Соопштенија

Поднесено обвинение против службено лице од Воспитно-поправниот дом Тетово – одделение во Велес

Основното јавно обвинителство во Велес поднесе Обвинителен предлог против раководителот на Секторот за обезбедување – заповедник во Воспитно – поправниот дом Тетово – одделение во Велес, за сторено кривично дело Несовесно вршење на службата.
Обвинетиот се товари дека во својство на службено лице, откако добил известување за сторено кривично дело Силување на малолетник од страна на други штитеници во домот, истото не го пријавил до надлежните органи, со што несовесно постапил и сторил кривично дело.
Надлежниот обвинител презеде поголем број истражни дејствија по наводите за сторено силување во овој Воспитно-поправен дом, при што беа испитани повеќе лица вработени во домот, а по Наредба на надлежниот јавен обвинител извршено е и невропсихијатриско вештачење на оштетеното дете.
Што се однесува, пак, до децата кои го сториле кривичното дело Силување, Основното јавно обвинителсво во Велес веќе има поднесено барање за поведување на подготвителна постапка пред Судијата за малолетници во Основниот суд Велес и истата е во тек.