Соопштенија

Две лица обвинети за кражба и разбојништво во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица, на возраст од 20 и 22 години, кои како соизвршители сториле две кривични дела – Кражба од чл.235 ст.1 и Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите на 18 јуни, во зграда на булеварот ВМРО во Скопје, по претходен договор и заедно, од една оштетена одзеле несесер и паричник во кои имало 700 денари, кредитни картички и лични документи. Притоа вредноста на сите одземени предмети е проценета на 1.300 денари. Имено, тие ја забележале оштетената како се движи кон зградата, влегле заедно со неа во лифтот каде и побарале ситни пари. Откако не им дала, од чантата и ги одзеле паричникот и несесерот и кога лифтот застанал на вториот кат избегале.

На 21 јуни, на истото место, следеле друга оштетена која завршила со пазарување и се враќала кон зградата. Кога влегла во влезот, ја задржале вратата и влегле по неа. Пред лифтот и пришле и со употреба на сила ја турнале и ја удриле по главата, по што и го одзеле паричникот во кој се наоѓале 4.000 денари, кредитни картички и лични документи. Со одземените предмети во вкупна вредност од 5.000 денари го напуштиле местото.

Ценејќи дека и натаму се исполнети законските основи заради кои на обвинетите им беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за продолжување на притворот.