Двајца албански државјани осомничени за трговија со марихуана во Гостивар

Скопје, 13 Јуни 2019

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против две лица, државјани на Република Албанија за сторено кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет  на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените на 11 јуни се движеле со патничко моторно возило Фолксваген голф со регистарски ознаки од Република Албанија. При рутинска контрола од страна на полициски службеници возилото било сопрено, при што во багажниот дел бил пронајден ранец во кој имало најлонско пакување со опојна дрога марихуана во вкупна нето маса од 1,7 килограми. Осомничените ја внеле дрогата во Република Северна Македонија преку граничниот премин Блато – Дебар со намера да ја продадат на купувачи од Гостивар.

Поведувајќи постапка за стореното кривично дело, надлежен јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи, па до Основниот суд Гостивар достави предлог за определување мерка притвор против осомничените. Судот го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените им определи притвор во времетраење од 30 дена.

22 total views, 1 views today