Соопштенија

Во Струга четвoрица обвинети за непочитување на полицискиот час

Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка пред надлежен суд против четири лица обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Еден од обвинетите, на 1 мај за време на полицискиот час, бил затекнат при расправија со друго лице во дворот на здравствената амбуланта во село Лабуништа. Останатите тројца обвинети биле запрени од овластени полициски службеници додека се движеле на различни локации за време на полицискиот час. Со ова сите пoстапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим  за движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена со цел спречување на ширењето на заразна болест.

За стореното кривично дело, надлежното обвинителство до Основен суд Струга поднесе предлози за издавање казнени налози со кои предложи на секој од обвинетите да му биде изречена парична казна од 100 дневни глоби со износ на една дневна глоба од 30 евра во денарска противвредност.