Обвинителството ги испитува наводите од интервју на обвинет од предметот „Секјуриком“

Скопје, 24 Октомври 2018

Јавниот обвинител кој постапува во предметот познат во јавноста како „Секјуриком“, денеска го повика авторот на објавеното интервју на Призма – интернет страница на БИРН Македонија, а водено со лицето В.Г. обвинет во предметот. Во насока на расчистување на фактите, новинарот даде исказ по однос на наводите во текстот дека располага со имиња на лица кои изнудувале пари од обвинетиот. Во дадената изјава во обвинителството, авторот истакна дека освен објавените тврдења не располага со друг доказен материјал за наводите на обвинетиот.

Со цел да се испитаат ваквите тврдења, обвинителот ја запозна одбраната на обвинетиот со содржината на интервјуто и побара да достави докази и информации што ќе помогнат во утврдување на вистинитоста на наводите. Адвокатите на обвинетото лице потенцираа дека се запознаени со тврдењето на обвинетиот, но конкретни имиња не биле посочени од страна на обвинетиот во ниту еден момент додека престојувал во Република Македонија, ниту подоцна. При тоа, адвокатите го советувале, доколку е сигурен во тврдењата да пријави до надлежните органи, но, обвинетиот одбил тоа да го стори.

Во текот на истражната постапка што се водеше за предметот „Секјуриком“, надлежниот обвинител ги сослуша осомничените и сите одговорни лица во својство на сведоци. Дадениот исказ на обвинетиот не укажува на ниту една околност наведена во интервјуто, односно дека тој или било кој од управителите на фирмите во негова сопственост биле жртви на изнуда во Република Македонија.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе ја информираше јавноста за соработката преку меѓународна правна помош со Јавното обвинителство на Република Австрија кое исто така води постапка против обвинетиот. Надлежниот обвинител очекува повратен одговор од исходот на тамошната постапка што Јавното обвинителство Санкт Пелтен ја води против В.Г. заради соизвршителство во кривично дело Проневера од чл.12 трет случај, чл.153 ст.1 и ст.3 прв случај од Кривичниот законик на Република Австрија, а воедно ќе продолжи и со проверките во насока на испитување на наводите.

144 total views, 1 views today