Соопштенија

Осуммина велешани обвинети за прекршување на полицискиот час

Основното јавно обвинителство Велес до Основниот суд Велес денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против 8 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 од Кривичниот законик.

Обвинетите постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија и за време на полициски час, се движеле на различни локации во градот. Притоа биле затекнати од полициски службеници.

Надлежното обвинителство на Судот му предложи за сите обвинети да изрече парични казни од 40 дневни глоби во вредност од по 20 евра, односно вкупни казни од по 800 евра во денарска противвредност.