Изречена осуда за обвинетите во предметот „Чекан“

Скопје, 12 Јули 2016

По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и одржани судски рочишта на кои беа изведени предложените докази, денеска надлежниот Основен суд Скопје 1 Скопје ги објави осудителните пресуди за обвинетите за сторените кривични дела  Лихварство и Изнуда од Кривичниот законик.

Вкупно на обвинетите им е изречена затворска казна од 53 години и 6 месеци, и тоа поединечно:

- на обвинетиот Ф.А. казна затвор од 11 години и 6 месеци

- на обвинетиот А.М. казна затвор од 8 години и шест месеци

- обвинетиот  И.А. е осуден на затвор од 7 години и шест месеци

- обвинетиот Р.С е осуден на 9 години и 3 месеци

- обвинетиот Ф.М – на 11 години и 6 месеци

- обвинетиот З.А. на 2 години и 6 месеци.

- обвинетиот Ш.Б., кој како командир на полициска станица помагал на другите осомничени во вршење на кривичните дела во периодот од 2009 до 2012 година е осуден на казна затвор од  2 години и 9 месеци

Едно лице со одлука на судот е ослободено од обвинение.

Во текот на судењето беа изведени многубројни писмени и вербални докази, како и докази прибавени со посебни истражни мерки. Во судскиот процес беа сослушани над 45 сведоци предложени од обвинителството кои во своите искази јасно и категорично ги потврдија и објаснија сериозните закани и употребата на сила на кои биле подложени и кои врз нив ги вршеле сега осудените,“ истакна надлежниот јавен обвинител Маја Конеска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„Ценам дека Судот со изречените казни го утврди тоа што во обвинението го имав наведено и дека казните во целина соодветствуваат на сторените кривични дела. Осомничените се осудени на вкупно 53 години и 6 месеци години затворска казна, што за нас е правична осуда,“ додаде обвинителот Конеска.

За седум од осумтемина осудени, Јавниот обвинител предложи продолжување на мерката притвор до правосилност на пресудата, ценејќи дека постојат законски основи за тоа.

Во предметот „Чекан“  е опфатена криминална  група која дејствувала во континуитет почнувајќи од 2008 година, претежно на територијата на Општина Гостивар. Главниот мотив бил стекнување на противправна имотна корист со извршување на повеќе кривични дела. Обвинетите неовластено подолго време се занимавале со давање пари на заем на други лица со договор. Притоа, искористувајќи ја тешката состојба на лицата тие договарале за себе несразмерна имотна корист. За враќање на заемот вршеле притисок, користејќи сериозни закани и физички напади врз оштетените.

Во криминалната група беа гонети 21 лице, од кои со тројца осомничени Обвинителството постигна спогодба за признавање на вина во текот на истрагата. Со едно лице е постигната спогодба во фаза на оценка на обвинителниот акт.

Предметот за три лица е префрлен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Гостивар, а за петмина е донесена Наредба за запирање на истрагата.

304 total views, 1 views today