Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено за кривичните дела – Убиство од член 123 став 2 точка 2 и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 29 април, во семејниот дом во селото Арачиново, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот неговата сопруга. Тие откако се вратиле од прошетка и влегле во нивната соба, започнале вербална расправија заради брачни недоразбирања. Во еден момент, осомничениот 39-годишник се упатил кон подрумските простории во куќата каде што неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Берета“ со калибар 7,65 мм. Пиштолот го ставил во џебот од јакната и се вратил во собата каде што била оштетената. Двајцата сопружници продолжиле да се расправаат, а осомничениот го извадил пиштолот, го вперил кон оштетената со закана дека ќе ја убие и испукал еден куршум во задната страна на главата. По настанот, тој ја напуштил куќата. Жената давала знаци на живот и двајца сведоци ја пренеле во болница, но по приемот починала.
Осомничениот е лишен од слобода, а надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомниченото лице да влијае врз сведоците и да ја попречува кривичната постапка, како и можност да го повтори кривичното дело.