Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска во Собранието на Република Северна Македонија се обрати пред пратениците – членови на собраниската Комисија за финансирање и буџет на почетокот од расправата по однос на Предлог- Буџетот за следната 2025 година.
Износот на средствата предвидени за Јавното обвинителство и за следната година изнесуваат околу 0.2% од вкупниот износ на планираниот Буџет, што повторно е само половина од законски предвидениот минимум неопходни за ефикасност на постапките.
Во продолжение целосното обраќање на државниот јавен обвинител Коцевски пред пратениците:
“Почитувани пратеници,
Најпрво благодарам за можноста да ги изнесам ставовите на Јавното обвинителство во поглед на предлог буџетот за следната 2025 година. Ќе започнам многу директно и конкретно:
– Слободните позиции за судии и обвинители ќе се пополнуваат редовно врз основа на проекциите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители по спроведувањето на стратегиите за управување со човечки ресурси во судовите и јавните обвинителства (прва оценка на реализација во декември 2024 година и повторно во декември 2026 година).
– Донесување измени на законите со кои се регулираат платите на судиите и обвинителите, како и на судската и обвинителската служба ( рок за реализација до јуни 2025 година).
– Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција целосно и соодветно екипирано, особено со специјализирани обвинители, финансиски експерти и дигитални форензичари (до декември 2025 година)
– Целосно оперативни истражни центри во јавните обвинителства, со фиксно определен буџет за нивните потреби како конкретен мерлив чекор до јуни 2026 година
Ова не се некои желби на Јавното обвинителство, туку само дел од задачите кои земјава ги презела како дел од Реформската агенда со цел да го оствари Планот на ЕУ за раст на Западниот Балкан. Од нас се бараше во предлог буџетските проекции за 2025 година да ги изразиме потребите и финансиските импликации на овие реформи. Тоа и го направивме.
Но за сите овие реформи што како држава сме ги ветиле, а се однесуваат на работата на Јавното обвинителство, не се предвидени речиси никакви дополнителни средства во предлог-буџетот за следната година.
Повторно и годинава, наместо законски одредениот износ на буџетот за обвинителството во висина од 0.4% од вкупниот државниот буџет, ни се одредуваат околу 14 милиони евра или нешто повеќе од 0,2%. Половина од законскиот минимум.
Како Јавно обвинителство и писмено се произнесовме дека ваквата буџетска рамка не е доволна за покривање на основните потреби на обвинителството, особено во услови на општ раст на трошоците по сите основи. Како државен јавен обвинител, пак, чувствувам обврска и пред вас, народните избраници, да укажам дека проблемот со недостатокот на материјални и кадровски ресурси во обвинителството станува алармантен.
Поради недостиг на финансии, но и одредени законски слабости, одливот на кадар од обвинителството е огромен, како по основ на пензионирање, така и по други основи. И меѓу јавните обвинители каде од предвидените 260 јавнообвинителски места пополнети се само 170, но и кај јавнообвинителската служба во која од систематизирани околу 1000 работни места, пополнети се околу 360. Практично работиме со една третина од потребните капацитети во службата која е поддршка на обвинителите, како и со над 30% помалку обвинители од оние кои ни се предвидени како минимум за ефикасност. Тоа се наведува и во Извештајот за ефикасност и квалитет на правдата во Европа на Европската комисија за ефикасност на правдата на Советот на Европа, каде стои дека со 8,5 јавни обвинители на 100 илјади жители ние сме далеку под европскиот просек од 12,2. За жал, континуираниот одлив на кадри не сме во можност да го надоместиме затоа што веќе известени сме дека и за следната 2025 година на обвинителството нема да му биде одобрено ниту едно вработување.
Во поглед на техничката екипираност, се соочуваме со застарена опрема, за чија замена повторно не се предвидени доволно средства. Со поддршка на проектот на ЕУ за владеење на правото ние изготвивме техничка спецификација за нов систем за електронско управување со предметите, кој за разлика од постојниот би требало да ги задоволи потребите на јавнообвинителското постапување. Меѓутоа, од денешна перспектива, она што веќе однапред знаеме дека ќе биде предизвик ќе биде техничкото одржување на системот, особено ако се има предвид застареноста на опремата со која располагаме, но и фактот дека во овој момент за сите јавни обвинителства во државава располагаме само со шест вработени стручни лица – информатичари.
Со Закон усвоен од ова Собрание во обвинителството е формирана Канцеларија за одземен имот (АРО канцеларија) за чие функционирање не се доделени дополнителни средства. Повторно, според обврските од Реформската агенда, оваа канцеларија во следните две години ќе мора да стане целосно екипирана и функционална, а средства во буџетот за таа намена нема. Не се предвидени доволно финансии ниту за упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда.
Во исто време, континуирано растат трошоците за експертизи и вештачења од одредени области кои што се изведуваат по наредба исклучиво на јавниот обвинител согласно раководната улога на јавниот обвинител во предистражната и истражната постапка. Недостигаат средства и за навистина основни потреби – тековно одржување и поправка на објектите, возила за вршење увидни дејствија и нивно одржување… За активности за јакнење на транспарентноста, за службени патувања, за јакнење на контактите со останатите обвинителства во регионот и пошироко, а со единствена цел да се овозможи ефикасен кривичен прогон и меѓународна соработка во кривичните постапки, речиси и да нема предвидени средства за 2025 година или тие се минимални.
И при расправата за ребалансот на буџетот за годинава нагласив дека обвинителството практично нема ненаменско трошење на парите. Средствата кои ги бараме нам ни се неопходни за сите наши активности и за да се овозможи ефикасност на кривичните постапки. Тоа не е нешто што ние само го тврдиме. Тоа го констатира и Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава, каде се вели дека за зајакнување на перформансите во борбата против корупцијата треба да им се овозможат дополнителни човечки ресурси и финансиска поддршка на обвинителствата и на нивните истражни центри. „Растечкиот дефицит во ресурси во правосудството ја зголемува загриженоста дека ќе влијае врз квалитетот и ефикасноста на правдата“, стои во Извештајот на ЕК, со кој како институција целосно се согласуваме.
Вака како што е предложен буџетот за 2025 година, повторно е најнизок од сите обвинителства во регионот. И според процент од вкупниот буџет што се издвојува, но и според вкупен обем на издвоените средства. Без доволно средства, не може да се зборува за реална поддршка на системот за ефикасна правда.
Ви благодарам уште еднаш и се надевам овие наши забелешки сериозно ќе ги земете предвид при одобрувањето на буџетот за 2025 година”.