Основното јавно обвинителство – Струга поведе постапка за престрелката на локалниот пат Струга – Долна Белица

Скопје, 16 Декември 2015

По поднесената кривична пријава од страна на Министерството за внатрешни работи- СВР Струга во врска со престрелката на две групи, Основното јавно обвинителство – Струга донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица.

Лицата се товарат за сторени кривични дела – Убиство од чл.123  и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Струга достави Предлог за определување на мерка – Притвор за осомничените, од кои едно лице е на болничко лекување, едно е недостапно за органите на прогонот и три лица се непознати сторители. 

Кривично правниот настан се случи вечерта на 13 декември на локалниот пат Струга – Долна Белица кога при меѓусебна престрелка на две групи едно лице го загуби животот, а две беа повредени.

492 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Струга ја истражува престрелката во која животот го загуби едно лице, а две се повредени

Скопје, 14 Декември 2015

Основното јавно обвинителство Струга изврши увид на лице место за настанот кој се случи вчера околу 22.00 часот, на локалниот пат Струга – Долна Белица.  Во меѓусебна престрелка меѓу две групи, едно лице го загуби животот, а двајца се повредени. Еден од повредените се наоѓа на лекување во струшката болница, додека пак другото поради тежината на повредите е пренесено на лекување во Скопје.

Престрелката се случила кога на група лица било пукано од возило во кое се наоѓале неколкумина. Првичните сознанија за причината за настанот се меѓусебните нарушени односи. По настанот, сторителите го напуштиле местото и во моментов се недостапни на органите на прогонот.

Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга  во насока на расветлување на настанот и сторителите, издаде наредба за обдукција на починатото лице, за прибирање и вештачење на траги од лице место. Возилото од кое се пукало е испратено на вештачење и обработка.

475 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Скопје постапува во предметот за наводно фалсификуваните лични карти

Скопје, 09 Декември 2015

Основното јавно обвинителство – Скопје како стварно и месно надлежно обвинителство согласно законската регулатива, оформи предмет за настанот со наводно фалсификувани лични карти.

Во тек е предистражна постапка во која досега е прибавена релевантна писмена документација и потребни податоци. Во тек е спроведување на истражни дејствија, за кои во моментов не сме во можност да споделиме детали.

Имено, согласно член 289 од Законот за кривична постапка „ сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.“

445 total views, no views today

Јавното обвинителство на Република Македонија потпиша Спогодба за соработка со Генералното обвинителство на Руската Федерација

Скопје, 09 Декември 2015

Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски вчера во Москва се сретна со Генералниот обвинител на Руската Федерација Јуриј Чајка, со кого потпиша Спогодба за соработка помеѓу Јавното обвинителство на Република Македонија и Генералното обвинителство на Руската Федерација.

rusija 1

Документот предвидува можност за соработка од различен формат во повеќе области од надлежност на обвинителствата, а пред се во борбата против организираниот криминал, борбата против тероризмот и корупцијата, како и при укажувањето на правна помош за кривични прашања.

0812154

Во своето обраќање, јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски ја нагласи важноста на меѓународната соработка, истакнувајќи дека искуството на Русија во борбата против тероризмот, екстремизмот и корупцијата може да биде исклучително полезно за македонските институции.

0812155

Генералниот обвинител на Руската Федерација Јуриј Чајка, пак, изрази увереност дека практичната реализација на Спогодбата ќе ја издигне соработката меѓу двете обвинителства на квалитетно повисоко ниво и ќе промовира координиран пристап во решавањето на проблемите со кои се соочуваат обвинителите.  Тој додаде дека обвинителствата на Русија и на Македонија имаат потенцијал за натамошен развој на соработката и на меѓународно ниво, пред се во рамките на Советот на Европа и на Меѓународната асоцијација на обвинители.

524 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 04 Декември 2015

Јавното обвинителство на Република Македонија Ве известува дека Основното јавно обвинителство Скопје, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и другите обвинителства денеска ги предадоа побараните предмети од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Воедно, постапувајќи согласно одредбите на Законот за кривична постапка и Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, основните јавни обвинителства ги предадоа и останатите предмети (31) што се оформени за кривични дела поврзани и што произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите.

Предавањето на предметите е согласно на Законот за кривична постапка, според кој за постапување по овие предмети е стварно надлежно Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

477 total views, no views today

Отворен Медиа информативно-едукативен центар во Јавното обвинителство на Република Македонија

Скопје, 03 Декември 2015

Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ), со финансиска поддршка од Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, денеска отвори Медиа информативно-едукативен центар во просториите на обвинителството.

Во Центарот, Службата за односи со јавноста ќе спроведува обуки за обвинителите и јавнообвинителските службеници од сферата на односите со јавност, професионалната етика, тимската работа, како и повеќе стручни области. Во исто време, Центарот ќе организира обуки и за медиуми, средношколци и за студенти, кои ќе се запознаваат со работата на Јавното обвинителство и со новините во Законот за кривична постапка.

Во рамките на Центарот ќе биде отворена и библиотека со стручна литература и други научни трудови, која ќе им биде достапна на посетителите.

             meic1

„Оваа сала, за чие комплетно техничко и ентериерно опремување Мисијата на ОБСЕ во Скопје несебично се потруди да ни излезе во пресрет, ќе биде место каде ќе се надградува интерната и екстерната комуникација на јавните обвинителства. Од денеска ова ќе биде простор во кој ќе се разменуваат информации, ќе се одвиваат бројни активности со претставниците на медиумите, ќе се одржуваат обуки како за јавните обвинители и јавнообвинителските службеници, така и за студентите, учениците и новинарите“, изјави Јавниот обвинител на Република Македонија г-динот Марко Зврлевски на отворањето на Центарот.

Отворањето на Центарот е една од предвидените активности во Стратегијата за односи со јавност, што беше подготвена од Службата. Очекуваме овој Центар да претставува основа за унапредување на знаењата, капцитетите и вештините во повеќе области. За ова подготвивме и детална програма за едукација, која првично вклучува 12 обуки што ќе започнат да се реализираат од почетокот на 2016-та година“, додаде г-ѓа Елизабета Недановска, Самостоен јавнообвинителски советник за односи со јавност.

Медиа информативно – едукативниот центар е дел од низата проекти реализирани во рамките на повеќегодишната успешна соработка на Јавното обвинителство на Република Македонија со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

meic2

„Стручните, самостојни и добро обучени обвинители, кои своите случаи ги градат врз основа на принципите на правичност и транспарентност, придонесуваат кон изградбата на ефективен систем на правда“, рече амбасадорката г-ѓа Мариане Берец, Заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

102_6583

102_6589

102_6593          102_6588

488 total views, 1 views today

Постигната спогодба за казна затвор во траење од 15 години

Скопје, 01 Декември 2015

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес постигна спогодба со обвинетиот Е.И. за кривичното дело – Разбојништво од член 237 ст.4 вв ст.1 вв член 19 ст.1 од Кривичниот законик да му се изрече казна затвор во траење од 10 години и шест месеци, за кривичното дело – Предизвикување на општа опасност од член 288 ст.3 вв ст.1 од Кривичниот законик да му се изрече казна затвор во траење од 3 години и за кривичното дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи од член 396 ст.2 вв ст.1 од Кривичниот законик да му се изрече казна затвор во траење од 9 години и шест месеци, односно како единствена казна да му се изрече казна затвор во траење од 15 години.

Кривично правниот настан се случи на седми септември оваа година во Трговскиот центар во Велес кога обвинетиот со закана со употреба на огнено оружје се обидел од менувачница да одземе пари со намера противправно да ги присвои. Обвинетиот маскиран со капа – фантомка влегол во менувачницата со оружје што е забрането за граѓаните и неовластено го поседувал -автоматска пушка калибар 7,62х39 мм со полна рамка и истата ја вперил кон оштетениот заканувајќи му се по живот доколку не му ги даде сите пари. Оштетениот при меѓусебна турканица во која биле испукани два куршуми, успеал да го истурка обвинетиот надвор од менувачницата и започнал да бара помош, по што обвинетиот испукал уште два куршуми со што со умисла предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери на место каде се движеле поголем број лица. Обвинетиот успеал да се истргне од оштетениот, но набргу бил совладан од случајни минувачи и предаден на полицијата.

На денешното рочиште во Основниот суд во Велес е донесена пресуда со која се прифати Предлог-спогодбата и притворот на обвинетиот ќе продожи до започнување со издржување на казната затвор.

525 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 19 Ноември 2015

Јавното обвинителство на Република Македонија во врска со барањето од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, за доставување на статистички податоци за бројот на предметите оформени во јавните обвинителства во Република Македонија, а кои се однесуваат на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, достави детален статистички преглед, како и податоци за сите преземени дејствија: Прочитај повеќе…

1,046 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против поранешен градоначалник за сторено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување

Скопје, 16 Ноември 2015

По завршување на истражната постапка и прибирање на сите потребни докази во предметот, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство – Охрид  во Основниот суд Охрид поднесе Обвинителен акт против лицето А.П. за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот се товари дека во март  2013 година, како службено лице – градоначалник на  општина Охрид, ги пречекорил границите на своето службено овластување, бидејќи во постапка за доделување договор за краткотраен закуп на паркинг простори со јавно наддавање овозможил постапката да се спроведе и избраниот понудувач да не изврши уплата на износ од 2.010.000,00 денари надомест за едногодишна закупнина на паркинг просторите.

Имено, обвинетиот првично не постапил по известување на Државната комисија за спречување на корупцијата, која побарала да се сопре постапката за јавната набавка до завршување на изборите за градоначалник и членови на Советот на општината, а потоа и со потпишување на Договорот за закуп на паркинг простор му овозможил на закупувачот корист – да започне да стопанисува со паркинг просторите, предмет на објавата и постапката, без да изврши уплата на договорениот едногодишен надоместок.

506 total views, no views today

СООПШТЕНИЕ

Скопје, 12 Ноември 2015

Во Јавното обвинителство на Република Македонија вчера во попладневните часови, пристигнa барање од страна на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, за доставување на статистички податоци за бројот на предметите оформени во јавните обвинителства, а кои се однесуваат на гореспомнатите кривични дела.

Бараната статистика се однесува на бројот на оформени предмети, назначување на јавните обвинителства пред кои се оформени предметите и броеви под кои се заведени предметите.

По барањето се постапува, по што бараните податоци ќе бидат доставени во најкраток можен рок.

482 total views, no views today

Page 83 of 103« First...102030...8182838485...90100...Last »