Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, поради постоење основано сомнение дека го сторило кривичното дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот на 9.9.2020 година околу 18,45 часот, во Битола, додека се разминувал со оштетената, го фатил златниот ланец што го носела околу вратот и почнал со сила да се обидува да го скине. Бидејќи ланецот бил масивен и не се кинел, осомниченот започнал да ја влече и трга оштетената, ја соборил на тротоарот при што успеал да го скине ланецот во вредност од 120.000 денари и да го одземе со намера противправно да го присвои.
Во насока на обезбедување натамошно непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител кој постапува во предметот, до надлежниот суд поднесе предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице. Предлогот беше прифатен од Судот кој на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.