Јуни 2017

На ден 07.06.2017 година околу 16,20 часот случена е сообраќајна незгода на патот Прилеп-с.Присад, помеѓу ПМВ марка Фолксваген Пасат управувано од жител на Прилеп и ПМВ марка Лада 1600 управувано од сега починатиот. Во несреќата животот го загуби возачот на Ладата, жител на Прилеп на возраст од 36 години.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп изврши увид на лице место заедно со екипа од крим-техника при МВР ПС Прилеп, издадени се наредби за подигање и обезбедување на траги и предмети кои можат да послужат како доказ. Издадена е и наредба за обдукција врз телото на починатиот за утврдување на причините за смртта.

229 total views, 1 views today

Пресечен уште еден канал на нелегална трговија со марихуана преку Охридското Езеро

Скопје, 02 Јуни 2017

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека во континуираната борба со организираниот криминал, во содејство со Одделот за организиран криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија пресече уште еден канал на недозволена трговија на наркотична дрога и сузби уште една криминална група составена од албански и македонски државјани, која се занимава со неовластено набавување и продажба на наркотична дрога марихуана. Дрогата беше пренесувана преку водите на Охридското Езеро, од Република Албанија во Република Македонија.

Отворена е истрага за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в со ст.1 од Кривичниот законик при што е одземена наркотична дрога марихуана во количина од 39 килограми.

Истрагата се води за четири члена група од која двајца македонски државјани. Во текот на вчерашниот ден се изведени пред надлежен судија на претходна постапка кој им определи мерка притвор во траење од по 30 дена. Двајцата албански државјани се во бегство.

163 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против лицето кое пукаше во поранешниот Министер за здравство

Скопје, 02 Јуни 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лицето кое вчера пукаше во поранешниот Министер за здравство. Осомничениот се гони за сторени две кривични дела и тоа Убиство од член 123 во врска со член 19  и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик.

Надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и Предлог за определување на мерката – Притвор, бидејќи ценеше дека се исполнети законските основи за нејзиното изрекување.

148 total views, no views today

Основното јавно обвинителство поведе постапка против едно лице за полов напад врз дете

Скопје, 02 Јуни 2017

Осомничениот делото го вршел во периодот од септември до декември 2016 година во времето кога ги користел законски овозможените видувања со своето дете од вонбрачна заедница. Однесувањето на детето создало сомнеж кај мајката која го пријавила случајот.

Од тој момент обвинителството ги презеде сите потребни дејствија за прибирање на докази и утврдување на факти во предметот. По спроведување на предистражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот за сторено кривично дело Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Обвинителството ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на предходна постапка поднесе Предлог за определување на мерката – Притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и со Решение на осомничениот му е определен притвор во времетраење од 30 дена.

130 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Прилеп ја истражува смртта на пронајденото лице во с. Канатларци

Скопје, 01 Јуни 2017

Во близина на стариот задружен дом во с. Канатларци, вчера околу 3 часот во паркирано патничко возило марка Фолксваген Пасат пронајдено е тело на маж со неколку прострелни рани во пределот на градниот кош. Утврдено е дека станува збор за лице родено во 1991 година.

Основното јавно обвинителство Прилеп заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи изврши увид на лице место. Во насока на утврдување на фактите и расветлување на настанот, надлежен јавен обвинител издаде Наредби за обдукција на телото на починатиот, за подигање на траги и  предмети од лице место кои можат да послужат  како доказ. Преземени се и други дејствија за утврдување на причините за смртта на пронајденото лице.

 

159 total views, no views today

Охридското обвинителство гони две лица за трговија со дрога

Скопје, 31 Мај 2017

Основното јавно обвинителство Охрид постапувајќи по кривична пријава, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело Неовластено  производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.

Дрогата – марихуана со тежина од околу 100 килограми е најдена во патничко моторно возило со скопска регистарска таблица кое се движело по патот Св. Наум – Охрид. Во возилото биле две лица, од кои возачот се дал во бегство и во моментов е недостапен на органите на прогонот.

Совозачот, жител на Битола, е лишен од слобода и против него е започната постапката за стореното дело. Надлежен јавен обвинител достави предлог до Основниот суд Охрид за определување на мерка Притвор, кој предлог е потврден со Решение на судот со кое му е определен притвор во времетраење од триесет дена.

217 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Скопје нареди истрага против лекар за Примање поткуп

Скопје, 31 Мај 2017

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, осомничено за сторено кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 од Кривичниот законик.

Лицето е осомничено дека поткупот го примило, извршувајќи ја дејноста лекар. Ценејќи дека се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка притвор за лицето во траење од 30 дена.

196 total views, no views today

Page 7 of 50« First...56789...203040...Last »