Основното јавно обвинителство – Гостивар ги истражува причините поради кои починала пронајдената жена

Скопје, 17 Септември 2017

Првичната информација со која започна увидот на лице место од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар беше дека е пронајдена жена која настрадала како последица на сообраќајна несреќа. Сведоци виделе возило што го напушта местото на кое веднаш потоа е пронајден трупот.

Извршувајќи го увидот во соработка со увидна екипа, јавниот обвинител утврди дека починатата има убодни рани по телото и дека станува збор за насилна смрт. Со присуство на екипа од крим техника е продолжен увидот и првично е констатирано дека пред ударот од возилото, сега починатата била неколку пати прободена со остар предмет. Во насока на истражување на околностите и трагите на лице место, јавниот обвинител издаде наредби за вршење на обдукција на починатата и за вештачење на трагите на лице место.

Испитувајќи ги околностите, констатирано е дека починатата жена во последните пет месеци живеела во Гостивар каде се преселила од Скопје поради нарушени односи со партнерот од вонбрачната врска. По насока на јавното обвинителство, истражено е местото на живеење на поранешниот партнер на сега починатата, при што е пронајдено возилото и истото е дадено на натамошно вештачење. Осомничениот, жител на Скопје, во моментов е недостапен на органите на прогонот.

Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде наредби за посебни проверки на граничните премини и патарините во насока на пронаоѓање и утврдување на идентитетот на осомничениот. Дејствијата преземени од Основното јавно обвинитлство – Гостивар во насока на расветлување на настанот продолжуваат со цел утврдување на фактите во предметот.

7 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Скопје започна постапка против четири лица за разбојништво

Скопје, 12 Септември 2017

Јавниот обвинител кој постапува во предметот, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за четири лица на кои им се става на товар дека сториле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Настанот за кој се води постапка се случил на 30 август во раните утрински часови, кога четворицата осомничени насилно влегле во просториите на правно лице во населбата Ѓорче Петров. Во групата на осомничени лица е и вработен во правното лице, кој цело време носел фантомка на главата за да не биде препознаен.

Групата осомничени била плански организирана, па додека еден од осомничените бил надвор и внимавал некој да не наиде, останатите тројца упаднале во пријавницата на објектот на правното лице извршувајќи вербален и физички напад на чуварот вработен во фирмата. Со закана од огнено оружје, успеале од чуварот да дознаат каде се клучевите од сефот на фирмата и да му го одземат паричникот и мобилните телефони. Двајца од сторителите се упатиле во просторијата каде се наоѓал сефот на фирмата, но во тој момент добиле дојава од нивниот соизвршител дека кон правното лице се приближува полициско возило. Осомничените се дале во бегство, фрлајќи ги одземените предмети.

Во насока на расветлување на настанот, јавниот обвинител донесе бројни наредби за вештачења, прибирање на траги од лице место и други истражни дејствија. Поради постоење на опасност од бегство на осомничените, како и опасност од влијание на сведоци, обвинителот,  до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 – Скопје за двајца осомничени кои се лишени од слобода поднесе предлог за определување на мерката – Притвор. Предлогот беше прифатен од страна на судот и со Решение на осомничените им е определена мерка – Притвор во времетраење од 30 дена.

15 total views, 1 views today

Предложен притвор за сторителот на убиството во Црниче

Скопје, 07 Септември 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе предлог за определување на мерката Притвор за лицето кое вчера смртно го рани својот татко. Надлежниот обвинител ценеше дека се исполнети сите законски основи за предлогот и тоа постоење на услови за бегство на осомничениот, за вршење на влијание врз сведоци, а утврдена е и опасност за повторување на делото особено што осомничениот упатувал вербални закани кон друго лице.

Настанот, што го расветлува обвинителството, се случи на 6 септември во 22.00 часот во скопската населба Црниче. Осомничениот на возраст од 41 година, без повод и причина го нападнал и смртно го повредил татко си. Сторителот се качил на вториот кат од семејниот дом каде живеел неговиот татко со сопругата, ја откорнал влезната врата и влегол внатре.  При тоа, со нож го нападнал таткото кој бил тешко подвижно лице нанесувајќи му убодни рани на абдоменот, како и смртоносна рана на градниот кош. Во исто време, осомничениот упатил вербални закани кон сопругата на неговиот татко која успеала да се засолни и за настанот да го алармира соседството. По нападот, осомничениот се дал во бегство. Поради самоповредување подоцна сторителот се јавил во медицинска установа за помош, каде е и лишен од слобода.

Постапувајќи по предметот, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Убиство, сторено при вршење на семејно насилство, од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. За ова кривично дело законот предвидува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

Основното јавно обвинителство – Скопје во континуитет презема бројни дејствија со цел расветлување на стореното убиство.

26 total views, 1 views today

Поднесен обвинителен акт против гинекологот кој презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка

Скопје, 31 Август 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе Обвинителен акт против лицето Н.Д., по професија доктор специјалист по гинeкологија и акушерство, кој во периодот од месец септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување.

Обвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 ст.1 вв со чл.207 ст.1 од КЗ и кривично дело – Фалсификување на исправа од член 378 ст.3 вв со ст.1 вв со чл.45 од КЗ.

Имено, лекарот иако знаел дека оштетената не е бремена, врз неа вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање. Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање на пациентката осомничениот најпрвин на сопругот на оштетената, а потоа и на оштетената ја открил вистината за лажната бременост.

34 total views, no views today

Јавното обвинителство од понеделник со ново работно време

Скопје, 31 Август 2017

В.Д. Јавен обвинител на Република Македонија денес донесе Одлука за утврдување на ново работно време во јавните обвинителства во Република Македонија.

Ново утврденото работно време кое ќе се применува од 4 септември 2017 година (понеделник) започнува во 7:30 часот и трае до 15.30 часот.

Одлуката за утврдување на работното време ќе се применува во Јавното обвинителство на Република Македонија, Вишите јавни обвинителства и Основните јавни обвинителства.

254 total views, 1 views today

Основното јавно обвинителство – Скопје постапува за расветлување на нападот врз екипата на НОВА ТВ

Скопје, 31 Август 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје прими известување од страна на Министерството за внатрешни работи во врска со настанот случен на 23 август, кога при извршување на работните задачи беше нападната новинарската екипа на интернет порталот НОВА ТВ .

По приемот на известувањето, Основното јавно обвинителство – Скопје веднаш оформи предмет и истиот го распореди кај дежурен јавен обвинител. Од страна на обвинителот се издадени наредби и насоки кои имаат за цел утврдување на идентитетот на сторителот и целосно расветлување на настанот, по што ќе следи мериторна јавнообвинителска одлука.

34 total views, no views today

Основното јавно обвинителство – Велес работи на откривање на причините за сообраќајната несреќа на туристички автобус

Скопје, 21 Август 2017

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес синоќа изврши увид на лице место на автопатот Велес-Скопје каде што се случи тешка сообраќајна несреќа во која туристички автобус излета од патот и се преврте.

Причините за несреќата се утврдуваат. По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа и започна прибирање на трагите пронајдени на лице место. Со оглед на тоа што синоќа временските услови и видливоста на теренот не дозволуваа ова целосно да биде завршено, локацијата се обезбедуваше во текот на ноќта, а утрово продолжи прибирањето на материјалните траги од внатрешноста на автобусот и се врши вонреден технички преглед на возилото.

60 total views, 1 views today

Едно лице осомничено за убиство во Велес

Скопје, 16 Август 2017

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес изврши увид на лице место во семејна куќа, во која што утрово околу 02:00 часот е извршено кривично дело убиство.

Настанот се случил кога 46-годишниот С.В. со тврд предмет, најверојатно чекан, ја скршил влезната врата на неговите соседи, влегол во собата каде спиела ќерката и ја удрил со чекан по глава при што ја повредил.

Во тој момент во собата влегле родителите на девојката, па осомничениот и нив ги удрил со чеканот по главата, нанесувајќи им тешки телесни повреди, од кои подоцна таткото починал.

По викотниците за помош, во собата дошле и братот на починатиот со сопругата, кои живееле на другиот кат од куќата, па осомничениот со чеканот и ним им нанел тешки телесни повреди.

По извршување на делото, осомничениот се вратил дома и на социјалните мрежи објавил статус во кој известува дека ги убил „своите монструми“. Веднаш е приведен и од страна на надлежен обвинител до Основен суд – Велес ќе биде доставен предлог за определување на мерка притвор против него.

Истовремено, јавниот обвинител издаде наредба да се изврши обдукција на телото на починатиот, како и наредба за подигање на сите траги и материјални докази од местото на настанот.

44 total views, 3 views today

Основното јавно обвинителство – Струга работи на расветлување на убиство

Скопје, 15 Август 2017

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струга, заедно со увидна екипа од СВР Охрид – ПС Струга вчера изврши увид на лице место каде што беше убиен сопственик на ресторан.

Според првичните информации, убиството околу 17 часот го извршил непознат сторител со истрели од огнострелно оружје, на терасата на ресторанот „Аква блу“ во Струга.

Од лице место се подигнати траги и тие веднаш се дадени на вештачење, додека по наредба на јавниот обвинител, на телото на починатиот ќе се изврши обдукција. Интензивно се преземаат мерки и активности за откривање на сторителот на кривичното дело.

49 total views, no views today

Наредба за спроведување на истрага против полицаецот кој со истрел од службено оружје повреди двајца малолетници

Скопје, 14 Август 2017

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против полицискиот службеник кој повреди двајца малолетници со истрел од службен пиштол. Полицаецот е осомничен дека сторил кривично дело – Убиство од член 123, а во врска со член 19 од Кривичниот законик.

За целосно расветлување на настанот, јавниот обвинител ги очекува резултатите од наредените вештачења на траги и материјални докази пронајдени на лице место, балистичките вешачења и анализите на трагите од барутни честички. Од сите инволвирани веднаш по инцидентот беа земени за анализа и примероци од крв и урина, како и парафински ракавици.

Со оглед на тоа што веќе се сослушани сведоците и се прибрани материјалните докази во постапката, за осомничениот се предложени серија мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење на определени работни активности.

Во меѓувреме, состојбата на потешко повреденото момче се подобрува. Тој и натаму се наоѓа на скопските клиники, но е стабилен и свесен и во моментов не се наоѓа во животозагрозувачка состојба.

49 total views, no views today

Next Page »