Соопштенија

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага за обид за убиство во Батинци

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица поради постоење основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Убиство (во обид) од чл.123 ст. 1 во врска со чл.19 и чл.22 од Кривичниот законик.

Лицата се осомничени дека на 22.10.2018 година во с. Батинци со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице. Имено, додека оштетениот се движел по улицата со блиндирано патничко моторно возило БМВ 750 со германски регистарски таблици и поминувал во близина на гробиштата, двајцата осомничени пукале кон него со автоматски пушки – калашникови. Оштетениот застанал со возилото, а кога осомничените му се доближиле со оружјето во рацете, тој го ставил возилото во движење и избегал.

Едното осомничено лице е лишено од слобода и оштетениот извршил негово препознавање, додека другиот осомничен не е достапен на органите на прогонот и за него Министерството за внатрешни работи распиша централен распис.

Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност дека осомничените ќе се дадат во бегство, ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештаците и ќе се обидат да го повторат, односно да го довршат обиденото кривично дело, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор за двете лица.