Соопштенија

Притвор за напад врз службени лица

По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи –  ОВР Прилеп, Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против десет лица од Прилеп поради постоење основано сомневање дека како соизвршители го сториле кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 3 во врска со став 1 во врска со член 22 Кривичниот  Законик.

Осомничените на 24.9.2020 година,  околу 20.00 часот, на стариот пат Прилеп-Велес над манастирот ”Св Ѓорѓија” село Присад, со употреба на сила физички нападнале пет службени лица – полициски службеници од Полициско одделение Чашка, кои вршеле работи на јавната безбедност што се однесуваат на  спречување и откривање на кривично дело и фаќање на сторители на кривично дело. Оштетените полициски службеници при вршење на службени дејствија забележале три моторни возила без регистерски таблици и ги запреле заради проверка. Притоа, едно патничко моторно возило избегало, а другите две патнички моторни возила од кои едното марка Гранд Чироки, а другото марка Лада Нива биле сопрени и било утврдено дека се натоварени со бесправно пресечени дрва. Додека полициските службеници  изготувале службен материјал во врска со постапувањето, пристигнала поголема група лица меѓу кои и осомничените, кои почнале со бејзбол палки, метални шипки, рачки од секири, дрва, камења и други предмети да удираат по петте полициски службеници и службеното возило на полицијата. Од ударите, на еден од полициските службеници му нанеле тешки телесни повреди – скршеница на десна рака и фрактура на главата со обилно крварење, а останатите оштетени се задобиле со телесни повреди изразени со набиеници по главата и телото.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп до судија на претходна постапка при Основниот суд Прилеп поднесе предлог за определување мерка притвор против осомничените. Судот со решение, на осомничените им определи мерка притвор траење од 30 дена.