Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја презема истрагата за изградба на пешачкиот мост „Мост око”

Скопје, 26 Октомври 2018

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по добивање на предметот од Основното јавно обвинителство – Скопје, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

Осомничените, во периодот од 2009 – 2012 година при спроведување на постапка за јавни набавки со неизвршување на својата службена должност овозможиле изведувачот на Проектот – Изградба на пешачки мост „Мост око” на реката Вардар, да се стекне со имотна корист во износ од 26.653.424,00 денари.

Имено, по склучување на договорот во висина од 92.546.647,00 денари за јавна набавка на работи – изградба на пешачки мост од страна на Општина Центар како инвеститор од една и изведувачот на градежните работи од друга страна, склучен е и Анекс на договорот за јавна набавка со што вредноста на договорот се зголемила на износ од 119.197.783,00 денари.

Првоосомичениот како извршен орган на општината и потписник на Договорот за јавни набавки и Анекс договорот за јавна набавка, заедно со второосомничениот како потписник на барањата за исплата кој имал обврска да ја проверува документацијата и со тоа да го следи степенот на реализација на проектот и третоосомничениот како овластено одговорно лице за следење на текот на изведбата на проектот согласно договорот, не ги запазиле законските одредби од чл.48 ст.5 и 6 од Законот за јавни набавки. Осомничените согласно своите надлежности не презеле активности за активирање и наплата на банкарските гаранции депонирани во деловните банки од страна на изведувачот, ниту побарале продолжување на рокот на важност на гаранциите во износ од 8.773.714,00 денари за дадените аванси. Воедно, првоосомничениот согласно склучениот Анекс договор, иако бил обврзан, не го продолжил рокот на важност на банкарската гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите во износ од 17.879.710,00 денари, а која гаранција по раскинување на договорот требало да ја активира и наплати во корист на Општина Центар.

74 total views, 1 views today