Соопштенија

Соопштение

Поради различните информации во медиумите и на социјалните мрежи за учеството на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово Лејла Кадриу на место на кое се изведувале работи на водовод во тетовско и повеќе нејаснотии во постапувањето на јавниот обвинител, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска писмено побара од Вишото јавно обвинителство Гостивар да изврши увид во предметот, врз основа на член 27 став 5 и член 28 став 1 од Законот за јавно обвинителство.

По извршениот увид, Вишото јавно обвинителство Гостивар треба веднаш да достави информација за кое кривично дело и спрема кои сторители во конкретниот случај се води предистражна или истражна постапка, врз основа на кои основи на сомневање е поведена постапката и какви сознанија и докази му се презентирани на јавниот обвинител за отворање на предметот, како е доделен предметот во работа на обвинителот, кога и какви дејствија тој презел и какви наредби издал. Вишите јавни обвинители треба да проверат и дали, согласно законот и согласно Задолжителното упатство, за конкретните дејствија требало увид на лице место и особено дали е изготвен записник за увид, дали обвинителот го презел раководењето со постапката согласно член 41 од Законот за кривична постапка и дали за тоа ја известил полицијата, дали некои од дејствијата се преземени спротивно на функцијата јавен обвинител, како и други релевантни околности во конкретниот настан.

По приемот и анализата на добиената информација, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе донесе соодветна одлука.