Соопштенија

Поднесено обвинение против тројца странски државјани за криумчарење на кокаин

По спроведена истражна постапка, Oсновното јавно обвинителство за гонење на oрганизиран криминал и корупција до Основен суд – Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен акт со Предлог за продолжување на мерката Притвор против двајца државјани на Република Црна Гора и еден државјанин на Перу. На обвинетите им се става на товар дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 3 вв ст.1 од Кривичниот законик.

Имено, во ноември минатата година, обвинетите заедно неовластено организирале, заради продажба купиле, држеле, пренесувале наркотична дрога – кокаин. Црногорците од непознато лице од Перу неовластено заради продажба купиле наркотична дрога кокаин. Продавачот го ангажирал третообвинетиот да ја пренесе наркотичната дрога – кокаин од Перу до нашата држава, а потоа преку косовска територија до Босна и Херцеговина.

Заради непречено пренесување, дрогата била хемиски третирана, при што кокаинот од прашкаста форма преминал во течна агрегатна состојба и со него биле потопени повеќе различни парчиња гардероба. Продавачот од Перу ја спакувал гардеробата во куфер и му го предал на обвинетиот, кој со со лет од Сао Паоло преку Франкфурт и Виена на 30.11.2018 година околу 01:00 часот пристигнал на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во меѓувреме, обвинетите црногорски државјани преминувајќи ја државната граница на ГП Блаце со патничко моторно возило Голф 1,9 ТДИ со црногорски таблички се упатиле на Меѓународниот Аеродром Скопје. Тројцата обвинети ноќта се сретнале во хотел во Скопје.

По претходен договор, наредното утро обвинетите се упатиле кон ГП Блаце, црногорските државјани со автомобилот, а Перуанецот со такси возило. Од страна на граничната полиција на МВР на Р. Косово на обвинетиот државјанин на Перу не му бил дозволен влез во Р. Косово, бидејќи не поседувал виза и тој со истото такси возило се вратил на ГП Блаце од каде телефонски ги известил другите двајца обвинети дека не му е дозволен влез во Р. Косово и се враќа во РС Македонија.

Истиот ден, Перуанецот повторно се пријавил како гостин во хотелот и во попладневните часови од страна на полициски службеници од МВР е лоциран и лишен од слобода. Во неговиот куфер се пронајдени: десет блузи, три дуксери, еден џемпер, осум маици, едни кратки панталони, три пара долни тренерки, една кожна јакна, два пара фармерки, два пешкири, два пара волнени sиври, четири долни веша, еден чаршав, четири пара чорапи, шест парчиња текстил со неправилна форма, еден пар влечки, еден пар кондури и еден пар патики кои биле потопени во течен кокаин. Црногорците со цел да остварат средба со трето обвинетиот на 30.11.2018 година во попладневните часови, на ГП Блаце влегле во РС Македонија, по што од страна на полициските службеници се лишени од слобода.

Од досегашните превземени дејствија во соработка со Националниот центар за криминалистичка форензика при МВР на Р. Србија, при физичко – хемискиот процес на вештачење е добиена наркотична дрога – кокаин во нето количина од 976,69 грама. Вкупната нето количина ќе биде прецизирана откако ќе биде завршено физичко – хемиското вештачење.

Имајќи ја предвид специфичноста, видот и висината на предвидената казна, како и дека во конкретниот случај се работи за недозволена трговија со кокаин што е поскап вид на дрога, како и фактот дека сторителите се странски државјани за кои материјалната страна на обезбедување услови како за бегство, криење, така и за различни начини на попречување на истрагата не претставува проблем, како и евентуалната поврзаност на сторители во меѓународна група специјализирана за недозволена трговија со дрога, надлежниот обвинител предложи продолжување на мерката притвор за обвинетите.