Соопштенија

Тројца осомничени за обид за убиство во Гостивар

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) и со член 22 од Кривичниот законик.

Тројцата осомничени заедно со еден малолетник, на 14 јуни, пред пицерија во Гостивар, се обиделе да лишат од живот едно лице. По банална расправија пред пицеријата, четворицата го нападнале оштетениот и со удари во главата и стомакот му нанеле тешки телесни повреди.

Постапувајќи по предлогот на надлежниот јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд Гостивар на тројцата полнолетни осомничени им определи мерка притвор во траење од 30 дена.