Предложен притвор за сторителот на убиството во Црниче

Скопје, 07 Септември 2017

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе предлог за определување на мерката Притвор за лицето кое вчера смртно го рани својот татко. Надлежниот обвинител ценеше дека се исполнети сите законски основи за предлогот и тоа постоење на услови за бегство на осомничениот, за вршење на влијание врз сведоци, а утврдена е и опасност за повторување на делото особено што осомничениот упатувал вербални закани кон друго лице.

Настанот, што го расветлува обвинителството, се случи на 6 септември во 22.00 часот во скопската населба Црниче. Осомничениот на возраст од 41 година, без повод и причина го нападнал и смртно го повредил татко си. Сторителот се качил на вториот кат од семејниот дом каде живеел неговиот татко со сопругата, ја откорнал влезната врата и влегол внатре.  При тоа, со нож го нападнал таткото кој бил тешко подвижно лице нанесувајќи му убодни рани на абдоменот, како и смртоносна рана на градниот кош. Во исто време, осомничениот упатил вербални закани кон сопругата на неговиот татко која успеала да се засолни и за настанот да го алармира соседството. По нападот, осомничениот се дал во бегство. Поради самоповредување подоцна сторителот се јавил во медицинска установа за помош, каде е и лишен од слобода.

Постапувајќи по предметот, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Убиство, сторено при вршење на семејно насилство, од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. За ова кривично дело законот предвидува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

Основното јавно обвинителство – Скопје во континуитет презема бројни дејствија со цел расветлување на стореното убиство.

118 total views, 2 views today