Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, во координација со екипа на крим техника од Министерството за внатрешни работи, изврши увид на местото каде утринава е пронајдено тело на жена лишена од живот.
Настанот бил пријавен утринава околу 7 часот од син на жртвата, гостиварка на возраст од 60 години. Осомничен за стореното кривично дело е нејзиниот сопруг, 67-годишен жител на Гостивар, со кого жртвата подолго време имала нарушени односи. Според првичните сознанија на обвинителството, осомничениот ја нападнал оштетената, па со употреба на секира и нож ѝ нанел повеќе убодни рани по телото.
Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување и прибирање на траги од лице место, кои ќе бидат предмет на натамошно вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатата.
Осомничениот по извршеното кривично дело се дал во бегство и во моментов е недостапен на органите на прогонот.