Соопштенија

СООПШТЕНИЕ по повод протестот на група граѓани пред зградата на Јавното Обвинителство

Јавното обвинителство на Република Македонија ја известува јавноста дека денес, во периодот од 14.30 до 15.00 часот, група граѓани протестираа при што го блокираа влезот на зградата на Јавното обвинителство. За причините за протестот како и за неговото одржување во Јавното обвинителство не пристигна никаква информација, ниту пак од страна на граѓаните кои протестираа беше побарана средба со надлежните лица од обвинителството.

Во времетраење на протестот, граѓаните целосно го блокираа влезот и излезот од објектот, при што го запреа слободното движење на вработените и на другите граѓани. При тоа, група на јавни обвинители кои се враќаа на своите работни места од работа на терен, беа вербално нападнати и беа буткани за да се спречи пристапот во работните простории.

Јавното обвинителство на Република Македонија најостро го изразува својот револт кон ваквиот начин на однесување, сметајќи дека попречувањето на редовната работа на Јавното обвинителство е на штета на сите граѓани во државата.

Потенцираме, дека Јавното обвинителство на Република Македонија постапува согласно своите надлежности и законски овластувања. Отворени сме за соработка и одговори за сите прашања или дилеми на јавноста или оделни групи. Оттука, за нас е недозволиво без предходна комуникација и без аргументи  да се попречуваат јавните обвинители во вршењето на нивната работа.

Истакнуваме, дека во постапувањето по предметите, јавните обвинители се водат само по законските одредби. Обвинителството со полна сериозност приоѓа кон сите случаи на криминал, без оглед од кого и спрема кого се сторени. Откривањето и прогонот на сторителите, како и пронаоѓањето и обезбедувањето на доказите е процес за кој е потребно време.