Соопштенија

Вкупно 26 лица во Скопје обвинети за непочитување на здравствените прописи

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 26 лица, обвинети за кривично дело  – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Еден од обвинетите не го почитувал изреченото решение со кое му била определена задолжителна самоизолација, додека останатите 25 постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија и без дозвола се движеле за време на полицискиот час.

Надлежните јавни обвинители за сите обвинети лица предложија да бидат изречени парични казни од по 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.​