По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице на возраст од 29 години, кое се товари за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 16.11.2019 година, влегол во семејна куќа во населбата Лисиче преку незаклучена врата. Внатре ја затекнал оштетената на која и се заканил со нож и со зборовите „дај пари или ќе те убијам“. Оштетената успеала да му ја оттргне капата со која му била покриена главата и да го види неговиот лик, по што обвинетиот го вперил сечивото од ножот кон нејзината слепоочница, а со дланката и ја покрил устата за да не може да повика помош. Нападнатата му покажала на паричникот на масата, по што тој и наредил да ги извади сите пари од паричникот, вкупно 600 денари во различни апоени. Откако ги одзел парите, обвинетиот повторно и се заканил да не повикува помош и се дал во бегство.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, ценејќи дека се уште постојат законските основи – опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и да ја попречува кривичната постапка, како и опасност да го повтори делото што му се става на товар, особено заради фактот што се работи за лице и претходно осудувано за истородни кривични дела.