Соопштенија

Поведена истрага против 22-годишен гостиварец кај кого беше пронајдена марихуана

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот неовластено заради продажба држел 51,8 грама наркотична дрога марихуана. Помал дел од дрогата ја држел кај себе, спакувана во најлонско пакување во кутија за цигари. На 7 февруари, кога полициски службеници од Полициската станица Гостивар се обиделе да го легитимираат, тој се дал во бегство и дрогата ја фрлил на земја. Следниот ден, при извршен претрес во домот на осомничениот, остатокот од дрогата бил пронајден во помошна просторија за чување огревни дрва, во неколку пакувања скриени во метално буре.

Поради опасност од бегство, како и можност да ја попречува постапката со влијание врз сведоците или да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Гостивар достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.