Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против едно лице за Производство и дистрибуција на детска порнографија

Скопје, 05 Јануари 2015

Осомничениот во периодот од јули 2014 година досега во неколку наврати произведувал видео запис на сопствениот мобилен телефон кој го имал поставено во женската соблекувална на фискултурната сала и во соблекувалната на градскиот базен во Делчево.  Снимениот материјал како и направените фотографии осомниченот ги чувал со цел нивна дистрибуција како детска порнографија. Мобилниот телефон бил поставен на кантата за смет и на посебно издупчено место во лимена преграда во соблекувалните и бил подесен постојано да снима додека девојчињата се подготвувале.

Поради стореното, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот. Воедно, сметајќи дека се исполнети законските основи, до надлежен Судија на предходна постапка обвинителот поднесе Предлог за определување на мерка Противор за осомничениот.

Прифаќајќи го предлогот на јавниот обвинител, судијата на предходна постапка му изрече на осомничениот Притвор во времетраење  од 30 дена.

436 total views, no views today

Македонското и косовското обвинителство ќе соработуваат во борбата против организираниот криминал и против тероризмот

Скопје, 30 Декември 2014

Јавното обвинителство на Република Македонија и Канцеларијата на Државниот обвинител на Република Косово денеска во Приштина потпишаа Меморандум за разбирање, со кој договорија тесна соработка во борбата против организираниот криминал и поврзаните кривични дела, вклучувајќи го и перењето пари и борбата против тероризмот.

Меморандумот е прв документ од ваков вид договорен со Република Косово, а го потпишаа државниот јавен обвинител на Република Македонија г-дин Марко Зврлевски и в.д. главниот државен обвинител на Република Косово г-дин Суле Хоџа. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Косово, г-дин Илија Страшевски.

Со документот се предвидува соработката да се остварува преку размена на информации и документи, преземање мерки за ефективно и брзо извршување на сите барања за екстрадиција, како и правосудна соработка и правна помош во однос на кривичните дела поврзани со организиран криминал и тероризам.

Република Македонија и Република Косово ќе назначат и посебни јавни обвинители кои ќе бидат одговорни за имплементација на соработката меѓу двете обвинителства. Меморандумот за разбирање влегува во сила веднаш и ќе важи три години, со можност за обновување.

Претходно, Јавното обвинителство на Република Македонија има потпишано мултилатерален Меморандум за разбирање за регионална соработка во борбата против организираниот криминал со обвинителствата на Република Албанија, Република Босна и Херцеговина, Република Хрватска, Република Србија и Република Црна Гора.

На билатерално ниво, меморандуми за соработка се потпишани и со Националното биро за борба против мафијата на Република Италија, Врховното државно тужителство на Република Словенија, Државното тужителство на Република Хрватска, како и со јавните обвинителства на Албанија, Србија и Црна Гора.

Со сите меморандуми се предвидува координација на истрагите во транснационалниот криминал, размена на искуства, аналитички материјали и статистички податоци, како и заедничка обука.

547 total views, no views today

Извештајот за падот на Кингерот е доставен до Јавното обвинителство

Скопје, 26 Декември 2014
Меѓународниот стручен тим денеска го достави Извештајот за авионската несреќа во која по падот на владиниот Кингер животот го загуби претседателот на Република Македонија и осум членови на екипажот.
Јавното обвинителство на Република Македонија го достави Извештајот до надлежното обвинителство на натамошно разгледување и анализа, по што ќе излезе со информации за евентуално натамошно постапување.

413 total views, no views today

ЈАВЕН ОГЛАС БР. 01/2014 за вработување на работник на неопределено време во Јавното обвинителство на Република Македонија

Скопје, 26 Декември 2014

Оглас за вработување на хаус мајстор

Пријава (1)

525 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен предлог против две лица вработени во МВР, бидејќи не му го одзеле пиштолот на трикратниот убиец од Кавадарци

Скопје, 26 Декември 2014

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од  Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка и  поднесе Обвинителен предлог  против две лица за сторени  кривични  дела – Несовесно работење во службата и непостапување по Законот за оружје.

Имено обвинетите , како службени лица вработени во МВР НК КР Кавадарци изготвувајќи кривични пријави против лицето Т.С од Кавадарци во одделни предмети,  не постапиле по Законот за оружје и не извршиле проверка дали осомниченото лице поседува дозвола за носење на огнено поружје и дозвола за поседување на огнено оружје.

 Иако кривичните дела кои му се ставале на товар на тогаш осомниченото лице укажувале на потешко нарушување на семејните односи, за кои дела имал и правосилна судска пресуда, сега обвинетите  службени лица  не презеле  мерки за одземање на оружјето и не поднеле предлог за одземање на оружјето на осомничениот.

 Со оружјето кое не му било одземено на тогаш осомниченото лице, истиот во ноември годинава изврши тројно убиство во Кавадарци и ги лиши од живот родителите и сестрата на поранешната сопруга.

457 total views, 1 views today

Кумановското Основно јавно обвинителство навремено ги превзеде сите потребни дејствија за утврдување на причините за смртта на двегодишното дете од Куманово

Скопје, 24 Декември 2014

По објавување на натписи во дел од весниците и порталите, а со цел информирање на јавноста во врска со постапувањето на јавното обвинителство во случајот на починатото двегодишно дете од Куманово, Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека навремено се преземени сите мерки за утврдување на причините за смртта на детето.

Имено, во вечерните часови помеѓу 20 и 21.12.2014 година во Основното јавно обвинителство Куманово е примено известување од страна на СВР Куманово дека во Скопските клиники е примено дете кое починало, а кое живеело во Куманово и дека постојат индиции дека се работи за насилна смрт настапена како последица на негрижа на родителите и премрзнатост.

По добивање на ваквото известување од страна на дежурниот јавен обвинител веднаш се издадени повеќе насоки за постапување и тоа за вршење на увид на лице место и фотодокументирање на просторијата во која живееле детето и неговите родители, како и условите за живот, обавување на разговори со соседите на семејството за да се добијат податоци за условите во кои живеело семејството и грижата за децата.

Надлежниот обвинител веднаш издаде наредба за вршење разговори со персоналот во Кумановската болница и болницата во Скопје каде е примено детето. Исто така дадена е наредба за прибирање податоци од Центарот за социјални работи во однос на нивните сознанија за семејството на починатото дете, при што утврдено е дека детето нема единствен матичен број, дека не е заведено во матична книга на родени.

Воедно на ден 22 декември 2014 година, надлежниот јавен обвинител издаде и наредба за вршење на обдукција на телото на починатото дете со цел утврдување на точните причини за настапување на смртта.

Основното јавно обвинителство Куманово ги има преземено сите потребни дејствија во насока на утврдување на постоење на кривично дело и сторител и прибирање докази за истото, а по добивањето на сите побарани докази и известување ќе следи донесување на јавнообвинителска одлука во врска со настанот.

495 total views, no views today

Oсновното јавно обвинителство Скопје нареди дополнително вештачење на доставените податоци од поднесокот за фалсификување пасоши

Скопје, 24 Декември 2014
Основното јавно обвинителство Скопје констатираше дека е потребно да се изврши дополнување на вештачењето заради давање на одредени појаснувања и да се извршат дополнителни проверки на доставените податоци од анонимниот поднесок, според кој постоела индиција дека непознати сторители сториле кривично дело Фалсификување исправа.
Постапувајќи по анонимниот поднесок од 27.11.2014 година, доставен до Јавното обвинителство на Република Македонија, Основното јавно обвинителство Скопје по приемот и анализата на вештачењето и доставените податоци, се обрати до МВР со нова наредба за преземање на потребните дејствија.

469 total views, no views today

Основното јавно обвинителство Тетово нареди спроведување истрага за обид за убиство

Скопје, 22 Декември 2014

Основното јавно обвинителство – Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение за сторено кривично дело – Убиство.
Осомничениот со удар со кујнски нож се обидел да го лиши од живот оштетениот, нанесувајќи му убодна рана во пределот на десната страна на вратот. Оштетениот со левата рака успеал да го фати ножот и да му го одземе, по што осомничениот со трчање се оддалечил во непознат правец и не успеал да ја реализира намерата.
Сметајќи дека се исполнети законските основи, надлежниот обвинител поднесе Предлог за определување мерка притвор против осомничениот. Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово го прифати предлогот и одреди мерка – Притвор во траење од 30 дена.

475 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Тетово поведе истражна постапка против полициски службеник

Скопје, 22 Декември 2014

Основното јавно обвинителство – Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка  против  едно лице – полициски службеник, поради основано сомнение дека извршил кривични дела -  Злоупотреба на  службена положба и Разбојништво.

Осомничениот, полицаец во СВР – ПС за БПС Тетово, облечен во сина полициска униформа и полициски фосфорен елек, на автопатот Скопје-Тетово го запрел возилото на оштетените, по што одзел подвижен имот и тоа две ташни, три женски рачни часовници, два мобилни телефони, еден женски паричник и кутија со златен накит со засега неутврдена вредност.

Надлежниот јавен обвинител поднесе  Предлог за определување на мерка притвор против осомничениот до Судија на претходна постапка во Основниот суд – Тетово поради можноста  за бегство на осомничениот  или влијание врз сведоците и оштетените.

Судијата се согласи со предлогот на Обвинителството, по што донесе Решение на осомничениот му да му се определи мерка притвор во траење од 30 дена.

553 total views, no views today

Гласовите за првите две местa нa Скoпскиот фестивaл се вoлјa нa грaѓaните

Скопје, 15 Декември 2014

Врз oснoвa нa дoсегa спрoведените истрaжни дејствијa вo врскa сo нерегулaрнoстите при глaсaњетo нa Скoпскиoт фестивaл, Oснoвнoтo јaвнo oбвинителствo зa гoнење нa oргaнизирaн криминaл и кoрупцијa јa инфoрмирa јaвнoстa декa првите две местa се сo регулaрни глaсoви.

Именo, дoсегaшнoтo вештaчење нa глaсaњетo укaжувa нa тoa декa зa првите две местa нa гoдинешниoт Скoпски фестивaл, грaѓaните јa имaaт искaжaнo свoјaтa вoлјa и свoите глaсoви ги имaaт дoделенo нa истите.

Oснoвнoтo јaвнo oбвинителствo зa гoнење нa oргaнизирaн криминaл и кoрупцијa прoдoлжувa сo истрaгaтa.

390 total views, no views today

Page 93 of 100« First...102030...9192939495...100...Last »