Соопштенија

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде Наредба за обдукција и Наредба за вештачење во врска со трагичниот настан на патот кон с. Галичник

Вчера, во доцните попладневни часови, околу 18:00 часот,  на регионалниот пат Р2-238 кој води од с. Маврово кон с. Галичник на местото викано “Царева Чешма”, дошло до трагичен настан, при што е усмртено едно лице, вработено во Јавното Претпријатие „Македонија Пат”.

Имено,  при расчистување на наносите од снег на регионалниот пат од страна на надлежната екипа на Јавното претпријатие „Македонија Пат”, дошло до прегазување на лицето со работна машина за расчистување и фрлање на снег “ЗИЛ”, сопственост на ЈП  „Македонија Пат”, при што истото подлегнало на повредите на лице место.

Дежурниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство -Гостивар, во соработка со увидна екипа на Полициската станица – Гостивар и инспектор за безбедност и здравје при работа, извршил увид на местото на настанот.

Надлежниот јавен обвинител издал Наредба за обдукција на починатото лице, Наредба за вештачење на трагите и предметите подигнати при увидот и го задолжил инспекторот за безбедност и здравје при работа да изврши контрола во врска со организацијата на работата и превземените мерки за заштита при работа во Јавното Претпријатие „Македонија Пат”.

Согласно законските надлежности, надлежниот јавен обвинител  превзема и други мерки и активности за целосно расчистување на настанот.